Песната „Љубов“ од стихозбирката Песни на Ацо Шопов*

Гоце Стефаноски, Чедо Цветковиќ

За стихозбирката Песни поетот Ацо Шопов се инспирирал од НОБ. Тој бил активен учесник во борбините подвизи на една од прославените македонски ударни бригади. Како борец ги доживеал славните историски часови на борбата на македонскиот народ за слобода, се воодушевувал од јуначките подвизи на своите соборци, ја поднесувал голготата на партизанскиот живот, со восхит пеел за победите и тагувал за паднатите борци. Неговата песна е исполнета со силна љубов спрема народниот борец и со вера во посветлата иднина на македонскиот народ. Со револуционерен патос Шопов ја опевува историската величина на НОБ. Со еден збор, стихозбирката Песни од Ацо Шопов е со револуционерно-патриотска и антифашистичка тематика.

Оваа стихозбирка носи влијание на народното творештво, на македонската уметничка лирика од периодот меѓу двете светски војни, како и на револуционерңата лирика на Христо Ботев. Но, во крајна линија, таа содржи автентичен лирски печат на поет што израснал во дните на борбата, што запеал во часовите на партизанските јуриши, во огнениот мирис на барутот на Револуцијата, во натчовечките напори кога се немало време за докрајно култивирање на поетскиот израз, кога се пишувало во и за борбата, за заседи, в ров, на партизански краток одмор, во напорни маршеви, во јуриш, престрелка и крвав бој.

Најзначајни песни во неа се: „Очи“**, „Љубов“, „Партизанска пролет“, „Пробиштип“ и „Маршот на Третата македонска ударна бригада“.

Секоја песна обработува посебен мотив, но сите мотиви заедно се сливаат во лајтмотивот: борбата против фашизмот и љубовта на борецот и народот спрема слободата и татковината. Во „Љубов“ се опејува љубовта на поетот − борец кон другарката−борец; во „Очи“ − смртно ранета партизанка е оплакана и опеаңа од борците: во „Пробиштип“ − партизански напад на Пробиштип и смртта на борецот Доне; во „Партизанска пролет“ − пејзаж на пролетна вечер и воодушевеност на борецот од убавината на пролетта и борбата; а во „Маршот на Третата македонска ударна бригада“ − херојскиот пат на оваа прославена бригада.

„Љубов“ е една од најпопуларните песни на Ацо Шопов. Основната идеја на песната е дека младоста што се жртвува за слободата на својата татковина и народот не треба да се жали, зашто од нејзиното херојство се вдахнуваат илјадници нови борци; поточно речено, без борба нема слобода, а без хероизам − масовна борба.

Во првиот дел од песната поетот изразува желба неговата другарка да се најде во предните редови на борбата, од нејзините очи да избива молња на омраза, од градите да гори пламен, а од усните жар; од нејзината револуционерна сила и висок борбен морал непријателот да почувствува страв. Таква борбено-револуционерна сака поетот да ја види својата другарка и само таква може да биде достојна на неговата љубов.

Тој ја слика убавината на својата другарка со воодушевување. Им се восхитува на нејзините изразити очи, бујни гради, врели усни, нежни раце и стројна снага во која се крие младешка сила. Но во условите на НОБ тој сака таа женска младешка сила да режи молња од омраза да гори во пламен и жар за народните идеали од чија борбена темпераментност ќе мрзне и ќе се ежави непријателот. Поетот не го привлекува женската убавина, туку, пред сè, готовноста на неговата другарка за борба против окупаторот: таков е идеалот на девојката што го одушевува поетот. Изразувајќи ги борбените особености што ги бара од својата другарка, всушност, себе се опредметил како борбен син на својот народ кому не му е до интимна љубов, туку кој младоста и љубовта ѝ ги жртвува на борбата.

Поетот апострофирано и директно се обрнува, со силен излив на борбенo чувство, до својата другарка. Целата строфа е предадена преку апострофа. Апострофата е најпогодно изразно средство за директен пренос на мислите и чувствата на поетот. Таа интонациски ги акцентира поетските немири. Најчесто таа се среќава во творби со борбен карактер. А бидејќи е „Љубов“ една ол борбените песни на Ацо Шопов, пишувана со борбен интензитет, авторот не можел ни да избере подобра форма од апострофата, зашто низ она темпераментно борбено реченото (,,очи ти сакам, молња да режат…“) избива сета револуционерна еруптивност на чувствата и мислите на поетот − борец.

Борбеното настроение не е искажано само преку апострофата, туку, пред сè, со вешто одбраңи изрази претворени во впечатлива слика и силни чувства: (,,молња“, „режат“, „кипнати“, „оган“, „горат“, „врели“, „жар“, мрзнат“, „се ежат“); тоа е постигнато како и со ограничени предмети: (,,кипнати гради“, „врели усни“), потоа хиперболични слики: (,,очи што режат молњи“, „кипнати гради што оган горат“, „врели усни што се претворат во жар“), а контрастот ефективно дејствува во доградувањето на општата слика и избликот на чувствата (,,врагои“ што „мрзнат“ и се „ежат“). Лирската топлина поетот ја постигнал во завршниот стих со: „другарко моја, другарко мила!“

Целокупната композиција на борбеното настроение Ацо Шопов ја изградил со умешното одредување на местоположбата на одделни поетски изрази што треба да означат одредена носивост на чувство, мисла и идеја. Отаде почетните зборови скоро од секој стих посебно се акцентирани и носат боја и звук какви што носел поетот во себе во моментот на поетската инспирација. Она „очи ти сакам“, „кипнати гради“, „врелите усни“, „врагои да мрзнат“, „другарко моја“ − е главниот носив идеен и чувствен скелет на творбата, но исто така тој умешно ги поентира и во завршниот дел на стихот со: „молња да режат“, ,,оган да горат“, ,жар да се сторат“, „и да се ежат“, „другарко мила“; „режат“, „горат“, ,,сторат“, „сила“ ,,ежат“, „мила“ се завршни изрази на поентираната носивост.

Секако цезурата заедно со испрекршените стихови придонесуваат за доследно уметничко вообликување на строфата како израз на борбено чувство и настроение. Ритмот се состои од четири метрички стапки на дактил со трохеј: „очи ти/ сакам молња да/ режат“. Четвртиот испрекршен стих, иако е со поинаков ритам, во нешто изменета форма (четиристопен амфибрах) не пречи во општиот ритмички тек на строфата, зашто амфибрахот е најподатлива ритмичка стапка за македонската версификација.

Римата поетот ја застапува иако не е во утврдена законитост, но со својата присутност придонесува за милозвучноста на стихот, за акцентуацијата на настроенијата и чувствата, а со тоа оваа строфа остава силен впечаток со својата идејно-содржинска страна како и со естетско-уметничката.

Во наредната строфа поетот настојувал да даде израз на својата идејна расположба. Во неа ја изразил својата поетска програма тврдејќи дека ќе ја опејува борбата, народниот бунт, Револуцијата на која ѝ ја посветил својата младост и поезија. Борбениот темперамент на поетот избива и во оваа строфа. Контрастот и едноставните епитети, анафората и вообичаената метафора − тоа е богатството на оваа строфа.

Поетот во својата распеаност во третата строфа од „Љубов“ пее за општонародниот карактер на борбата, за борбениот морал на борците, за нивните јасни идеали, за жестокоста на борбата која се води на живот и смрт и во која се раѓа големата сенародна љубов кон татковината, народот и борбата. Оваа строфа ја завршува со идејната поента: „Другарко, таму љубовта расне!“

Во името на големата народна љубов, во името, на борбата за слобода и општонародните идеали, поетот бара младината да се откаже од интимните младешки љубовни чувства, зашто во условите на разгорена борба нема ништо посвето од сопствената саможртва. Стиховите на оваа строфа силно се набиени со револуционерен патос и борбен оптимизам и дејствуват како рафал и борбен повик за готовност на саможртва. Таа одлучност и борбеност на песната ги постигнал со испрекршениот стих што носи рафална форма, силни борбени изрази, манифестирани со кратки, јасни и прецизно формулирани стихови. Оваа строфа се одликува со богата идејност, симболика, метафоричен, но едноставен во духот на народната поезија израз: „пушки грмат“ и „долој ечат“, „пламен народен пламти“. Изразни средства позајмени од народниот говор и од народното поетско творештво добиваат посебна боја во целокупната констелација на творбата. А тоа значи дека Ацо Шопов вешто го експлоатира народното творештво и креативно го пресоздава во свој поетски квалитет.

Четвртата строфа мотивски е последна. Во неа поетот изразил дека неговата другарка треба да биде во првите борбени редови. Ако загине, не треба да жали, зашто нејзината младост ќе поттикне илјадници нови борци. Строфата има интересна форма: разбиена е на четири помали дела (три терцини и дистих испеан во анафора). Мислите и чувствата се транспонирани преку лирски паралелизми кои се успешни, богати лирско обоени епитети, метафора со метонимија и контраст.

Успешниот потфат на поетот во мајсторското урамчување на песната лежи и во тоа што првата строфа е акцентирана и како завршна строфа. Таквата поетска форма е мајсторски усогласена со целокупната поетска носивост на партизанска преокупација. Оваа песна има висока уметничка сила не само како одделна песна, туку и во склопот на целата стихозбирка.

Поезијата на Ацо Шолов од 1944 година одиграла силна мобилизаторска улога меѓу борците од НОБ па и по ослободувањето, во разгорувањето на борбените потенцијали на нашиот работен народ.
_______________________

* Текстот е објавен во списанието Литературен збор, год. XV,  бр. 2 Скопје, 1968, стр. 18-20

** Спротивно од тврдењето на авторите на овој текст, песната „Очи” не фигурира во збирката Песни од 1944 год.

Прочитаје го и овој текст од истите автори.