Поетската слика кај Шопов*

Лидија Капушевска–Дракулевска, македонски теоретичар на книжевноста

Лидија Капушевска-Дракулевска

Секоја средба со поезијата на еден поет од форматот на Ацо Шопов претставува истовремено и предизвик, и соочување со едно, по малку поразително сознание, дека за таа поезија веќе сѐ е кажано; но, сепак, како да останува потребата одново сѐ да се каже. Изборот на песната „Во сонот на црната жена“ од стихозбирката Песна на црната жена (1976) за оваа пригода, иако е сосема случаен, истовремено се чини и наполно оправдан, зашто, спомнатата песна има поетички карактер, колку и да звучи претерано и пренагласено на прв поглед. Видливо е тоа во специфичната ацошоповска поетска визура и нејзиниот исказ.

Поетската слика е еден од суштинските елементи на поетскиот феномен, воопшто и таа му е својствена на поетскиот дискурс од искони; истовремено е еден од најмногузначните и најнеопределените термини во науката за литературата; може да се однесува или на стилските средства односно на тропите, или на композицијата на книжевното дело. Таа се промислува како сетилен елемент, истовремено присутен и во поетското дело и во поетското доживување.

Песната „Во сонот на црната жена“ е љубовно-еротска песна и таа е созвучна на песната „Црна жена“ од Леполд Седар Сенгор, која, патем речено, токму Шопов ја има приопштено на македонски јазик. Песната има, истовремено, и пејзажно-субјективен карактер, натаму, езотерично-мистична аура, како и една метафизичко-филозофска смисла. Најмногу е сродна со поетиката на симболизмот, и тоа, поконкретно, со онаа линија на интимно-пејзажна лирика од верленовски тип, која тргнува од Бодлер и неговиот spleen, како и со линијата на специфичниот „егзотизам“ од бодлеровски вид, оној кој се евоцира со посредство на описите на жената.

Исклучително рафинираниот поетски портрет на жената, веројатно претставува еден од најдинамичните и најкомплексните аксеолошки центри на поетскиот семиозис на Ацо Шопов. Стереотипот на жената кај Шопов не е ништо друго, туку поетски инструмент за сугерирање на дефинитивната диспаратност на светот на реалноста од светот на фикцијата, или еден од повеќето можни аспекти на поетовото суштинско недоразбирање со околината. Оттаму и двојната, двополна, екстремна антиномичност на mit hos-от на жената.

Во спомнатата песна постои директна идентификација на жената со објекти и сензации од најразлични домени (од земни плодови – „црна маслина“, до небески тела – „црна луна“, од природни појави – „крвоток на океанот“ до апстрактни поими со архетипско значење – „звук од там-тамите“), за конечно да кулминира во аналогијата со песната:

Сега разбирам зошто не успеав да ти испеам ниедна песна,
зашто самата си песна над песните.

Очигледен е трансферот на „црната жена“ – и покрај егзотиката на телото условно сфатена како ознака на земното, материјалното – во апотеоза на совршената, идеална, апсолутна Жена-Песна.

Симболизацијата на песната, односно на пеењето како предмет на песната, по пат на нејзиното идентификување со жената, како типично симболистички манир, постои веќе во циклусот „Небиднина“ (од истоимената стихозбирка), а слична конотација, во смисла на сеприсутност и трајност во визијата на поетот, ја има и синтагмата „црно сонце“ (од истоимениот циклус во збирката Гледач во пепелта); и „црното сонце“, имено, е и „земја“, и „песна“, и ,,жена“, и „живот и смрт“. И во песната „Во сонот на црната жена“ злокобниот карактер или суицидната смисла на жената/песната/сонот е експлицитно нагласен (во смисла на: „црни магии“, „црна луна“, „најстрашна буна“), а лирскиот субјект е „исплашен“ и „вџашен“. Впрочем, „светото истовремено и застрашува и блажи” – вели Мирча Елијаде. Поетската реч кај Шопов, како и жената, истовремено „разболува“ и „лекува“, спасува и убива. На тој начин, „црната жена”, таа femme fatale, ги добива атрибутите на небиднината и на црното сонце. Оттаму нејзиниот арс-поетички карактер.

„Веќе протоисториските култури на источното Средоземје сведочат за убиствената димензија неделива од женскоста“ – пишува Жак Брил во својата студија Лилит или Мрачна мајка. Токму Лилит, како олицетворение на суштинската врска меѓу женското и демонското ја претставува архетипската матрица на жената-заводничка кај Шопов, неговата неодолива Муза, мајка, љубовница и наречница; таа го синтетизира светлосното и хтонското и ја презема функцијата на поврзувачка нишка меѓу небото и земјата, човечкото и божественото, материјалното и спиритуалното, Еросот и Танатосот; таа е „светлина темна што ме води по патека опасна и тесна“ – како што вели лирскиот субјект очигледно во дослух со алхемичарската симболика.

Не случајно жената е „црна“: според традиционалната симболика црното одговара на кинескиот Јин, на женското, земското, интуитивното, мајчинското, лунарното. Самата црна боја е противречен симбол и упатува не само на смртта и на злото, туку и на животот што е во зародок – во темнината на мајчината утроба, или во утробата на земјата. Грчкиот бог Танатос носел црна наметка. Смртта, во древните претстави, понекогаш е фигура којашто удира на тапан или којашто танцува, а токму со таков реквизитариум оперира и нашиот Шопов; танцот, играта, пак, од своја страна, ја симболизира космичката енергија и хармоничност.

Завршната слика сугерирана со стиховите:

неусетно паѓам и тонам во твојот сон
како афричко сонце во океанот,

повторно се темели врз принципот на аналогија и асоцијативност. Визијата на смртта, по идентификацијата со жената и поезијата, на крајот ги добива контурите на сонот како премин од една во друга состојба на духот и тоа заминување на лирскиот субјект токму во сонот на црната жена имплицира конечно спојување на машкиот и женскиот принцип во име на повторно воспоставеното првобитно единство на светот. Оттаму и насловот на стихозбирката е Песна на црната жена (НА, не ЗА). Кругот е затворен: лирскиот субјект конечно се споил со својот предмет. Ако поетската визура на жената во претходните стихови потекнуваше од доменот на четирите класични елементи (земја, вода, воздух, оган), на крајот, преку сликата на сонот, поетот го додава и петтиот: превезот на тајната, енигмата што ги покрива другите четири.

Спектарот на поетски слики (ако поетската слика ја сфатиме како „средство за засилување на впечатокот“ – (според зборовите на Виктор Шкловски), техниката на претопување на сликите (како што би рекол Хуго Фридрих) како постапка кулминира во завршната поетска визија на сопственото конечно исчезнување, „слевање со тишината“, молкот – успешно доловени преку сликата на умирањето на денот и преминот од светло во темно, од соларниот кон лунарниот принцип, од состојба на будност (живот) во состојба на сон (смрт).

Истата возбудлива и крајно емотивно обоена драма се одвива и надвор (во природата) и внатре (во човекот); макро и микрокосмосот кореспондираат меѓу себе. Оттаму и хармоничниот и смирувачки тон, и покрај благата, суптилна резигнација и меланхолија. Шопов успеал исклучително сетилната перцепција да ја транспонира во зоната на мислењето и поетската филозофија.

Не случајно, нашиот поет го одбира сонот како завршница, зашто сонот, тоа автентично чудо, претставува наполно оригинално и неповторливо човеково искуство. Конечно, сонот на својот ноќен пат, слично на црното сонце, ги отвора портите кон некои други светови отаде рационалното сознание и ни нуди спиритуална средба и со смртта како дијалектика на животот.

Да спијам, да спијам, а не да живеам сакам.
Во еден сон што е преполн како смрт, со сладост

 – пеел Шарл Бодлер;

Cпиj
вечноста е тој сјај, тој недоглед

– порачува и српскиот поет Душан Матиќ;

јас сум твоја ноќ и твоја вечна луна,
биди спокоен, тука ќе векуваш

– читаме кај Шопов.

Според традиционалната симболика, луната е господарка на соништата: таа е симбол на цикличното обновување на светот, на преминот од живот кон смрт и од смрт одново кон живот. Овде на упатениот читател му се наметнува аналогија со еден од најхерметичните француски поети од XIX век – Жерар де Нервал – и неговиот мистично-езотеричен сонет „Артемида“. И Артемида, имено, како божица на ловот и негибнатата природа, но и на изненадната смрт е божица на Месечината; таа кај Нервал, во сообразност со неговиот концепт за еден комплексен женски лик е божица-мајка-љубовница, „прва и последна дама“, „Светителка на Бездната“, „најсвета на светот“, слично на „црната жена“ кај нашиот поет.

Поетската авантура на Шопов допрва започнува во незнајните, во таинствените и немерливи за човековиот дух предели на сонот. Крајот имплицира нов почеток. Завршницата на песната ја сугерира идејата за патување (номадство) како имагинарно бегство од реалноста. Уште во песната „Кон галебот што кружи над мојата глава“ (Слеј се со тишината, 1955) лирскиот субјект експлицитно, во стилот на еден Бодлер, признава:

Јас сум лотка, осудена
на судир со непознатото.

Доброволната поетова определба на страната на неспокојот, немирот, непознатото, непредвидливото, треба да се сфати и прифати не како проклетство, казна, туку како предност, повластена позиција резервирана само за посветените. Зашто, поетот ја познава тајната: тој умее на магичен начин да ги венча спротивностите. Знае дека исчезнатиот тон е посилен и потраен, бидејќи е прекриен со превезот на тајната, која, сама по себе е волшебна; знае дека само во тишина на вистински начин може да се проговори за мудроста на егзистенцијата.

Затоа оваа песна е песна за надежта во постоењето во кое нема место за песимизам, за деструкција. Копнежот за живот е исто толку залуден колку што е и неуништлив по својата природа. Англискиот романтичар Џон Китс со право верувал дека насликаните сцени на грчката ваза вечно ќе траат, и покрај краткотрајноста, миговноста на случувањата. Нешто слично изјавил и Езра Паунд: „Персоната на еден поет“ – вели тој – „може да се идентификува со текстот. Тоа значи дека Хорациевиот multa pars на поетот, оној дел што ќе ја победи смртта, тоа е текстот. Да се воскресне, значи да се биде читан“.

Лириката на Шопов сѐ уште се чита и емотивно и филозофски се доживува. Овој собир сфатен како дијалог со таа лирика е најубавата потврда, можеби, за тоа дека и во непостоење поетот живее. Ацо Шопов, „гледачот во пепелта”, тој дискретен господар на „тишината”, опстојува во својата „небиднина“ и спокојно векува „во сонот на црната жена“…

____________________________

* во актите на XXX Научна конференција на XXXVI меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура (Охрид, 11-13 август 2003 г.). – Скопје : Универзитет “Св. Кирил и Методиј”, Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, 2004, стр стр. 565-570, и во  Животот и делото на Ацо Шопов.- Скопје: МАНУ, 2005, стр. 231-236.