Изградената поетска личност на Шопов*

Доне Пановски

И кај Ацо Шопов, како и кај Славко Јаневски, видливи се два периоди во неговото поетско творештво. Во првиот спаѓаат книгите Песни (1944), Пруга на младоста (1946, заедно со С. Јаневски), На Грамос (1950) и Со наши раце (1950). Песните од овие книги ги карактеризира тоа што се пишувани под најнепосредно влијание на народната лирика, во нив поетот пее за настаните на денот, за патриотски мотиви и за чисто интимни мотиви на еден познат, конвенционален начин без поголемо задлабочување во суштината на поетското каква што ќе најдеме во подоцнежната поезија на овој лиричар. Меѓутоа, уште во тој период се забележува заокружување на поетско-лирската фигура на Ацо Шопов. Незаборавни ќе останат двете убави песни „Љубов“ и „Очи“ од стихозбирките Песни и Со наши раце во кои дошол до најсилен израз поетовиот творечки темперамент, во кои Шопов е суптилен лиричар, а неговиот стих здив на една созреана внатрешна сензибилност. Овие две песни и сега претставуваат едни од најубавите напишани во македонската поезија воопшто.

Вториот период на Шопов го сочинуваат трите книги поезија Слеј се со тишината (1955), Beтрот носи убаво време (1957) и Небиднина (1963) во кои поетот објави песни кои суштински претставуваат една друга поезија, содржински надоврзана кон истите лирски мотиви што беа присутни и во поранешните негови книги, но по својата надворешност, по формата, тоа се стихови современи, од нив зрачи современ поетски ритам, мислата е сокриена во стихот со доволна субјективна напоеност. Сега веќе Ацо Шопов ја остава класичната форма, на својата поетска мисла не ѝ спротивставува никакви конвенционалности и таа запливува слободна, носена од сопствената структуралност хипертрофирана од цврстиот став на поетот. Но и тука Шопов не е ослободен (барем во поголем дел песни) од влијанието на фолклористиката. Само што тука тоа влијание е сведено сосем на одвај забележлива присутност, тоа дури не игра некоја позначајна улога во целосното формирање на поетот како творец, како што тоа беше случај во неговиот прв период. Поезијата од трите негови последни книги има една друга насоченост, свртеност на поетот кон сопствената внатрешност, кон најинтимното во човекот. И при тоа нема никаква дигресија од таквата поетова ориентираност, туку тој со секоја понова од трите книги направи по чекор повеќе во вникнувањето на таа внатрешност. Поради сè посилното понирање во најинтимните чувства, поради сè посигурното чекорење внатре во човекот, Ацо Шопов претставува една заокружена, формирана поетска личност, суптилен лиричар. Од неговите стихови зрачи една флуидност, тие на места се појавуваат како чудесна лапидарност и освојуваат по својата блискост до читателот.

II 

Љубов

Љубовта се раѓа на едно поинакво место. Поетот ѝ се обраќа на саканата со една резервисаност во оглед на берењето на плодовите од таа љубов. Песната доаѓа како полет на птица, како навев на мисла, како мирис на роса. Таа доаѓа чиста, флуидно, доаѓа како дел од едно сознание кое ќе остави длабоки траги во душата на поетот. Песната доаѓа онаму каде што доаѓа една поинаква љубов, каде што се раѓа еден поинаков живот:

таму –
кај борци за зори јасни
за живот
во смрт без жалба минат, –
другарко, таму љубовта расне!

таму песната за „бунт збори“, таа повикува на една ситуација која има за цел да се спротивстави на старото, назадното, на сè она што ја негира љубовта. Песната претставува една искрена поетска воздишка. Но таа не е сентиментална, туку акциона, поведува на една состојба на спротивставување против она што се обидува да ја негира љубовта како потреба, како сознание и како зближување.

Очи

Загинувањето на хероињата станува вистинска легенда меѓу борците. Нејзините очи стануваат водач на изморените борци и тие не можат да го заборават нивниот сјај, нивната човечка добрина, нивната ненаситна жед за живот, за сонце и смеа. Тие очи стануваат судбина на борците, зашто заживуваат еден подруг живот, тие стануваат предвесници за едно ново утре, тие се способни да им дадат сили на борците да истраат. Можел ли поетот да испее поубави стихови за очите? Присуството на хероињата станува поцврсто токму по нејзиното исчезнување, онака едноставно, ненаметливо како што се случува во животот. Ние носиме со себе еден недостаток од кого никогаш не ќe можеме да се ослободиме: ја сфаќаме вредноста на нештото откако ќе го изгубиме, откако ќе ни избега од нас. Борците ја сакаа својата другарка, таа беше постојано со нив, но кога една вечер ја изгубија − тогаш за сите стана повидлива нејзината фигура, таа дури тогаш почна да живее меѓу нив со една поголема цврстина.

По својата интензивност и способност да импресионираат, по нивната спонтаност и изворност, како стиховите од оваа песна јас не можам да најдам во никоја друга песна на поетот Ацо Шопов, ниту кај било кој друг наш поет.

Крај граничната меѓа

Со книгата На Грамос поетот Ацо Шопов се оддолжи кон својот народ, посветувајќи му ги своите стихови на луѓето од јужниот дел на татковината. Големата трагедија на тие луѓе го трогна и чуствителното срце на поетот и тој низ една низа искрени стихови прозбори за судбината на овие луѓе. Меѓутоа, во песната „Крај граничната меѓа“ поетот како да ги изрече своите најубави стихови инспирирани од оваа тема.

Граничару, срце смело,
слези скокум преку брана,
прифати му мртво тело,
пренеси го в наша страна.

Преку границата е убиено дете. Невидно, егејско дете. Какви што се убивале на многу други места. Патриотското чувство на поетот најде најсилен излив при обраќањето кон чуварот на границата во слободниот дел на татковината, тој не сака ни мртво дете да остане онаму каде што не можело да остане ни живо, онаму каде што „враг го гони“. Импресионира поетовата загриженост и љубов кон несреќното дете, кон морбидната ситуација на чии несогледливи брегови исплива уште едно мртво дете. Песната фасцинира со топлината што зрачи од неа, со спонтаноста која ја прави блиска.

Во тишина

Тишина како феномен, како егзистенционална категоризација отсекогаш ги привлекувала поетите. Многумина во неа наоѓале места каде што можеле да се ослободат од бремето на секојдневноста, да заборават на сè она што ја притискало нивната егзистенција. Но ги има и такви кои кон тишината се обраќаат преку една интимност и од неа бараат таа да остане дел од нивната свртеност кон сопствената внатрешност. Со стиховите

Ако носиш нешто неизречено,
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина
тишината сама ќе го рече.

поетот Ацо Шопов се обраќа кон тишината, заправо ја сфаќа тишината како ситуација која нема ограниченост, која не може да се опфати и на која не можат да ѝ се определат нејзините вистински димензии. Таа се јавува во различни ситуации, а според тоа и во различни димензии и самото инсистирање нешто да ѝ се рече на тишината и потоа да се побара таа сама да го рече, не е ништо друго туку само укажување на фактот дека всушност самото кажување на нештото на тишината е и кажување на тоа нешто кое ниту тишината не може да го задржи.

Ах, таа убавина

Убавината се јавува онаму каде што можеме да ја најдеме, да ја согледаме, да ја откриеме. Силата на нејзиното дејство врз нас пак зависи од нашата готовност да ја прифатиме, да ја примиме. Убавината е состојба кога забораваме на себе и кога се оддаваме потполно кон предметот, објектот од кого ја согледуваме убавината. Таа може да се јави секогаш, секому, секаде. За Шопов убавината е „диво во крвта завивање“ и „разгаленост“, па поетот посакува да нема смирување, таа секогаш дава сили за издржување. Таа навлегува во сите дамари, разбудува сè. И не е чудно кога поетот вели: „па крвта е моја светло разденување“. Во време на сознанието за убавината и по нејзиното исчезнување, човекот може да биде посигурен нешто повеќе за суштината на сопственото суштествување, за оправданоста од неговото физичко постоење. Тоа е положба од која долго не сакаме да се одделиме.

Кон галебот што кружи над мојата глава

Човекот претставува засебен свет во кого што нема пристан за друг свет. Неговото откривање не може да се постигне никогаш и тој сè повеќе станува засебност која е таинствена, непристапна. „На човекот животот му е даден да го чува под апсолутна строгост“ (Дикенс). Ниту самиот човек не е во можност да ја открие сопствената внатрешност, својата интимност, ниту тој не може да ја осознае докрај својата сопствена суштественост. Секогаш неговата индивидуа ќе се наоѓа во неизвесност, во непостојаност, во ситуација која не завиcи само од него, туку од ситуацијата во која тој се наоѓа. „Јас сум лотка, осудена/ на судир со непознатото“, вели поетот Ацо Шопов. Поетот ја сфаќа суштината на таа исконска човекова изнемоглост да навлезе до најтемните (воедно и најсветли) денови на својата суштественост. И себе си се согледува како разбранета лотка која плови по таинственото, по непознатото. Тоа не е никаква резигнираност, никаква фаталистичка замка. Тоа е само една поетска визија, и претстава, за смислата и суштината на човековото суштествување.

Јас и мојот пријател

Како што си денес не си бил вчера и нема да бидеш утре. Минливоста е присутна во она што се одигрува сега, во она што се одиграло вчера и во она што ќе се одигра утре. Тоа е законот на вечноста против кого не сме во состојба ние луѓето да сториме ништо за негово изменување. Тој работи во нас, надвор од нас и независно од нас. И кога еден ден ќе станеме свесни за тоа, согледуваме дека нешто многу од нас избегало, отишло во неповрат. Еднаш поетот во паркот сретнал непознат човек. Го сретнал човекот, пријателот од детството, и тој сега како да гледа непознат човек. Поминале долги години и човекот заборавил на својот пријател, тој се изменил и сега веќе станува непознат за својот пријател. Тоа минливоста оставила трага врз неговото суштество. Минливоста остава трага врз нас во секој миг, во секоја средба, во секоја разделба. Секогаш и секаде. Само таа е бесконечна.

Излези

Присуството во пејсажот, престојот во полите на пределот отсекогаш привлекувало со својата примамливост. Понекогаш човек навистина посакува да биде сам во пејсажот, да размислува за себеси, за светот и настаните во него. Пејсажот ја има онаа привлечност која понекогаш знае да нè обземе потполно, да завладее со нас, да го скрене нашето чувство во нова, чиста насока. Но некогаш тој тоа насочување го скренува и во тажна, меланхолична линија. Но сепак, самото чувство дека се наоѓаме во пејсажот претставува за нас олеснување, ослободување од некакво бреме кое надвиснало врз нас и остава тешки траги. Поетот Ацо Шопов во оваа прекрасна песна вели:

Ќе те писне ветерот, ќе проструи свежина
и ќe здивнеш слободен од некаква тежина.

Пејсажот отсекогаш привлекувал. Тој секогаш ја има таа волшебна моќ да примамува, да фасцинира. Живеењето со чувство на пејсажот открива нови сознанија, открива нови убавини.

Песна

Поетите отсекогаш се искрени кога зборуваат за себеси. Меѓутоа, нивната искреност станува уште повеќе изразена кога тие се обраќаат кон својата песна. Песната за поетот претставува негова најверна слика и затоа обраќањето кон неа всушност е и обраќање кон себе. И оттука таа чиста искреност, тоа нежно обраќање кон песната. За Шопов неговата песна е „земја неподатлива и тврда“, потоа „нема статуа на столот“, таа е „небо“, „ѕвезди снопје“. Но, секогаш едно сознание и една присутност повеќе за поетовата стварност, една интима повеќе во неговото поетско присуство. Овој вид песни ја имаат најискрената нота на поетовото пеење, тие се најимпресивни во поглед на сфаќaњата на поетовата креативна натура. Тие се создавани во моментите на најтајната интимност, на најскриената длабина на поетската душа. Тие се вистински излив на поетското чувство. И оваа песна на Ацо Шопов ги содржи сите тие вреднувања, сите тие одбележувања.

Да знам

Но убавината кај Шопов се јавува и во една една друга категоризација. Тоа е „вистинско мачење“. И тука поетот доаѓа до конечното сознание дека убавината како дефинитивна категоризација не е можно да се класифицира, да се опфати. Таа се јавува во непостојана форма, возбудува, за потоа пак да исчезне исто онака како што и дошла. И затоа оправдано поетот се сомнева во нејзиното постоење, во нејзиното значење. Но не се ослободува и од сознанието дека таа е неопходна во човековата егзистенција, дека таа претставува еден од неговите идоли. Вечна потреба е да се трага убавината, да се создава и да се прифаќа со сета нејзина привлечност, со сета нејзина непостојаност и со сета нејзина значајност и незначајност. Таа е една неминовност од која никогаш не ќе се ослободиме. И затоа таа ја содржи онаа маѓепсна привлечност. Во неа минливоста се јавува во својата најблагородна форма.

Од кај таква жестина во твојот глас

Силата на добрината е еквивалентна со силата на човековото достоинство. Таа може да се мери само со највредните вреднувања човекови. Се јавува во мигови кога е најпотребна, го разблажува срцето, навлегува во душата и загосподарува во човекот со сета нејзина милина. Таа е состојба која може да се мери само со убавината на душата и убавината на раѓањето, таа е тих повев кој освојува со волшебна флуидност. Добрината ги зближува луѓето, добрината претставува единствено можно разбирање меѓу луѓето.

Мака

„Повеќе сакам страдањето да биде потешко, па затоа оние слатки мигови да бидат уште посреќни“ (Х. Хесе). Ако се сложиме дека и состојбата што ја именуваме среќа, и миговите на добрината дошле по нешто што пред тоа постоело а не можеме да го именуваме со овие две одредби, тогаш тоа било неопходно за да дојде и среќата или добрината. Маката е корелат на доброто, радоста, таа без нив не е моќна, така што и тие без неа не се моќни. „Радоста е земја, а зборот − понорница“, вели нашиот поет. Зашто маката со зборот е тегобна, напорна, но затоа пак нејзиниот резултат е среќен, добра, облагородува. И од каде ќе можел толку да облагородува кога не би бил предизвикан од таа состојба што можеме да ја наименуваме со нејзиниот единствен можен именител: мака. Но таа не е обична мака предизвикана од некаков товар, од нечие неразбирање, од некакво заканување. Таа е мака бремена со радост, со среќни мигови, со предрасположба на добрина. И затоа толку е привлечна, толку е немака.

Ветрот носи убаво време

Ацо Шопов гледа на ветрот со извесна симболика. Тој е во состојба да донесе убаво време, да го истера она што пред тоа ја влечело нашата тага, нашата нерасположба. Затоа ветрот носи убаво време, носи убави добрини и предрасположби. А „убавото е убаво и поминува“, вели поетот. А потоа доаѓа повторно нашата тага. Тоа е вечно така. „Јас верувам само во минливоста“ рекол еднаш Томас Ман. И тагата понекогаш знае да се јави во својата прекрасна форма и светлина, па тогаш ние извикуваме: „невозможно, колку е сè убаво“, вели Шопов. Да, тогаш во нас навлегува една трепетлика која освојува која се инкарнира со нас и во вас. Тоа се мигови на престанување на тагата, а ние дознаваме откако таа ќе исчезне, односно откако таа веќе исчезната и настапила нејзината друга опачина а која ние ја нарекуваме радост. И сè тоа станува без поголемо наше учество, понекогаш тоа е предизвикано само од еден трепет, од еден повев, од еден акорд на ветрот. Затоа ветрот носи убаво време.

Молитви на моето тело

Со Небиднина поетот Ацо Шопов го достигна својот највисок поетски дострел. Поезијата од оваа книга го претставува највредното во нашата современа поезија и тешко ќе може некој да се одлучи да зборува за нашето поетско денес а без да ги предочи стиховите од оваа книга. Шопов уште од почетокот на своето поетско суштествување му посветувал внимание на сопствената интима, на интимата на човекот воошто. Тој се обидувал да навлезе подлабоко во сферите на тоа интерно човеково живеење без кое не може да се замисли ништо човеково и што му служи на човекот. Меѓутоа, со најновата книга Небиднина поетот навлегол во најдлабоките можни нуркања во внатрешниот свет на човекот, во светот на интимното. И оттука неговите стихови ја имаат онаа фасцинантност на поезија рефлексивно ориентирана, поезија од која зрачи еден современ сензибилитет полн со натопеност од флуидното навлегување во најтајните чувства човекови. Ова особено дојде до потполн израз во циклусот „Молитви на моето тело“ чии песни се најубавите што ги напишал Ацо Шопов веднаш по „Љубов“ и „Очи“.

Ситуацијата во која човекот се наоѓа денес не е независна од онаа во која се наоѓал вчера, ниту пак од онаа во која тој ќе се најде утре. Тоа е всушност само една еднаква ситуација само се разновидни нејзините варијанти. А сепак во човекот нешто се менува, нешто ново доаѓа врз урнатините на старото што до вчера претставувало доаѓање врз едни други урнатини. Тоа е една верижност која го следи човекот, тоа е всушност неговото суштествување во неговите најелементарни одредби. Човековата затвореност во сопственото тело не е ништо друго освен едно необично, бело и светло согорување на материјата а без тоа да биде свесно она што е над материјата, она што всушност го сочинува човекот.

Сплети ги в огромна лузна, скамени ги во вера,
дај ми, дај таа светлина со кошмар да пијам,
зашто сè она што потемнува во моето Вчера
јас како светло Утре во длабини го кријам.
(„Четврта молитва на моето тело“)

Сегашноста како филозофска одредба е само една половина на вчерашноста и друга половина на утрешноста. И секогаш, и само во таа димензијалност може да се опсервира човекот со сите негови недостатоци, со сите негови вредности. Секакво излегување надвор од овие граници претставува фантазија, зашто во крајна линија тоа не е ништо друго туку само негирање на она во кое се влегло и од кое не може да се избега. А таквото негирање во уште подлабоката суштина не е пак ништо друго туку обична негацијата на таквото негирање на таа неопфатна димензијалност.

И во наредната молитва кај Ацо Шопов ги наоѓаме овие стихови:

Зар ќе испливаш од ова тело, од овој темен вител
танчарко на сите подземни, сите нескротени води.
Ти си само овде како прастар жител
и играш врз ова тело гневно што те роди.

Заробени сме сега во игра, во круг,
и носени од тмурна и нестварна плима
цел живот патуваме од еден до друг
и секој го крие она што го има.
(„Петта молитва на моето тело“)

Има една димензија од која човекот не е во состојба да се ослободи. Тоа е неговото тело, неговата физичка категоризација која суштествува а приори од неговата духовност. И она што го издигнува неговото суштество на другите во природата, неговиот духовен живот осуден е постојано да биде затворен во тој круг од физичко суштествување, тој мора да створи единственост, симбиоза меѓу тој круг и она што е во состојба да го одбележи, да го одреди тој круг. Тоа е производ на самото согорување на таа физичка димензија во штo co поеднаква мера учествува и духовното живеење. Зашто согорувањето ги опфаќа поеднакво и двете, заправо тоа е всушност нивна можност и нивна одредба дека суштествуваат.

Шопов таа вечна игра во телото ја наречува неумора. Тоа е можеби најсеопфатниот збор кој може да ѝ го одреди нејзиното категоризирање. Таа е неуморна која знае и за уморување, која знае и за неуморување. Таа е вечен пламен, вечен трепет од кој никогаш не ќе може човекот да се ослободи. И токму поради тоа што не ќе може да се ослободи, таа неумора ја има својата сегашна вредност, својата сегашна значајност и привлечност.

Ацо Шопов е оригинален лиричар, суптилен во вистинска смисла на една ваква определба. Неговите стихови бликаат од една интимност и рефлексивност, од една филозофска ориентираност и опредметеност, од една оригинална естетска оформеност и изградена уметничка идејност. Тоа се стихови на голем поет чии димензии сè уште ќe треба да се откриваат и да се систематизираат. Меѓутоа, бидејќи естетского, уметничкото и вредното аналогно на нив, не знаат за никакво шаблонизирање и систематизирање, тогаш оваа поезија ќе остане трајно и со секогаш недоволно откривање кон секого што ќе се најде во положба да навлегува во нејзината постојаност, во нејзината консеквентност. Таа е детерминирана исклучиво од една естетски-идејна заокругленост и обременета со низа филозофски рефлексии од кои зрачи една сериозна творечка поставеност, еден сериозен креаторски пристап кон материјата. Таа е поезија на еден голем поет.
_________________
* Текстот е објавен во Развиток, бр. 1, Битола, 1967, стр. 37-48.