This post is also available in: Serbian

Модерна поетика и поетска космогонија*

Миливоје Р. Јовановиќ

[…] Во сите фази кои претставуваат силно нурнување на поетот во сопствената свест и длабината на јазикот, очита е намерата на поетот да изгради модерна поетика и поетска космогонија.

Во поетовата свест се јавуваат безброј нерешени и недоречени прашања. Ацо Шопов ги чувствува сите дамари на животот, тој на нив свикнал и тој ги разбира, но само убавината е таа пред која останува восхитен. Пред нејзината појава поетот чувствува дека ќе изгори во пламенот на воодушевувањето, и како „неизбежната нејзина сила судна“ си игра со човечката душа, напојувајќи ја на своите пречистени извори до потполно опивање со разнеженос и добрина.

Ацо Шопов секогаш знае дека кога ќе се замрачи небото на видокругот, треба да ѝ се вратиме на убавината и во допирот со неа да доживееме преобразување. Поетот ќе моли за нова стрела на неповторливото доживување, која ќе го запре секој празноид што во животот се прави, не би ли засекогаш останал блесокот од молњата на убавината од судирот со грдото. Тој тоа не го чувстува само во себеси и само за себеси, тој тоа го сака и бара за сите, го преминува патот од личното кон општото и со тоа го започнува својот сигурен ôд во третата фаза на поетското творење.

Жарот на младоста што се распламтува со секој нов ден, предизвикува во поетовата свест постојано присуство на крајот. Но, таквата мисла е потисната настрана, но не е прогонета од катадневниот живот. Поетот е во сегашност во која се огласува младоста зашто секое утро се буди „млад како сонце“, а тоа е доволно за да се почувствува богат за една нова надеж, која веќе низ траењето на денот ја искраднат и отмат ситните глодавци на секидневјето. Во песната „Младост“ поетот убедливо докажува дека го познава тој со времето истакнат пат по кој доаѓаат настаните или најавите на големите настани, па чувствува дека низ ведрото утринско небо што го носи во себеси се објавува „мислата една низ ведрината“, а лирскиот субјект му донесува темни расположенија.

Меѓутоа, Шопов не ѝ подлегнува на ламентацијата ниту на искушенијата на прозаиката. Тој поседува активна творечка свест, која му овозможува да биде критичен спрема изговорените зборови и да ги избегне искушенијата на лесноречивоста. Само на тој начин Шопов успева непрекидно во својата поезија да ги варира основните проблеми на битието, егзистенцијата и времето перманентно да остварува нови поетски можности, на веќе остварените симболи да им придодаде нови, поуниверзални значења, преиспитувајќи се себеси и поезијата истовремено.

Врската меѓу животот и поезијата се чини едноставна во неговата лирика, зашто е тој поет на непосредна инспирација, лирска носталгичност, но и поет кој законитостите и можностите на поезијата постојано ги истражува. Во неговата песна константно се проектира целокупната негова личност, а да, како што видовме, во исто време не се укинуваат и некои пошироки релации.
_______________
* Овој инсерт е објавен во Дело 74, 1982, год IX, бр. 5-6. Насловот и изворот на оригиналниот текст, на српскохрватски, објавен во 1977 година, се непознати.