Данило Коцевски (1947-2020), македонски писател и книжевен критичар

Данило Коцевски (1947-2020), македонски писател и книжевен критичар

Поетскиот гениј на Шопов*

Данило Коцевски

Вредностите што ги создаде Ацо Шопов и денес се ненадминати. Не е пресилно да се каже дека сосема држат пошироките споредби со некои поетско-метафизички делови и карактеристики на Дантеовата „Божествена комедија“. И тоа според силата на поетската имагинација и симболика, на длабокиот засек и загледаност во темните петна на човековата егзистенција и метафизика. Само во поинаков контекст.

Неговата „Божествена небиднина“ досега сѐ уште адекватно не е анализирана. Тоа „слегување во пеколот“ е толку впечатливо и поетски разгрането, така што трите елементи, националното, лирско-интимното и религиозното, се нераскинливо сплотени во цврст амалгам. Националното („Има долу една крв“) е длабока, асоцијативно-рефлексивна и алегориска предлошка вешто поетски избалансирана, без емфатични тонови и директна реторичност. Тоа е изострено модерен стих, кој во себе ги соединува сите тие елементи. Лирско-интимното („да изгорам во јагленот на зборот, да се стопам“) е своевидно ехо на европската авангарда. Навидум, на религиозното („водата се враќа во фреска на ѕидот“) не му е тука местото. Но тоа е само привидно. Фреската и храмот се нераскинлив дел од нашата религиозно-метафизичка судбинска предодреденост, која за Шопов има исклучително значење.

1963-Nebidnina-Prvo-izdanieВо богатата биографија на Шопов некои детали се помалку познати или подзаборавени. Еден од нив е дека дипломирал чиста филозофија, па таа поврзаност многу зборува за особеностите на неговиот поетски дискурс. Метафизиката тука е сфатена во аристотеловска смисла како втора физика, односно постфизика, а уште повеќе во хајдегеровска смисла – како отуѓување на битието самото од себе. Во неговиот концепт се надминува метафизиката на западната цивилизација, која патем го загубила својот непосреден автентичен однос кон битието што ги имала во времето на Хераклит и Парменид. И уште повеќе – значаен е Хајдегеровиот концепт за уметноста, односно соодносот помеѓу „мислењето и пеењето“. Рефлексијата, мислењето се онтолошки категории и од нив директно зависи пеењето. Но не пеењето само во поетска смисла туку како творештво и уметност воопшто. Затоа, тој аспект на мислењето и пеењето е исклучително битен и кај Ацо Шопов и е особено значаен за двете негови стихозбирки, Небиднина (1963 г.) и Гледач во пепелта (1970 г.), иако постои и во другите стихови.

Шопов нагласено пее за „онаа страна од животот“. Токму таа страна, во овие две книги е доведена до климакс. Тоа е едно Дантеово-орфејско слегување по непознатите, темни скали и пространства на човековата егзистенција. Тој глас на Шопов, искажан пред повеќе години, и денес звучи свежо, но и зашеметувачки истовремено. Тој на особен начин ги слика таа историска отуѓеност и празнотија на битието што се наткрилува над егзистенцијата.

Метафизичката димензија е силно присутна во поезијата на Ацо Шопов, со највисоки вредносни дострели. Но, тоа не значи дека за тоа е заслужна само метафизиката, туку поетскиот гениј на Шопов.

_______________________

* По повод седумдесетгодишнината од објавувањето на првата книга на Ацо Шопов која е воедно и прва книга објавена на македонски јазик во слободна Македонија (Песни, 1944)

Илустрациите и линковите на оваа страница се од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов.