This post is also available in: Serbian Croatian Bosnian

Интимниот свет на Ацо Шопов*

Сретен Перовић

Сретен Перовиќ, црногорски поет, преведувач и литературен критичар

Сретен Перовиќ
(Превод: Н. Р.)

Својата мрежа взори во морето ја фрлив.
Тагоре: Градинарот

 

Со своите значајни текови, лириката на Ацо Шопов метафорично ја следи и релјефно ја симболизира историската судбина на македонскиот народ. Само ретки поети, особено лиричарите, и тоа во исклучителни општествено-историски услови, во рамките на националната литература, успеваат да остварат така сложена и специфична, превосходно драмска задача. Повоениот раст на Македонија и на нејзиниот човек во макотрпно дочеканата, низ векови стрпливо сонуваната и во најинтимните длабочини бранета и одбранета слобода, во поезијата на еден од нејзините најавтентични и истовремено најуниверзални творци − посредно доби есенцијален израз и особено значење.

Произлезен од оние најфини ткива на македонската народна поезија, а однегуван на медитеранската културна поливаленција, својот поетски свет Шопов го создава врз страдалничката и слободарска традиција на својот народ, чинот на создавањето изедначувајќи го постепено со чинот на живеењето, а горчината на сонот со питкоста на пеењето. И кога низ поетовата интроспекција денеска се потсетуваме на неговите младешки треперења и занеси, на изгубените први стихови, родени на прагот на Втората светска војна, на неговата прва, партизанска, печатена книга стихови (Песни, 1944), додека се потсетуваме на неговото решително одредување спрема учеството кое наодната поезија го има во неговата поетика − ни изгледа не само природно туку и мудро што поетот не ги премолчува ниту влијанијата кои допреле до него од превезот на модерната светска поезија, од многуте животни и литерарни боишта и патувања, што му овозможува со многу самодоверба и искуствена веродостојност да заклучи дека постојат два вида поети: оние кои доаѓаат од културата и оние кои доаѓаат од животот, убеден дека скоро сите македонски поети доаѓаат од животот¹. Така, со сите законитости во генезата на својата (и на модерната македонска!) поезија, Шопов се надоврзува на лузните на историското страдалништво како главна движечка енергија и како емотивно својство на македонската народна поезија и − на револуционерниот занес на воените и повoeните денови, кој коинцидира со животната и со литературната младост на поетот, што сѐ сублимно ја создава поетската и мисловна синтеза од која ќе произлезе целосната зрелост на поетот, па и мудриот тестаментарен венец во високо вреднуваната збирка Песна на црната жена (1976)².

Со многу развиената и динамична психосоцијална структура, модерното време ѝ одговара на поларизацијата на поетскиот пристап кон животот, на диференцирањето на самиот поетски чин, не само во филозофска и идеолошка, туку и во емотивна насока. Револуционерните настани, војните, сменувањето на идеалот на современиот човек, општествените стремежи на ортодоксните крајности, сето тоа придонесува посилно да дојдат до израз поетите на т.н. романтична инспирација. Следејќи ги активно тие движења на динамичниот развој на нашето време, понекогаш тие ѝ даваа и печат на својата епоха или барем го обезбедуваа во неа своето спектрално емотивно учество и евидентниот социјален придонес. Па сепак, човекот често и сѐ почесто останува сам, исчашен од времето и од општеството за кое согорувал. И покрај сите можни предности, нуклеарното време донесе уште поголемо осиромашување на човекот, затоа што митот за класичните човечки вредности го снемуваше полека но сигурно, а не дојде до емотивно и етичко иновирање на современиот свет. Постојаното присуство на опасноста од потполно термонуклеарно самоуништување на човекот, смалувањето (во свеста и потсвеста) на димензиите и значењето на нашата планета по патот на навлегувањето на луѓето во вселената, насетувањето на „хаoсот“ на антиматеријата и на понапредните цивилизации во една од за нас „достапните“ галаксии − ги поттикнува оние другите, т.н. поети на класичната инспирација, коишто секогаш биле во малцинство, но чиишто мечти понекогаш имале потрајно и поубиствено влијание. Потпрени на своите сублимирани инстинкти и на револуционерниот занес во оптималната вредност (понекогаш и во безвредноста) на животот, поетите од романтичен карактер почнаа полека да го напуштаат „сликањето на стварноста“ и да се враќаат кон микрокосмосот, потонувајќи во сопствениот внатрешен свет како во пештера каде гласовите одекнуваат во многу сложена резонанса, хипертрофирани до монструозна форма, понекогаш многу краткотрајни.

Ацо Шопов му припаѓа на племето на „романтичните“ поети. Неговиот романтизам не произлегува само од неговото сетилно поимање на светот, туку и од неговата прохибиција, исткаена со најдлабоки нитки, на ненадејната поплава на церебралноста, техницизмот и кибернетиката. Како и сите вистински емотивни природи, Шопов никогаш не можеше, ниту може денес, да го помири својот интимен свет со надворешниот, објектен свет на материјалниот ред и поредок во животот. Се разбира, тој факт сам по себе немаше да може од него да направи поет, но сепак битно го обусловил.

Своите први револуционерни сознанија и воени доживувања Шопов ги преточува во облагородената гордост на ранетиот човек, на кој светлоста во окото за ниеден момент не ја изгубила поранешната смисла и значење. Таа фаза на неговото поетско создавање, комплементарна на нашите општи поетски текови непосредно по Втората светска војна, за среќа на поетот кој се „врати“ кон осветлувањето на внатрешната човекова реалност, не траеше долго. Всушност, како и многу негови врсници, својот литературен старт Шопов го поврзува со сложеноста на општествените настани во едно бурно време, кога малку се водело сметка за интимното човеково битие, а повеќе за општите интереси на револуционерниот, во сѐ преломен момент. Тој момент беше повеќекратно значаен за Македонија, за македонската нација и за нејзината култура. Целосниот замав на македонската култура потекна токму од генерацијата уметници и научници, преведувачи и педагози, на која ѝ припаѓа и Шопов. Македонската култура, а посебно литературата, мораше да го премости и своето специфично наследство, историски условеното културно заостанување зад другите југословенски народи; во текот на неколку години или (барем) децении, мораше да надополни век-два, за да може да се вклопи во модерните развојни текови на јазикот и литературата, што не беше ни лесно ни едноставно. На пионерите на современата македонска култура − меѓу кои значајно место му припаѓа на поетот Шопов − им претстоеше повеќекратен напор да би можеле во така кус временски период да остварат дела значајни за сите наши народи. Таквиот успех можеше да биде постигнат благодарејќи само на историски акумулираното и дури неодамна креативно ослободено народносно и национално чувство на македонскиот човек, покрај оние негови традиционални особини: исконската медитеранска емотивност, специфичната печалбарска тага, моралната доследност и трпеливост, работната енергија и штедливост. Целиот тој вековен полнеж, доведен до усвитување, го предусловува ненадејното продирање на македонската мисла, отелотворена во сестраниот револуционерен процес од кој − во една насока − ќе потече автентичниот, уметнички силен и сосема специфичен литературен збор.

И кога македонската литература ја докажа својата целосна виталност, додека ги освојува и оддалечените, надвор од родниот крај, поднебја, еден од нејзините најкреативни актери е насилно запрен на непредвидената станица, така што неговата животна и литературна авантура не ќе се продолжи и не ќe обогати со нови плодови. А едно дело добива други димензии и значења во оној момент кога повеќе не може да му се додаде ниту една тула, камен, орнамент или метафора. Значи, се запре лиричарот којшто по многу нешто личи на црногорскиот поет Душан Костиќ. По завршувањето на војната, како и Костиќ, едно време Шопов зборуваше за таа општа војна и за нејзините последици, за злото и за доброто коешто го остави зад себе, а тогаш се повлече и продолжи да пее за војната во себе − се сврти кон најинтимните проблеми, кон сопствените преокупации, кон љубовта, болката и соништата, кон тивкиот ôд низ динамиката на животот (не само на современиот), кон сопствените светлини и сенки, кон своите промашувања.

Во рамките на таа богата самоанализа, на која ѝ се подредени и експлицитната мисла и надворешниот поетски украс, својата духовна биографија Ацо Шопов ја испреде со тонови на своевидна и специфична елегија, секогаш покажувајќи огнена желба за подлабока хуманизација на животот. Тоа што животот не е секогаш благотворен и дарежлив спрема нашите желби и надежи, што во своите брановити и бесконечни текови носи и матици и вирови и стапици и отрезнувања, не ја смалува жедта на поетот: онаму каде што не може да продре само со топлината на љубовта, тој успешно прави пробив со благиот хумор и со прародителската тага. И кога Шопов зборува за жената, за таа најголема метафора на живот, за тајната која во секој момент се преобразува: и кога им се препушта на пределите со кои наоѓа најдобри нишки на разбирање; и кога медитира за смислата на постоењето, за животот и за смртта, за смислата на наследената крв − Шопов секогаш останува свој, питом и топол.

Задоен со печалбарската тага од македонската народна поезија, посредно и индиректно, печалбата тој не ја гледа како општествено-историски феномен на нашите народи, туку како феномен на животот воопшто, посебно како можен израз на егзистенцијалноста на современиот човек. Во баладата под наслов „Песната и годините“, на песната Шопов ѝ се обраќа како на живо суштество, како на честит соборец и двојник:

Ти одиш чекор по чекор,
мака по мака
низ моите години,
Јас одам чекор по чекор,
мака по мака
низ твоите години.
Нема крај и нема изодување.

Помеѓу печалбата и небиднината³ се распростира спектарот на најдлабоките интересирања на поетот. Странствувањето во светот на материјалната егзистенција не го условува секогаш стеснувањето на егзистентноста на сопствениот внатрешен свет. Но, таа вечна колизија меѓу двата пола на опстанокот, меѓу двата пола на битисувањето, врзана, сепак, со цврстите нишки на меѓусебната каузалност, го условува излезот на поетот во небиднината. Не попусто во песната „Небиднина“ Шопов се прашува: кој тоа невидлив во мене седи.

Тој Гордиев јазел подеднакво цврсто ги вплетува и двојникот на поетот и оној сонуван, а никогаш досонуван свет на иднината, свет на бескрајните можности.

Небиднината − и сон и сновидение, во исто време! − своите корени ги влече од човековата печалба, онаква каква што ја означува вообразбата на поетот: небиднината е флуидно проектирање на сопствените неостварености − на широкото платно на „праисконските“ желби. Со тие особености таа незабележително прераснува во мит, нескриено покажувајќи го своето присуство во сите текови на животот на поетот, го определува како мечтател, кој како и детето знае дека куклите не се живи, но тоа не му пречи непосредно да им се обраќа, да разговара со нив, да им се доверува. Поетот е свесен за исходот на сопствената животна авантура, која, впрочем, не се разликува од авантурата на животот воопшто, па тоа сознание не го исполнува со немири од посилен интензитет; скоро да може да се поверува дека неговата меланхолична природа намерно завлегува во способносното нирванско море, ослободена од острицата на болката во најголема можна мера. Навистина, болката не е отсутна од поезијата на Ацо Шопов но таа не пече, нејзиното нагласено потекло не произведува искри; овде болката е сублимно редуцирана на степен на мевлем, доведена во агол од каде што може благо да ѝ се насмевне на својата агресивна праприрода.

Тоа печалбарење по светот и по животот можеби и е единствен излез: патувањето како систем на надвладувањето на болката, па и како надвладување на злото. Ова повеќепати експлицитно го потврдува и самиот поет. На едно место тој се идентификува со галебот кој што кружи над неговата глава, но и над главите на сите мртви и живи, па моли:

Не слетувај галебе мој,
врати се пак во јатото.
Јас сум лотка, осудена
на судир со непознатото.
(„Кон галебот што кружи над мојата глава“)

Но, тоа непознато ни не е толку непознато: во одредена смисла тоа е секогаш познато и законито. Осуден на патување, поетот ја сфаќа бесмислата на таа голема смисла посебно поради тоа што му е јасно дека нема патека за враќање, дека кругот мора да се затвори, па можеби и да се повтори. Но, всушност, кругот никогаш не може да се повтори, како што не може двапати да се влезе во иста река. Ништо не пречи што на било која точка од тој животен круг може да се појави прашањето: „Зар вреди она што мислиш дека вреди?“ („Бела тага на изворот“) Зашто дури и Земјата на својот пат извршува иста работа, боледува од иста болка, ја доживува истата судбина како и поетот.

Земјо, ти веќе не си земја,
ти си грутка надеж,
црна од мака, од соништа зелена,
ти си око фрлено во вселена.
(„Осма молитва на моето тело или кој ќе ја смисли таа љубов“)

Кај Шопов ни ветрот нема татковина: ветрот на добрината! А добрината е движење, секогаш во движење; таа е, како и убавината, составен дел на тагата која е раздвижувана од ветрот. Целиот во дијалектички траверзи, проклето верен на движењето чијашто смисла е токму самиот тек и процес на движењето, поетот ја пронаоѓа адекватната метафора за тој емотивен, судбински однос спрема животот. Во неговата елегија „Август“ патувањето продолжува бескрајно и беспоштедно:

Темното полноќно сонце патува кон својот зенит.

Но, ако Шопов формално и не може да се вреди меѓу мисловните поети, тоа не доаѓа оттука што кај него нема јасни и доста очигледно експонирани идеи, туку затоа што тука е сѐ подведено под напливот на однегуваните емоции и на бујните слики. Неговиот однос спрема надворешниот свет е јасен и недвосмислен, но токму таквиот однос произлегува повеќе од впечатоците, од насетувањата, а помалку од сознавањето на законитостите на животот. Глужд на глужд, / камен врз камен! Тоа никако не значи дека законитоста на сопствениот свет Шопов ја создава исклучиво интуитивно. Зрелоста на неговите чувства суштествено е потврдена во песните „Старо купувам“ и „Романтично бегство“ − значи, не во неговите најдобри поетски остварувања. Во ироничен, па и во сатирично-меланхоличен плапт (што подоцна максимално ќe го развие во своите сатирични балади во книгата Јус-универзум), во овие две песни Шопов ги внесува профилите на сопствениот морален портрет, можноста од егзистентност на својата духовна личност. Двете големи автобиографски метафори − купувачот на старо и чистачот на чевли (,,Романтично бегство“) − се два симбола: лутата носталгија по изгубените вредности, по добрината, по љубовта, носталгија по спокојството и правичноста. А тоа се токму двете песни каде што поетот наизглед не се обраќа кон себеси, туку ја слика објективната стварност во минување, попатно. Иако токму тука формално се потпира на фолклорните елементи, во ритамот и во сликата, Шопов (којшто купува стари саѓи на совеста / стара ‘рѓа на соништата), всушност, суптилно ги транспонира своите убедувања дека не можат и не смеат да се порекнуваат со вековното искуство проверените вредности, бидејќи животот ниту почнува од нас ниту со нас завршува. Веќе вкоренатата бојазливост, плашливост, па и паничен страв кој ги обзема лирските души пред навлегувањето и владетелството на роботите, овде е проектирана во итрoштината на купувачот на стари предмети:

Старо, старо, старо купувам,
стари среќи, стари љубови,
стари радости, стари младости,
купувам стари алишта.
Старо, старо, старо купувам,
старо за нови сврталишта.
(„Старо купувам“)

И тука доаѓаме до целосното сознание на поетот: пред светот на реалноста околу нас, треба да се пронајде засолниште, можеби најпрво (ако не и единствено) во светот на нашата внатрешна реалност. А засолништето не може да се пронајде ниту во смртта ниту во ништожноста, ниту во бегството, ниту во ноевското криење на главата во песокот; засолништето може да се пронајде во осветлените соништа и во со љубов надвиената болка. Затоа, во својата љубовна поезија Шопов не трага по зборовите на раѓање и на лелекање за да може поадекватно да ја одрази суштината на својот величествен пораз: несмирливата глад на телото кое се привидува како на нестварни желби стварен светилник, незгаснатата жед на душата да го прими минатото како светилка на утрешнината. Тоа преточување на вчерашнината и утрешнината е една од доминантните одредници на хуманизмот, на поетот по патот на премостувањето на судирите меѓу луѓето од нашето време. Зашто, судирот постои дури и кога е во прашање љубовта; недоразбирањето е условено со алиeнацијата на суштинските човекови вредности.

Подоцнежната фаза на поетот е врзана за новото поднебје и за „старите“ мисловни и емотивни преокупации. Црната Африка, другите и уште потаинствени јазици, издржливите и на болката непокорните луѓе, силата на плодноста секогаш олицетворена со жената, богатството на природните тонови во својата неповторливост, човечката зачуденост пред надмоќностите на елементарната природа − сето тоа е собрано во една општа, генерална метафора која поетот ја сврзува со огромното и древно африканско дрво баобаб, дрво на животот, во чие шупливо стебло мртовците ги погребувале простум. Во таа исправеност, во таа непомирливост со состојбата која нѐ опколува, во таа непокорност на ропската структура на животот, во тоа шупливо а вечно живо и непобедливо стебло −  нашиов поет ја наоѓа својата татковина, својата Македонија, маката на сопствениот народ, она што значенски му го наложува на магичниот збор небиднина. Двете далечни земји, Сенегал (каде што последните години работеше Шопов) и Македонија, две поднебја, така се поврзуваат со исто сонце, со истата низ векови црна мака, се допираат со виталните симболи и продолжуваат да ги предат (во Штип и во Жоал, како што би рекол поетот) своите големи грижи и облагородени надежи.

Во овој зрел творечки момент, поетот и како да не се трудел своето поетско и животно искуство да го покрие со вештачки превези: сведувајќи го зборот на неговата изворна функција − потпрен на македонската и на сенегалската легенда − тој од несетени граници ја проширува неговата контекстуална симболика. Шопов ќе го следи човекот на неговиот бескраен пат на ослободување од оковите (да се сетиме на неговите борбено-активистички партизански стихови, да се сетиме и на песната „Очи“ и да ја спoредиме со очите на сињарката од кои се моли излекување!), но никогаш не ќе го затекне така мудро осамен и длабоко загледан во себе како во песната „Загледан во океанот“, каде што стои на брегот и во мислите ги довикува / сите галии на своите непознати предци, кои на пат кон неизвесното, се исплoвени пред многу векови во непознатата утрешнина. И како чудејќи се, поетот ќе прошепнува:

Човекот неподвижно стои како скаменета жал.
Океанот е огромен, а човекот мал.

Тука ќе се појави и оној крилат коњ кој го обигрува целиот свет, сите мориња и океани, и одвај ќе собере сили за да слета на родното езеро и, скоро беспомошно, тука ќе предизвикува љубопитни и не секогаш добронамерни коментари: за лудоста и бесцелноста на таквиот потфат! Но единствено тој, тој коњ, ќе може во тој и во таков лет да ја открие највисоката смисла:

откривајќи го светот да ја открие татковината па и
откривајќи ја татковината да го открие светот.⁴
(„Настан на езерскиот брег“)

Овој храбар војник на лирската искреност, како што го нарекува Митрев (тврдејќи дека Шопов со своето дело го потврди старото правило на лириката: ако не ја кажеш вистината за себе, не ќе ја кажеш ниту за другите!), во таа привидна антиномија ја наоѓа онаа глобална одредница за своите долги и трајни патувања од една до друга небиднина. Трагајќи по соговорникот во најинтимните човечки региони, уште од самиот почеток поетот верува во можноста на вистинската комуникација меѓу себе и живата и сложена реалност која го опколува. Патува, како огнено виножито се наднесува над овој свет, им пркоси на разочарувањата, со страдањата на домот и на татковината себеси се изедначува, се бори со ограничената моќ на зборот, зборува за привидноста на траењето и за трајноста на привидот. Така, Ацо Шопов создава дело со трајни вредности. Така − нoќ и ден. Активист и мечтател, патник и мудар гледач во пепелта. Верен на убавината и на белата тага на изворот, приврзаник на огнот, искушеник на болката − човек.

Човек сум. А што е човек?

− његошевски ќе запрашува Шопов многу порано отколку што, под африканското небо и под расцветаните фланбоајани, ќе почувствува како по цела ноќ урлика земјата и мистично одекнува ритамот на там-тамот, како се пренесува од привременоста во вечноста и, како во песната „Баобаб“, се враќа кон прапочетокот, кон суштината:

Сето село го опколува не може да го опколи.
Дрво на животот. Храм на мртвите. Татковина.

Поетот пред Океанот. Човекот пред Океанот! Црниот балон на смевот. Таа огромна водена површина, во која што судбински се огледува контроверзниот мал човек, под утринското сонце ја губи својата мистична понорност и како на мајчина⁵ дланка дозволува Човекот да порасне („Човекот е огромен, океанот мат“!) и да го победи она исконско Ништо за што пее не само овој поет. Но тој мал-голем човек, двојникот на поетот, самиот поет, лирскиот револуционер, мудриот селектор на животните радости, воздржан меланхолик, со богат и разновиден внатрешен релјеф, поетот-илузионист, прерано се растопи на вжарениот Океан.

Моќниот господар на зборовите, оној којшто преку целиот живот трага по едноставната и сеопфатна метафора на постоењето, по небиднината, замолче во дозреаната конечност, на самиот раб од пладнето на човековиот век.

Но, зад Ацо Шопов останува поетско дело кое го втемелува како трајна вредност не само на македонската литература и култура. Дело кое со текот на времето добива нов сјај.
_________________

¹ „Везан сам за Македонију“, Око, бр. 123, год. IV, Загреб, 2−16. 12. 1976. год.
² Покрај еднодушното признание на критиката, збирката ја доби и највисоката македонска литературна награда „Браќа Миладиновци“ (1976).
³ Во големиот Речник на македонскиот јазик не постои зборот небинина; постојат само зборовите небидник (проклетник, проклето челаде и небидница (− ad 1: проклетиња, проклето чељаде; ad 2: нешто неостварљиво, фантастично, немогуће: измишљотина). Небиднина е кованица на Ацо Шопов. Го консултиравме авторот и други македонски писатели и лексикографи и добивме објаснувања дека небиднина значи: нешто што не се случило, нешто што нема да се случи, невозможност, непостоење и слично на тоа. Во книгата избрани песни на А. Шопов Предвечерјe („Графички завод“, Титоград 1966.), иако свесни за значенското осиромашување на оваа сестрано интересна кованица, небиднина ја преведовме како непостоење. Така постапивме и во изборот лирика на Ацо Шопов Песме, кои ги издаде „Народна књига“ во Белград 1974. Интересно е што и самиот Шопов, во анкетата на Политика (Ко је на вас пресудно утицао и зашто?), која ја водеше Д. Адамовиќ (Политика, 15. февруари 1976) категорично објаснува дека небиднина значи непостоење. Во припремата на изданието на „Рад“ (Ацо Шопов: Дуго долажење огња, изабране песме, Београд 1977), покрај останатите јазични и стилски иновации, во обидот што поадекватно да се изрази светот на поетот, небиднина „дефинитивно“ ја преведовме како привид (сметајќи дека во тој случај ќе се спојат двата нејзини пола: насетувањето и непостоењето!). Меѓутоа, тогаш го прочитавме интервјуто на поетот даден на Михаилова-Бошњаковска (Odjek, Sarajevo, год XXIX, бр. 21, 1 − 15 ноември 1976), во кој е спомнат и овој проблем. Што е небиднина? − се прашува поетот, и одговара: „Постојат повеќе или помалку успешни преводи на овој збор, но ниеден не успева да ја изрази нејзината суштинска смисла. Овој збор за мене ја изразува сета судбина на нашиот народ: неговата вековна борба, стремежи, неостварени идеали, љубови и страдања. Небиднината е небиднина и, ми се чини, непреводлива.“ Навистина, по ваквата семантичка задача која поетот му ја дал само на еден збор, преведувачот останува скоро беспомошен. Во српскохрватскиот јазик (па ниту во богатото црногорско јазично милје) ние не пронајдовме соодветен поим, па се одлучивме, заедно со ова објаснување, во тоа издание да ја задржиме изворната невиност на небиднина.
⁴ Овие стихови (песната „Настан на езерскиот брег“) Шопов ги парафразира во споменатото интервју во Одјек: „Сакајќи да го запознаам и да го откријам светот, јас поблиску ја открив и ја запознав својата татковина, во суштината, го запознав и го открив светот.“
⁵ Поетовата мајка, мајката-поет, сведочи Шопов (Политика, 15. февруари 1976) на својот син ја пренесува љубовта спрема поезијата, исто онака како Мајката-Татковина, оставајќи му ги во наследство бројните лузни, што му ја завешта љубовта како мелем − спрема човекот кој го победува страдањето спрема народите кои се исправуваат. Пишувајќи за песната „Очи“ на Ацо Шопов (Борба, 22 мај 1982), еден друг македонски поет, Радован Павловски, со други зборови ќе ја синтетизира на нас сродната мисла: „Никакви пропасти не можеле да го однаследат нашето старо културно наследство“, македонското наследство.

_________________
* Интимниот свет на Ацо Шопов. — Современост, 1984, год. 34, бр. 5, стр. 18-27, превод на оригиналниот текст на српскохрватски: Интимни свијет Аца Шопова, поговор на Предвечерје, од Ацо Шопов, во препев на Сретен Перовић, Титоград, Графички завод, 1966, стр. 99-112.