Поетска синтеза на животот

Анте Поповски

Поводот поради кој вечерва сме заедно тука е 70-годишнината од раѓањето на поетот Ацо Шопов. Во рамките на овој повод излезе од печат и мал избор (одвај педесетина поетски наслови) од творештвото на овој наш угледен поет, што го приреди неговата животна содружничка, Светлана Шопова.

Убав знак е ова, добра најава која не само што треба да се одбележи, туку и најсрдечно да се поздрави и поддржи. Нашата културна, па во рамките на ова и нашата книжевна традиција, се мошне скромни во оваа намисла. Нештата што се случуваат во домот и во односите меѓу пријателите − се детали од исклучително значење што имаат своја функција во појаснувањето на многу што во творечкиот чин, во гневот и во поривот на авторот, во неговите јавни надежи и скриени страдања. Многу ќе значеа и за нас, и особено за нашата историографија, можните записи што би произлегле спонтано од сопругите, од децата, од браќата, од пријателите па дури и од − душманите за еден Миладинов или за Прличев, за Мисирков или за Рацин и Вапцаров, за Живко Чинго или Никола Мартиноски, за Шопов или за Блаже Конески. Патем, тоа е литература многу популарна во други културни средини и постојано е актуелна не само во научно-истражувачка смисла − туку таа го задоволува љубопитството, ги одгатнува тајните, ги разврзува оние животни јазли што си имаат своја длабока смисла и суштина. Треба ли да се потсетуваме на неизмерните значења на сеќавањата на една Софија за нејзиниот сопруг Лев Толстој? На сеќавањата за Манделштајм? За Гомбрович? На написите на мајката на Јосиф Бродски, сеедно што е уште жив?

Aco Šopov : Ciel de silence, 1990. Édité par Svetlana Šopova.Затоа, оваа книга на Светлана Шопова, со релативно кусиот предговор што го придружува овој избор, е едно од пионерските дела кај нас. Јас длабоко жалам што госпоѓа Светлана Шопова не смогнала сили да ни предочи можни детали од биографијата на својот сопруг, кои да ги прокоментира и надополни од свој сопствен агол на гледање. Таквиот обид би бил од огромно значење не само како морален долг, туку и пред сè − како допојаснувања на сложената психобиографија на творецот, но и како допојаснувања на биографијата на времето во кое создаваше Ацо Шопов.

Светлана Шопова, во својот предговор од изборот од поезијата на Ацо Шопов се определила за наједноставна нарација и парафраза на некои детали од нивниот заеднички живот со Шопов. И, независно што тоа соопштено со исказ на висок сентимент и транспарентност (што е сосем сфатливо!), има во овие сеќавања и детали што прозвучуваат како неопходен коментар:

„Песните создадени пред да се сретнеме, вели Светлана, а станува збор за „Има долу една крв“ и „Лузна“, имаат нешто многу автобиографско. Тие две песни ја кажуваат свесноста на Ацо за својата судбина“.

Подоцна ќе додаде: „Раѓање на зборот“ е песна која кога ја пишуваше, како да се кинеше од него. Тоа беше песна која тој многу, многу долго ја носеше во себе и му требаше доста време за да ја стави на хартија. Тоа за него, всушност, беше својствено. Ацо многу долго ги носеше песните во себе и потоа наеднаш ги фрлаше на хартија.“

Светлана соопштува уште: „Долго доаѓање на огнот“ била напишана како пристапна песна кога бил избран за академимик и додава дека „тоа е време кога ги преведува сонетите на Шекспир и, мислам, дека постои голема поврзаност помеѓу оваа песна и стиховите на Шекспир“.

Навидум незначаен детаљ – меѓутоа, суштински е оној кога Светлана Шопова соопштува дека „Многу го погоди кога не ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за збирката Гледач во пепелта, бидејќи беше свесен дека е тоа антологиска збирка“.

Заминувањето на Ацо Шопов во 1971 за амбасадор во Сенегал, според Светлана , „e нова страница не само во неговиот живот, туку и во неговата поезија. Додава: „Заминувањето беше неминовно заради неговото смирување. Тој тогаш трпеше многу удари што не можеше да ги издржи ни физички ни психички.“ Дознаваме, од овој предговор, и тоа дека последната збирка Дрво на ридот е негова проштална книга која започнал да ја пишува кон крајот на 1976. „Го запрашав зошто избрзал со предавањето на збирката кај издавачот. Тој чудно ме погледа и ми рече: Па јас немам повеќе време…“

Зошто се задржувам на овие широки исписи од предговорот? Прво, одново за да назначам од колку битно значење можат да бидат некои детали не само за да се сфати и појасни – во случајов – песната, колку да се појаснат пошироките состојби во кои опстојувал и создавал творецот; и, второ, толку колку што е допуштено во вакви поводи, и самиот да влезам во кус коментар на некои од овие назначени песни.

Цели три децении Ацо Шопов ја насетуваше својата смрт, ја наѕираше неа „незаситна и жедна“, риеше таа низ неговата свест, го исполнуваше неговото јаве, го прогонуваше, му се закануваше, во отворен и продолжен разговор поетот и смртта стоеја едно покрај друго како денот и ноќта. Тоа се некои чудни тропања на црни коњи кои, во директен судир со поетот, ќе останат со лузни кои да им го осветлуваат патот во нивните ноќи без месечина. Залудна и трогателна човечка надеж…

Не случајно Шопов ќе го согледа црниот коњ на смртта. Во сеќавањата на сите народи црниот коњ му припаѓа на мракот, на ктонските подземни светови, тој галопира како крвта во вените. Коњот е архетип на ноќта, таа зад себе за оглав ги води смртта и месечината. Говориме само за богатата симболика на коњот, говориме за коњите на смртта, за подземната кратофанија, која во богатата духовна традиција од античките времиња и сè до денес се обликува де во демон, де во луња која пустоши и од која полазуваат морници во коските. Од Ригведите и сè до Езекил и четирите коњи на апокалипсата − се четири ужаси, четири стравотни облици на смрт. Во еден од тие облици исчезна и поетот. Сам со своите провиденија. Сам со својата судбина.

Во себе, во сопствената крв, секој голем творец, носи суптилен инстинкт, архетипски препис чии тајни науката сè уште не ги допрела и не ги одгатнала. Тој инстинкт е најфината материја, најеволуираниот облик материја, која како на екран пророчки ја предочува судбината на творецот. Ацо Шопов го носеше во себе тој инстинкт и ништо друго не му преостануваше освен да се потпре врз него и најрационално да го усогласи времето што му преостануваше со огромните задачи што му преостануваа да ги реши.

Затоа се фрли на зборот. Нè потсети на Сен Џон Перс, дека птицата на зборот ни чува нешто од песната на Создавањето на светот. Денес не е тајна: во ист час, во ист миг, човекот ги открил и огнот и зборот и неслучајно тие факти се стожер на поетската филозофија на Шопов. Животот, значи, доколку се обликува низ огнот и зборот − тоа би можело да биде единствена логика на една поетика што ѝ се противставува на смртта. Поетот и зборот се два глужда составени од иста материја. Затоа: глужд на глужд и камен на камен, зашто низ долгата еволуција она што ние го допираме како камен − е само привид. И тој камен некогаш му пеел на животот исто онака како што денес му пееме ние. Затоа чади ноќта и зборот се двои од темнината. Затоа модар јаглен му гори во утробата, затоа зборот ги крши сите слепоочници: „Својот гроб со прокуда го копам/ отвори ме/ проклетио ти тврдино камена/ да изгорам во јагленот на зборот/ да се стопам!“

Ќе биде тоа долга и беспоштедна битка да се осмисли зборот, да се подотворат неговите врати, да се насетат неговите тајни. Тоа е жестока борба во која почнува да болат не коските и не месата, туку крвта! Да се открие вистинскиот збор, тој заробеник и тој ветар, тоа раѓање и тоа лелекање, да ги издржи тие и такви страдања – може само оној поет кој самиот ќе се пресоздаде низ молитви во храм.

Во тој храм со тишини се лечи и низ светлина што ја носи девојка ли, жена ли, мајка ли − што ли?. Така, во „Третата молитва“ ќе се случи поетот со големи букви да поверува дека победува, но веќе во „Осмата“ тој одново стои под мечот на тишината, за да се инкарнира во она пред тоа што ќе го издигне на ниво на активна философема:

Ако носиш нешто неизречено,
Нешто што те притиска и пече,
Закопај го во длабока тишина,
Тишината сама ќе го рече!

Не случајно тоа. Секој меѓу нас живите, победувајќи ги сопствените страдања и немири, сами го потпишуваме она што го запишал Ацо: земјата притиска и тежи, прогонува: израмни се со мене!

„Последниве години, ќе запише по еден повод Шопов, поточно од Небиднина па наваму, сè повеќе ме привлекува проблемот на зборот сфатен како универзален поим, кој ги содржи во себе и сите други поими: земјата, љубовта, татковината. Во врска со ова, еднаш веќе реков дека поетот е тој што ја оживува онаа шума од зборови, прави дрвјето да чекорат и како глужд во глужд ги става зборовите замелушен од своите многубројни смрти на нивното вистинско место.“

И уште ќе додаде:

„Поетот во песната е како во пештера. Од мраз, како во непрегледна шума каде што, наместо дрвја, лежат огромни расфрлени и скаменети зборови. Тој е оној што треба да ги спаси од смрт, да ги разбуди од скаменетиот сон, да ја оживее шумата за да почнат дрвјата да одат.

Секоја песна е едно посебно откритие, посебно поетско сознание што не може да се повтори. Тукушто се затворил еден круг − треба да се отвори нов.“

Небиднините, значи не надоаѓаат случајно. Тие небиднини, болештини, злости, тие ужасни нешта што се населуваат во нас и што го крадат слухот, го одземаат видот, за да потоа му се обрати најхеројски на стеблото што самее на ридот и на кое му се обраќа со висок антологиски крик:

Кој ни ја досуди таа небиднина,
да бидам стебло – да бидеш песна.

Зошто? Тие се минуциозна синтеза на жесток циклус кој нè пресоздава од збор во стебло со прекрасни плодови. Тоа е морална транскрипција на животот, сопствен препис од мисла во глужд. Метафора чиј симболички простор ги надминува претпоставките за моќта на зборот. Мора да живееме во утеха дека утре некој ќе намине покрај нас и ќе ги допре нашите гранки. Ако ништо друго – тоа барем ќе се загледа во нас.

Сета таа поезија е исполнета со темни полноќни сонца. Песната на Ацо е откината од клунот на птиците, од гневот и невиноста на иконите, но и од громовите. Затоа таа песна и сонува да изгасне во огнот што го запалила самата.

Како голем подвиг, како хероика на животот доаѓа потоа таа Африка и тој баобаб, тој храм на мртва, таа смирена молитва за дожд, која проповеда дека земјата е сонце и дека сонцето е земја. Онојпат кога ќе се изнивелира температурата во Вселената – ние веќе ќе бидеме мртви заедно со поезијата, која проповеда дека светлината се преобразува во топлина а не обратно. Оттука тој оган и таа светлина во поезијата на Шопов.

Така надоаѓа бесконечниот предел на жената, еден од најинспиративните и највозљубени и драматски предели на судбината на Ацо Шопов: телото на жената − звукот на там-тамот, низ кој се покажуваат предци, таа жена – крвоток на сите можни океани и самата − песна над песните е повод и убавите предели на македонската поезија, точно од Ацо Шопов, да бидат причина за саноќ да плаче земјата, саноќ да се грчи − дури да зацрвенеат тие, да расцутат во огромни пожари на судбината.

Осамен и загледан во океанот, Шопов ја прелистуваше судбината на својот народ, отпрво доаѓајќи до заклучок дека океанот е огромен, а човекот мал. И каква прелага: еден мал човек стои на брегот и во мислите ги довикува галиите на своите непознати предци, за да согледа дека сè е завиено со едно црно и огромно ништо, дека ненапишаната историја на својот народ − ќе се превозмогне поради фактот дека: човекот е огромен, а океанот − мал! Тоа можеше да го каже само поет за чии размери ние сè уште не сме свесни: светот не е поголем од збор, цени Шопов, обраќајќи ѝ се на татковината овојпат како на – жена! Што сето тоа значи преведено на прагматичен јазик – во вакви поводи не се говори:

Тука ме повика исконската страст
да ја пронајдам својата праслика,
изгубена но жива како вдахновение.
Па оставете ме. Оставете ме тука.
Тука ме доведе Моето провидение.

По сето ова, мене и вам, заедно со мене, ни е доволно да гледаме во сонцето, што заоѓа зад нас. Проколнатото Дрво на ридот − огромен трансцендентен учебник кон татковината. Него ќе го оставиме само и натаму. Нека стои тој императив за потомствата. Таа висока архитектура на македонскиот патриотски стих.

Неколку од овие наши средби во последно време на тема − македонсска литература, се средби на оние што се повикани да судат за големите загуби што ја снајдоа нашата литература, но тие се средби и на голема восхит и гордост што сме имале среќа во животот да им бидеме врсници, пријатели или другари на оние кои, со сигурност, во поновата духовна историја на својот народ влегоа како нејзини втемелувачи и нејзини градители. Повеќето меѓу нас, значи, имавме среќа да испиеме чашка вино или кафе со нив, да поразговараме и размислуваме заедно со нив, да создаваме и самите во исто време дури создаваа и тие, заедно со своето писмо да ја крстосуваме Македонија и нејзината историја, и особено сите заедно да сонуваме благороден и убав сон за иднината на татковината и за иднината на нејзините потомства. Ја одбележуваме, значи, небиднатата, во случај − хипотетичка 70-годишнина од раѓањето на поетот Ацо Шопов.

Размислувајќи за оваа средба, и тука не можам да не си го поставам прашањево: зошто и кои се вистинските причини поради кои ние во повеќе наврати и низ повеќе облици одново сме заедно и одново по ист повод? Причината за ова, ми се чини, се крие во нас самите: тоа е израз на голем напластен страв поради историската осаменост на нашиот народ, па сеќавањето за големите загуби нас сè повеќе нè обединува. Но, тоа е израз, исто така, на еден внатрешен порив да се надомести барем во дел благодарноста кон оние македонски писатели кои по силата на нивниот творечки чин означуваат и етички и естетски прототип на својот народ. Сè заедно, тоа е обид и за сопствена преоценка како творци во новата историска ситуација во која се најде нашата татковина.

Македонскиот опит поучува дека заборавот на сопствената историја резултира со последици на вистинска пустош. Ние знаеме дека минатото не е поубаво од нашата сегашност, но исто така знаеме дека во Голготите на нашата историја се содржани и моралот и сензибилитетот на народот на кој му припаѓаме. Во ниеден момент на тие Голготи македонскиот писател не застана понастрана од својот народ: Прличева го замени Мисирков, речиси истиот час на погибијата Рацина го заменија Блаже, Шопов, Славко… Тоа беше време кога се проектираше новата историска реалност на Македонија во која слободата беше единствениот императив и единствената религија. Тоа што сè уште понекој меѓу нас Аца Шопов го паметиме во неговите војнички цокули и шинела е само потврда на тоталната идентификација на писателот со историјата на неговиот народ.

Генерацијата писатели на кои им припаѓа Ацо Шопов е генерација на модерната духовна преродба на Македонија, и таа генерација единствана, во име на сите потомства пред неа и во име на сите потомства по неа, ја имаше историската среќа да биде сведок на големиот чин на ослободувањето на Македонија. Во овој факт се содржани многу појаснувања за бројни загатки: во првата етапа пеењето на Ацо Шопов го содржеше она што го гледаа очите и допираа рацете. Тоа беа звуци што јасно се слушаа. Целта беше: зборот ефикасно да ја изврши својата основна функција: слободата во тие мигови не се поимаше како филозофија или идеја (Октавио Паз), туку и пред сè како движење на свеста кога да се каже да, а кога – не! Нешто подоцна започна процесот на неговиот лирски солипсизам, кој се издели од општите текови, му стави крај на митот на пеењето во еден глас, се определи за елегичниот лирски напев. Но неговата поезија, колку ѝ да беше приватна религија – таа влегуваше во составките на моралот на неговиот народ.

Верувам дека сум во право кога помислувам дека Ацо Шопов му даде словенска душа, словенско чувствување на модерното македонско лирско пеење. Не само поради јазикот на кој пишуваше, туку и пред сè во осамата, во молитвите, во светоста и неосквернетоста на неговиот збор, во драматиката на болката што ја поднесуваше недопуштајќи да ја сподели со никого, туку чувајќи ја како сопствена реликвија − Ацо Шопов во македонската поезија откри простор населен со меланхолична инкантација, простор на елегија од сите страни заграден само со тишина и молк.

Од Гледач во пепелта и сè до крајот на својот живот, Ацо Шопов настојуваше на својата песна да и обезбеди услови на тотална изолација од маргинални импулси. Неговата песна почна и самата да граничи со тишина, да ги презира појаснувањата, да станува осамен остров од кој се распознаваат само одломки на голем поетски сон. Ацо Шопов во македонската поезија проповеда поглед што се потпира врз апсолутно сензуелна материја, во стихот насели молитви, мирис на темјан и восок, извиши препознатливи кубиња соѕидани од бестелесна материја. Во еден миг, застанат помеѓу историјата и митот, Ацо Шопов се загледа во пепелта и со пламенот на неколку поетски редови го проби и временскиот ѕид:

…Тишината сама ќе го рече.

Загледан во пепелта, него го довикуваа трагите на огнот: како испосниците, како пустиножителите и самиот се хранеше од светоста на пепелта несонувајќи за вечност, туку за сопствено воскресение: со децении неговата болест нагризуваше сè телесно во него, црниот коњ на смртта, тој далечен архетип на мракот − ја разнесе сосем надежта на поетот и го фрли во прегратките на вистинска трогателност и очај. Тие зла, тие ужасни нешта што се населуваат во нас, што го одземаат видот, што го крадат слухот, ќе бидат предизвик за нашето поистоветување со осаменото дрво на ридот, во кое се вооплотува:

Кој ни ја досуди таа небиднина
да бидам стебло − да бидеш песна…

Оваа минуциозна транскрипција е морална поетска синтеза на животот, препис на својата мисла во глужд.

На задната страница на овој избор од поезијата на Шопов е отпечатена фотографија, која многу зборува: Ацо Шопов, одвај по една недела, ќе имаше 70 години. Елегантен, одмерен во црно долго зимско палто, со неговите две лесно препознатливи раце: едната со една бесконечна цигара која никогаш не згаснува и другата секогаш готова да прифати женска рака, за да ја бакне. Таков морал и таква дарба, таков поет можеше да роди само народ каков што е македонскиот. Му се извинувам на поводот, но место е каде што мора да се предочи: македонскиот капитал е – духовниот капитал. И доколку тој не се финансира од државата − тогаш тоа е аморална категорија.
___________________
Беседа изговорена на промоцијата на книгата од Светлана Шопова Долго доаѓање на огнот: Песните-живот,