This post is also available in: Serbian

Поет на нова чувствителност*

Милан Ѓурчинов

Шопов веќе во почетокот на 50-тите години [од дваесеттиот век] стана еден од најистакнатите протагонисти на таканаречената „интимистичка лирика“ [Стихови за маката и радоста (1952), Слеј се со тишината (1955)], за со поетската книга Небиднина (1963) да започне со ткаењето на својата нова, веројатно најдрагоцена, линија на прегнантно и модерно заснованиот рефлексивен лиризам, која набрзо ги надрасна рамките на интимистичкото и стана компелментарна со модерните токови на македонската поезија. Стремежот кон сублимираното егзистенцијално искуство, кон неосимболизмот и сложената оркестрална метафорика – стануваат во текот на последните 20 години главни белези на новата Шопова поезија, од Небиднина кон Гледач во пепелта од 1970, сѐ до Песна на црната жена од 1976.

Лиризмот, сензибилноста, растреперената чувствителност остануваат и натаму битни белези на Шоповиот поетски ракопис, дури и тогаш кога во него се пробиваат нови тематски мотивски зачекорувања, кога се шираат пукнатините на темната и длабоката свест за поминливоста и кревкоста на постоењето. Во широкото поетско срце на Ацо Шопов имаше навистина многу топли лирски струи кои знаеја да затреперат и да се огласат и тогаш кога во виорот на војувањето ги испеа чувствителните стихови за ранетата партизанка и кога подоцна, во миговите на животните папсаности испишуваше сетни и меланхолични реченици за човечката осаменост и очај, и тогаш кога во неговите песни одѕвонуваа пошироки, поопшти преданија и историски искуства од сопственото тло, и тогаш кога, во текот на последната деценија од неговиот живот, се отимаше неговата нова песна за убавините и неспокојната судбина на црна Африка.

Поет на постојано и продуктивно вдахновение, во чиј простран опус и пред најригорозниот антологичар ќе стојат широки и драгоцени можности на избор, Ацо Шопов беше еден од најмракантните градители на македонската нова поезија.

Со смртта на Ацо Шопов новата македонска поезија остана без својот најнепосреден и најсензибилен поет.
_____________
* Инсерт од написот на Милан Ѓурчинов објавен во Политика, Белград, на 24.04.1982 Оригинален наслов: Песник нове осећајности — Смрћу Аце Шопова нова македонска поезија остала је без једног од својих најзначајних неимара. Овој инсерт е објавен во Дело 74, 1982, год IX, бр. 5-6., под наслов „Прегнатно и модерно заснован рефлексивен лиризам”.
_____________

Огледи и критики на Милан Ѓурчинов за делото на Ацо Шопов

Други огледи и толкувања на творештвото на Ацо Шопов