Поетиката на Шопов и критиката*

Петар Ширилов

Сѐ додека поетите и поезијата влегуваа во некоја од постојните естетичкокритачарски шеми и критериуми, на нашиот критичар му беше релативно полесно да искаже каков годе суд за нивните вредности и тенденции. Првата поголема пресвртница во интензитетот на доживувањето и обликувањeто на подлабоките пластови на човечкото траење и метаморфози, нашата критика ја стави пред голем испит. Поетската еволуција на Ацо Шопов − неговата најнова книга Гледач во пепелта не е само потврда на големиот талент на авторот, туку и нова, позрела фаза во еволуцијата на македонската поезија.

Појавата на Ацо Шопов во историјата на македонската поезија претставуваше нов лирски кардиоскоп на човекот излезен од брановите и витлите на револуцијата. Стихозбирките Песни, Со наши раце и На Грамос − Ацо Шопов ни го претставија како поет и толкувач на колективниот ентузијазам, на социјалните и општествените промени, коишто интензивно се одразија во психата и во судбината на нашиот човек. Критиката − наречувајќи го еднаш „војник на лириката“, „поет на срцето, на интимното“ − за својата проекција на структурата и за суштината на пеењето и песната на Шопов, не се трудеше дека Шопов е дефинитивно определен автор. За неговата стихозбирка Стихови за маката и радоста беше речено дека е премногу „исповедна“, „субјективна“, „песимистичка“. Со оваа книга Шопов се издвои од „колективното“ доживување на светот и од таквото пеење, го втисна својот талент и својата личност, му отвори нови простори на зборот. Долго времe Шопов ja носеше етикетата на хорифеј во таканаречената интимна лирика… Потоа дојдоа книгите Слеј се со тишината и Ветрот носи убаво времe… Критиката остана на заземените позиции и на искажаните констатации. Шопов доживуваше голема метаморфоза, но, според мислењето и логиката на најголемиот број критичари, тој се движеше по линијата и во кругот на „интимното“. На нашите критичари не им се вдаде да најдат определба и критериум којшто адекватно ќе ги согледа промените во поезијата на Шопов. Двете најнови книги поезија − Небиднина и Гледач во пепелта критиката ги пречека со некое устно воодушевување − но не најде сили да ги интерпретира. Токму во двете најнови стихозбирки Ацо Шопов ја претстави својата поетика − програмата за смислата и интензитетот на егзистенцијата, за смислата на пеењето и на поетскиот збор воопшто. Во Небиднина и Гледач во пепелта Ацо Шопов запеа како граѓанин на светот − чија излезна точка е длабинското во битието и егзистенцијата, она што не може да биде соопштено на друг начин. Има густи темни бои во двете овие книги − но тоа не е песимизам и очај, туку еден принцип на надежта, на исполнувањето. Гледач во пепелта е граматика на битието − резултат и факт, коишто критиката не можеше да ти протолкува, зашто таа не се менуваше, не ја напуштила својата омилена шема на анализирање и интерпретација на креативното.

Започнат во Небиднина  процесот на преобразувањето на пеењето, на неговата динамика, смисла и архитектоника, својот врв и разрешување го постигна во Гледач во пепелта. На овој пункт Ацо Шопов запеја како голем граѓанин на светот, на неговата судбина н смисла. Тука е надмината и временско-просторната ознака на поезијата, нејзината тематска и изразна рамка − оттука се отвори патот за космогонијата на нашиот поет. Циклусот „Црно сонце“ градира и во себе ги опфаќа најзначајните мигови на метаморфозата на поетот и на неговата поетика. Тоа е голем момент за македонската поезија и за нејзината судбина во светот. Земете ја поезијата, да речеме, на Хуан Рамон Хименез, на Сеферис, на Сен Џон Перс, на Хлебников, − означени како светски автори и вредности, ќе констатирате дека поезијата на Шопов од неговите последни две книги − Небиднина и Гледач во пепелта, го носи тој квалитет, иако без признанието на поширок план.

Црно сонце, птицо преправена во ѕвезда,
кој мисли дека те сфатил не знае што е бездна.

или

О црно сонце, песно, о кој ли тоа те става
на плеќи да те носам место својата глава.
(„Црно сонце“)

Мал циклус − од три песни: не достатни за пресврт и подвиг. Нашата поезија го доби својот класик и македонски и светски, поетот на битието, предметот и татковината на сите филозофи егзистенцијалисти и на најмодерниот меѓу нив, Мартин Хајдегер. Но додека тие егзистенцијата и битието ги гледаaт oд бреговите на филозофиските теории − Шопов пее од нејзиниот најдлабок вител. Затоа и констатираме дека темнината во поезијата на Шопов, особено во циклусот „Црно сонце“ доаѓa оттаму што поетот битието го ослободува од неговите неизречливи длабочини и го испева неповторливо.
_______________
*Текстот е објавен во Трудбеник, 04.12 1971