Песната не мирува*

Данило Коцевски (1947-2020), македонски писател и литературен критичарДанило Коцевски

Досегашното траење на поезијата на Ацо Шопов јасно укажува на една нејзина особеност која не е така честа кај нашите други поети: настојувањето постојано да се менува за да остане ист и самосвоен, подеднакво успешното користење на традиционалните како и модерните облици на поетското изразување. Тоа менување е присутно во сите нивоа на песната: јазичката, композициската, ритмичката, па и тематско-мотивската структура, иако за поезијата на Шопов може да се рече дека се најкарактеристични неколку доминантни и препознатливи теми и мотиви.

Почнувајќи од песните за борбата и обновата (Песни 1944, Пруга на младоста, 1946 год. и др.), преку нагласено интимната лирика, (Стихови за маката и радоста 1952, Слеј се со тишината, 1955 и др.), до реската изделеност и рефлексивно-симболичката препознатливост на Небиднина (1963), и Гледач во пепелта, (1970). Ацо Шопов со успех пишува и сатира а и денес актуелни и незаборавни се неговите пародии на критичарот, поетот, прозаистот, журналистот, од неговата книга Јус-универзум (1968). Со книгата Песната на црната жена (1976) и оваа најновообјавената Дрво на ридот (1980), Шопов, менувајќи го својот пристап кон песната, наметнувајќи едно свое, особено доживување на светот, останува верен на своите поетски метаморфози кои не се случајни и кои се резултат на една подлабока творечка осмисленост и потреба.

Недофатливата смисла на човековото одминување

Слободниот стих, кој во својата „неконтролираност“ како да погодува пред сѐ на емоционалното разоткривање и доживување на нештата, (таквата функција, всушност, со помал или поголем успех му ја одредува самиот поет), кој беше карактеристичен за книгата Песна на црната жена, присутен е и во книгата Дрво на ридот. Со тоа што во последната книга уште понагласени се интимните штимунзи, исповедноста и елегичниот тон кои на специфичен начин го изразуваат поетовото видување на светот. Дрво на ридот е книга на Шопов која на најексплицитен начин, со своевиден интензитет на поетското доживување го поставува прашањето за недофатливата смисла на постојаното човеково одминување, за неговата осаменост и напорот да се опстои пред неа, (пошироката симболика на дрвото на ридот), за исчезнувањето. Но, истовремено и верба во неуништливоста на човековиот „внатрешен пламен“, пламен, кој како што вели поетот „ме огрева посилно и од зборот на поетите“, како неповторлива животна убавина и духовно возвишување. И ако во една од своите поранешни песни ќе рече „да изгорам во јагленот на зборот, да се стопам“ („Раѓање на зборот”), сега како да постои уште појасна свест за неопходноста на зборот, но и неговата немоќ пред единственоста и неповторливоста на животните феномени.

„Македонија е во светот, а светот во Македонија“

Стихозбирката Дрво на ридот продолжувајќи некои преокупации на поетот од претходната книга, ги донесува можеби од најпонесените родољубиви стихови во нашата поезија. Покрај веќе препознатливите мотиви во поезијата на Шопов, (жената, интимата), татковинското чувство е најизразито во оваа книга. Основната идеја од книгата Песна на црната жена: – „откривајќи ја родината да го открие светот“ („Настан на езерскиот брег“) сега се продлабочува, разработува, доосмислува („Македонија е судбина на светот, светот е судбина на Македонија“). Особено во последниот циклус „Езеро на животот“, татковинското чувство е доведено до пароксизам, а уште подиректно е експлицирана идејата за сеопштата условеност и заедништвото на светот. („И тогаш силно почувствував дека во Македонија се збиднуваат и се прекршуваат сите дилеми на светот, а светот е бремен од проблемите на Македонија“). Нагласувајќи на тие две чувствувања, кои се, всушност, споени во едно, (интимното и татковинското) е најкарактеристичната одлика на оваа книга. Интересно е исто така дека афричкото поднебје како мотив и инспирација е присутно и понатаму, но на еден поинаков начин. Тоа е сега само во фон, не е основниот инспиративен вруток, но е слика која и понатаму го прогонува поетот како што тоа го гледаме во стихот „Мислата ми одлетува во мојата црна Африка“ од втората песна на циклусот „Во еден од центрите на Париз

Што се однесува до јазичко-стилскиот аспект на оваа книга, тој исто така може да биде посебно занимлив со оглед на поетовите метаморфози во однос на употребата на традиционалните и модерните облици на поетското соопштување, како што рековме на почетокот. Последните две книги на Шопов на синтетичен начин ги содржат карактеристиките на неговото претходно пеење: нагласената лиричност од првата фаза, и симболично-рефлексивната стегнатост од втората, обединети се на еден посебен начин. Интимните тонови, мекоста и певливоста на изразот потсетуваат на неговите почетоци, иако симболичкиот и дискурзивниот слој на песната само привидно е на втор план. Тој е сега ненаметливо, но функционално вклопен во идејно-тематската целина: симболите повеќе се резултати и во функција на „отвореноста на песната“ и едноставниот начин на кажување (изгрев, сончевина, трендафил, залез, сонце“). Таквиот начин на пеење е само привидно враќање на почетоците, кое е невозможно, со оглед на поетските и животните искуства на авторот – „мисловниот гром“ („Секавици над Шара“), и понатаму е силен и препознатлив во повеќето стихови од Дрво на ридот. За таквата „отвореност на песната“ зборува и самиот симбол на телото, еден од најдоминантните во поезијата на Ацо Шопов, кој во оваа книга е повеќе препознатлив по неговата конкретна, сетилна даденост (како „тело на светот“) отколку по неговата метафизичка димензија.

Единствена, заокружена песна

Една од спецификите на книгата Дрво на ридот, како впрочем и на Песна на црната жена, која би требало посебно да се одбележи е таа, што, според некои тематско-мотивски одлики и начини на градењето на песните, стихозбирката може да се прифати како една единствена, заокружена песна, како поема во поширока смисла, и покрај засебните карактеристики на одделни песни. Песните и идеите во нив често произлегуваат една од друга, се повторуваат од една во друга, чинејќи една кохерентна целост. На пример, загатната идеја од песната „Од најстара и најчиста сончевина“ поетски е експлицирана во наредната песна „Сонцето и телото“. И не само тоа. Одделни поетски слики, па дури и идентични стихови се преземаат од една песна во друга со што се потенцира единственоста на доживувањето. На пример, стиховите „Од тешка болест телото ми е закоравено и на врв планина само да чамее оставено“ се повторуваат во неколку песни наизменично. Интересно е исто така дека во оваа нова стихозбирка пренесени се идентични стихови и симболи од претходната книга. Симболот на „крилестиот коњ“ од книгата Песна на црната жена, кој „сиот свет го обиколи, ги прелета сите мориња и океани“, се јавува повторно во новата книга во песната „Како најубави катрени од народната поезија“ а неговата симболика на животот, силата, летањето, вознесувањето, потенцирана е уште еднаш во рефренот „носејќи ја со себе највисоката смисла откривајќи ја татковината да го открие светот“.

Без оглед на тоа каква изразна постапка користи, традиционалната шема или слободниот стих и наративноста (која во пооделни стихови од оваа книга малку е пренагласена), Шопов секогаш е свој и препознатлив по замавот и продлабоченоста на својата поетска визија по интензитетот на поетското доживување на светот. „Телото е неподвижно, а крвта не мирува“, вели поетот во еден стих од последната книга. Овој стих не мора да се парафразира за да се заклучи дека песната кај Шопов е таа која постојано се возобновува, која не мирува, возбудува.
______________________
* Текстот е објавен по повод Дрво на ридот во Нова Македонија, на 18.05.1980, е преобјавен е во книгата на Данило Коцевски Да и не: огледи и критики, Скопје, Култура, 1981, стр. 67-70.