Песните-живот*

Светлана Шопова

Ако носиш нешто неизречено,
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина,
тишината сама ќе го рече.

Нема поет и нема читател кого оваа прекрасна песна не го маѓепсала со сета своја филозофија; тоа беше последна песна што ја кажав и во себе и на глас во моментот кога и физички се простив од Ацо. Сето време во мојот живот ќе се мери со деновите пред Ацо, со Ацо и по Ацо. Јас знам дека овие зборови се натопени со сентименталност, но тоа е чиста вистина, тоа е нешто што се носи во себе длабоко, длабоко како таа тишина за која тој говори. Но, исто така и зборот треба некогаш да проговори. Тишината не може сè да каже.

Во далечната 1949 година, Светлана Велковска, ученичка во едно битолско основно училиште, на една пионерска смотра ја рецитираше песната „Партизанска пролет” од Ацо Шопов. И доби награда − едно мало книжуле кое беше долго време во библиотеката на семејството Велковски. Всушност, уште во далечната 1949 година се создаде духовна врска меѓу ученичката Светлана Велковска и поетот Ацо Шопов. Никој не може да го направи она што животот може. Нешто подоцна, како ученичка во женската гимназија „Јосип Броз Тито” многу често на приредбите ја рецитирав „Очи”. Таа духовна врска со поетот Ацо Шопов продолжува и понатаму. Како студент по литература во втора година по предметот теорија на книжевноста кај професорот Димитар Митрев, се двоумев дали да изработам семинарска за збирката Ветрот носи убаво време од Ацо Шопов, или за романот Песна од Оскар Давичо. На инсистирање на Димитар Митрев ја земав Песна од Оскар Давичо.

Но, токму во тоа време се совпадна и директното познанство со Ацо. Тоа беше 1957 година на Охридскиот брег. Како млада девојка со сестра ми и родителите бев на летување во одмаралиштето „Орце Николов”. Таму мeѓy другите беше и новинарот Нешо Марковски, кој нè запозна со Ацо. Потоа се сретнавме во зимата, кога со Ацо присуствувавме на проекцијата на филмот „Малиот човек“. Следната средба беше во летото 1958 година. Кон крајот на јули јас и сестра ми се спремавме да одиме за првпат сами на одмор. Таму, во Охрид се сретнавме со мојот професор Димитар Митрев и неговата ќеркичка Илинка, која често со мене и сестра ми играше карти на градска плажа. Во една таква прилика на плажата пристигна Ацо со мотор. Сега контактите беа почести за една вечер додека танцувахме во хотел „Палас”, во еден миг се изгасна светлото и јас од него добив прекрасен бакнеж на кој вратив со бакнеж и така започна најголемиот занес во мојот живот и во животот на Ацо. Тоа беше една таква страсна, една таква голема љубов која може да се сретне само во уметнички дела.

Никогаш нема да ги заборавам песните „На езеро” и „Лов на езеро”, кои многу често ми ги кажуваше во квечерините, ме маѓосуваше песната „Добра ноќ”, ме опседнуваше песната „Кога ти е најтешко”. А тогаш беа напишани и песните „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор” и „Втора молитва за моето тело”. Иако бев сè уште студент, јас му реков на Ацо дека токму „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор” ќe биде песна-меѓник во неговото творештво**.

Враќањето во Скопје донесе многу бури, се судривме со спротивставувањето на околината, која ја осудуваше нашата љубов. Токму тука мојот четиринаесетогодишен брат беше таа наша врска која ги пренесуваше писмата преку кои јас и Ацо контактиравме. Тогаш направив смел чекор: јас заминав од моето семејство и на 30 септември се регистрирав со Ацо. Со тоа започнуваат најубавите години во мојот живот.

„Трета молитва на моето тело" (1974), слика на Кирил Ефремов инспирирана од истоимената песна на Ацо Шопов

„Трета молитва на моето тело” (1974), слика на Кирил Ефремов инспирирана од истоимената песна на Ацо Шопов

Песните создадени пред да се сретнеме „Има долу една крв” и „Лузна” имаат нешто многу автобиографско. Тие две песни ја кажуваат свесноста на Ацо за својата судбина. Се нижат „Молитвите”… а „Трета молитва на моето тело” најмногу ја сакам: „Што си: девојка, жена, мајка? Што си / ти што бдееш пред овој храм во кој со тишина се лечи / телото мое, молитвено што клечи. / Светлина ли, мрак ли твосто идење му носи / Што си: девојка, жена, мајка, што си?”. Токму таа песна инспирираше многу уметници: прекрасна слика има од Кирил Ефремов на тој мотив, бакрорез од Димо Шумковски-Шумка, графика од Драган Биков. Оваа песна е прва песна посветена на нашата љубов. Сс редат „Молитвите”: шестата и седмата се напишани во Париз, а осмата е напишана кога човекот за првпат се вивнува во вселената. Во тие денови тој ја пишува и песната „Старо купувам”. Оваа песна претставува желба за ставање крај на минатото, желба за започнување на еден нов живот. Во меѓувреме ја напиша и прекрасната песна „Песната и годините”. Кога беше објавена оваа песна, Живко Чинго ми рече: „Светлана, ти успеа нашата генерација да ја споиш со генерацијата на Ацо, ти ги спои нашите години со годините на неговата генерација”.

Раѓање на зборот” е песна која кога ја пишуваше како да се кинеше од него. Тоа беше песна која тој многу, многу долго ја носеше во себе и му требаше доста време за да ја стави на хартија. Тоа, всушност, за него беше својствено − Ацо многу долго ги носеше песните во себе и потоа наеднаш ги фрлаше на хартија. Меѓу тие песни е и „Раѓање на зборот”, во која раѓањето на зборот го споредува со раѓањето на животот, со раѓањето на човек. „Небиднина” е исто така песна-меѓница во творештвото на Ацо. Зборот „небиднина”, кој Ацо прв го употреби, го пронајде токму пред скопскиот земјотрес. Непреводлив, специфичен, толку силен, тој е збор за небиднината на ова тло.

Нешто недоловливо има во збирката Гледач во пепелта. „Долго доаѓање на огнот” е напишана како пристапна песна кога беше избран за член на Македонската академија на науките и уметностите (1967). Тоа е време кога ги преведува сонетите на Шекспир и мислам дека постои голема поврзаност меѓу оваа песна и стиховите на Шекспир.

По скопскиот земјотрес ги пишува „Грозомор”, „Тажачка од онаа страна на животот”, „Август”, „Гледач во пепелта”, инспирирани од трагичноста на тој настан, и тие ја искажаа сета негова тага за се она што се случи.

Многу често во неговата поезија беше присутно езерото. Во оваа збирка: „Езеро”, „Езеро крај манастирот“, „Ноќ над езерото крај манастирот “… Добро се сеќавам на еден миг кога во Охрид, една вечер, присуствувавме на концерт на црнечка духовна музика во црквата Света Софија. Одеднаш почувствувував дека Ацо длабоко ја доживува таа духовна музика и истиот ден кога се вративме дома тој ја напиша „Езеро крај манастирот”: „Црни коњаници, бели коњици. / Со лик на светци — на ѕидот сурови војници”.

Ацо беше свесен дека Гледач во пепелта е антологиска збирка и многу го погоди кога не ја доби наградата „Браќа Миладиновци” за неа.

Заминувањето за Африка како дипломат во 1971 година*** отвори нова страница не само во неговиот живот, туку и во неговата поезија. Заминувањето беше неминовно заради неговото смирување. Тој тогаш трпеше многу удари кои не можеше да ги издржи ни физички ни психички. За него се отвори нов видокруг, и тој четиригодишен престој во Африка донесе голема плодност во неговото творештво. Ацо беше опчинет од Африка. Го сакаше тој прекрасен доброќуден народ, ги сакаше тие прекрасни црни жени, ја сакаше природата, песните… Збирката која ја напиша требаше да се вика „Во сонот на црната жена”. Зашто ја прекрсти во Песна на црната жена и ден денес не ми е јасно. Во оваа збирка Ацо откри еден нов свет. Онаа негова загледаност во океанот, онаа негова нурнатост во очите на сињарките покажуваат колку тој го почувствува црниот континент како свој и колку многу го засака. Во секој стих од збирката се гледа неговата влубеност во Африка.

Додека ги пишуваше тие песни, Ацо работеше на препевите на Сенгор и тој се вдлабочи во поезијата на црниот народ, во Негритидата како неверојатно значајна појава во развојот на филозофската мисла во Африка и тоа направи уште поголем мост на зближување со тој свет и со таа убавина. Она расцутување на фламбоајаните, онаа опчинетост со разиграните жени во времето на ивернажот, кога почнуваа големите дождови што значеа живот, покажаа колку тој не само физички, туку и духовно е присутен во Африка. Можеби една од најкарактеристичните песни е „Настан на езерскиот брег”, зашто токму таа покажува како тој го доживеа одењето во Африка, како тој го доживеа тој лет во светот.

Ацо го опседнуваа многу често убавите жени, и во приватниот живот и во неговата поезија. Сињарката од островот Горе, на која ѝ посвети неколку песни (зборот сињарка се појавува на француски во XV век и означува млада мулатка од висок ранг)  беше инспирација за стиховите: „Запеј ја твојата песна небесна / Сињарко со очи синолички на црна арматура”. За односот на човекот и бескрајот говори во песната „Загледан во океанот”: „Човекот неподвижно стои како скаменета жал / океанот е огромен, а човекот мал”, за на крајот да биде: „А човекот упорно стои и гледа во брановите на океанот / човекот е огромен, океанот мал”.

Последната негова збирка Дрво на ридот е и негова проштална збирка, која започна да ја пишува во 1976 година. Кога на 22 мај 1979 година се вратив од службено патување во Лондон, тој ја беше спремил збирката со помош на ќерка ни Јасмина, и ја беше предал во „Мисла” за издавање. Јас го запрашав зошто избрзал со давањето на збирката кај издавачот. Тој чудно ме погледна и ми рече: „Па јас немам повеќе време”. Тоа мене како да ми покажа дека болеста веќе го совладува. Сè потешко зборуваше, сè потешко чeкореше. Многу добро се сеќавам на песната „Клошарска песна на поетот”, чиј првобитен наслов е „Проштална песна на поетот”. Оваа песна, како и последната, „Дрво на ридот”, ги чувствувам како песни директно мене посветени. Впрочем целата збирка ми е посветена мене. Овие две песни ги почувствував токму како проштални песни меѓу мене и него. Тоа беше нашето збогување и ден денес, секогаш кога ги препрочитувам, нешто ме стега во градите, во душата…

Многу убаво неговиот препејувач на француски, маурицијанскиот поет Едуард Моник, на одбележувањето на десетгодишнината од смртта на Ацо во МАНУ, искажа една своја импресија од еден разговор со директорот на УНЕСКО. Имено, кога тие двајцата ги читале, длабоко во ноќта, песните на Ацо, си рекле: „кога ќе излезе книгата, луѓето ќе речат ‘тоа е голем настан за Ацо Шопов и за македонската поезија’, но во суштина, тоа ќе биде голем настан е за нас, луѓето надвор од Македонија, да откриеме еден толку голем поет”.

Би направила голем пропуст кога би кажала дека Ацо беше само голем поет. Тој беше исто така и голем преведувач. Преводите што ги направи на Сирано де Бержерак, на Хамлет, на песните на Сенгор или на Крлежа се препеви кои ќе останат долго во литературата. Тој преведувањето го сфаќаше како длабок авторски чин и секогаш зборуваше: „Во оригиналот си оној кој си, а во препевот треба да бидеш и оној кој си и оној кого го препејуваш”. Воедно, светската литература се збогати со неговите стихови на десетици светски јазици. Тој ми припаѓаше мене како сопруг, на децата како татко, на пријателите како пријател, на литературата како поет, на општеството како деец. Допрва ќе се открива големината на Ацо Шопов како поет и како човек.

__________________
* Предговор на книгата Долго доаѓање на огнот : Песните живот
/ Ацо Шопов. Либер-М, 1993
** Во 1970 година, правејќи интервју со Ацо Шопов во неговиот дом, Цветан Станоевски ја повикува и Светлана Шопова да направи избор од 10 најуспешнипешни на нејзиниот сопруг. Прочитајте го разговорот.
***За дипломатската мисија на Шопов, прочитајте ги исто така текстовите „Културата ги отвара вратите на политиката” и  Ацо Шопов – поет и дпиломат.