Активна поетска обопштеност*

Доне Пановски

Поетот Ацо Шопов, оној што го познававме како суптилен лиричар од неговата досегашна поетска продукција, овој пат, со збирката песни Небиднина можеме да констатираме дека на еден умешен начин и третман на мовската ангажираност успеал својата лирска наклонетост да ја идентификува со сталожен и импресивна медитативност, што како финална реализација ненаметливо фрапира. Осцилирајќи помеѓу субјективното и емотивното интерпретирање на една и потполно одговарајќи на естетско-идејните носивости на сопствената поетска обопштеност од друга страна, Шопов успеал да се оттргне од зафатот на субјективистичките сфери во кои потпаѓаат повеќе автори при третманот на субјективните преокупации. Затоа, нашата опсервација тргнувајќи од еден ваков аспект ќе може само да ги регистрира поетовите креаторски резултати, што неговата субјективна обопштеност успеала на мошне луциден начин да ги изнијансира до рамниште на корелативност со општествените естетски нормирања. Зашто секој излив на субјективното коишто ги исполнува естетските барања, кој е оформен уметнички и предизвикува од автохтони импулси, со својата сугестивност  се израмнува до едно објективно осознавување:

Но и тогаш играта ќе продолжи пак
со иста таинственост и со иста чедност,
И тие треви што ќе те покријат со мрак
ќе изгорат во пожарот на твојата жедност.
(„Последна молитва на моето тело“)

зашто светот на уметноста е таков: и субјективната и објективната инспирираност се одрази на авторовата интуиција, зашто до нивната конечна оформеност мора да поминат низ иста субјективна трансмисија за на крајот како кристална уметничка реализираност да останат инфинитaнтни.

Поезијата што се најде пред нас токму ја потврдува горната констатација. И двата циклуса „Молитви на моето тело“ и „Песната и годините“, фундаментално се ослонуваат врз емотивното на поетот, врз рефликсиите што ги регистира неговото суштество, но начинот на нивното перцепцирање и уметничко редуцирање, претставуваат посебна брилјантност под чија опсесија долго ќе останеме. Осврнувајќи се врз својата поминливост како суштество и идентификувајќи се со својот продукт како креатор, поетот не ќе може а поинаку да осознае:

Твоите години и моите години –
твоите години во мојата мака,
моите години во твоето срце.
(„Песната и годините“)

Зашто неговата суштественост прераснува до тотална идентификација и доведувајќи го своето поетско кредо до изедначеност со својата физичка објективност, ние мошне фрапално ја восприемаме оваа инкарнирана компактност. Анализирајќи ги стиховите на Шопов од еден ваков аспект, ние навистина ќе останеме импресионирани од магепсната интегралност што неговата поезија ја донесува во однос на естетско-идејната носивост, нејзината одмерна комуникативност и оштествена ангажираност.

Понесувајќи ја вредноста на зборот до пиедестал на семожност во однос на уметниковото комуницирање со објективната обонштеност, поетот ќе рече:

Камен врз камен,
од камен и ние обата.

————————

отвори ме
проклетио,
ти тврдино камена,
да изгорам во јагленот на зборот,
да се стопам.
(„Раѓање на зборот“)

И ние само во почетната песна, ами и во сите останати во книгава, недвосмислено ќе констатираме дека поетот успеал да ја отвори таа тврдина камена, да и го вдахне своето поетско чувство од кое изникна една поетска племенитост, една субјективна оригиналност способна обопштено да комуницира како објективен суштествен израз.

Темелноста на поезијата од Небиднина бремена е со носивост и субјективност (оригинална, објективна, дејствителна субјективност!) и интелектуалност како одраз на поетовата мотивска преокупација. И токму тоа ја сочинува нејзината примарна квалитетност.

__________________
* Текстот е објавен во Студентски збор, бр. 18-19, Скопје, 1964, стр. 7.