Вонредно сугестивен, мобилизаторски и ексклузивен поетски манифест*

Петар Ширилов

Штом се посомневаме дека секнуваат претскажаните резерви на златоносните жички на интимната лирика, за која неоправдано и без употреба на убедливи аргументи тврдевме дека се поистоветила со дестилираниот субјективизам, без позначајно естетско и општествено значење, добивме еден вонредно сугестивен, мобилизаторски и ексклузивен поетски Манифест, за раѓањето на зборот и песната: ја добивме небиднината од нашиот ненадминат лиричар Ацо Шопов, кој од темели ја измени топографијата за страсните патешествија по недоволно осветлените внатрини на духот, тој судбински извор кој своите светлини непрестајно ги насочува врз патиштата, облиците, целите и смислата на егзистенцијата на човекот. Тој манифест повеќекатно го оправдуваат конкретните поетски резултати што ги афирмира и брани. Првпат во нашата современа македонска литература добивме двојна вредност опфатена во своето творечко единство: оригиналната естетичка концепција на талентиран и зрел творец за суштината и обликовната моќ на зборот, ослободен од неговите формални лингвистички ознаки, и поетскиот резултат на тој и во таквата суштина сфатен и употребен збор, творечки укинат во песната. Има во ова дело една поетска импресивна инверзија од висок дострел и квалитет: да не се употребува збор за песната, пронајден по нејзиното раѓање, туку таа да се заокружи некаде во длабините и самата да се раскажува, како магична повест за едновременоста на поетските зрачења и нивното изразно обликување. Тој поетски манифест, за каков ја сметаме песната „Раѓање на зборот“ сета своја длабокосежност ја потврдува во циклусот „Молитви на моето тело“, и една од најубавите песни напишани од кога се помни, пишува и мисли на овој јазик, песната „Има долу една крв“.

Таа песна, таа крв, која ќе ве присили да се сетите, да размислите, да се гордеете и да тагувате, за сета јуначка и човечка, прапрадедовска, татковинска и наше крв, расточена по беспаќата на вековите, нерѓосана, неизгниена, насобрана и преобазена во свест, помнење, страст и повик, да не се изневери своето, човечкото, постојано да се повикуваме на неа, како на завет, како на праизвор за сите наши постоења, походи и порази, песна која ќе ви ја одгласи судбината на Самоиловото царство, машкоста и трагедијата на неговите воини, песна која одново ќе ги осмисли сите востанија на свеста и крвта, Карпошовски, Илинденски, песна која ги воскреснува времињата жедни за јуначка крв која еднакво струи и во победите и во поразите, песна во која најмоќно се обединува чувствувањето, судбината на националната душа, прометејски окована на сите распаќа до нејзините вистински светлини и слободи.

Тоа е најсурова, најмашка, најголема песна, во делото на Ацо Шопов и во македонската поезија воопшто! Еве ја судбината на овој народ обликувана во пет строфи, кои би можеле достојно да го репрезентираат творечкиот дух на нашата нација, нејзината смисла за голема, судбинска песна, во сѐ што може да опфати една светска антологија со најстроги критериуми составена. И кога би можела таа така да биде составена, современиот читател би ја добил длабинската слика за патиштата што ги поминала една нација борејќи се за својата егзистенција во просторот и против оние што ја загрозувале.
__________________
*  Овој инсерт е објавен во Дело 74, 1982, год IX, бр. 5-6. Насловот и изворот на оригиналниот текст, објавен во 1966 година, се непознати.