Нова фаза во поезијата на Ацо Шопов*

Науме Радически

Поетските текови и развојност означени со името на Ацо Шопов претставуваат една од доминантните актуелни текови во повената македонска поезија, неговиот поетски профил еден од најкарактеристичните и најостварените, а неговиот поетски опус една од најзначајните вредности во современата македонска поезија.

Превосходно поет, тој веќе обележува цели четири децении поетско, творечко искуство, од Песни (1944) до Дрво на ридот (1980). Поетски свет кај кого, на прв поглед, до скоро можеа да се очекуваат само „внатрешните“ трагања, доистражувањата најмногу во оној свет од неговиот период на Небиднина (1963) и Гледач во пепелта (1970), кој всушност, беше па и останува, од повеќе аспекти, најизграден во неговата поезија.

Меѓутоа, по неколкугодишна пауза, Шопов направи радикално свртување со книгата Песна на црната жена (1976), а најпосле и со Дрво на ридот (1980) веќе нѐ води кон еден нов поетски свет, чии контури се веќе доста јасно одредени и кои навестуваат нова фаза во неговото поетско творештво.

Во најновата книга на Ацо Шопов нов и автентичен пат си пробива повторно автобиографската интимна лирска линија, најмногу својствена за неговата фаза од времето на Стихови за маката и радоста (1952) и Слеј се со тишината (1955). Карактеристичноста на ова е до толку позначајна и понаметлива уште и со фактот што на неа ѝ е посветен, главно, првиот циклус, за преку други поетски принципи, да биде и натаму присутна, испреплетена во натамошните, исто така, значајни компоненти во слоевитоста на ова претставување на поетскиот говор на Шопов. Автобиографско − интимнoтo, како што е и утврдено и лесно препознатливо, сега е концентрирано на мислата за болното тело (песните „Оздравување на болниот“, „Од најстара и најчиста сончевина“, „Сонцето и телото“ и др.).

Меѓутоа, ни мотивот на болното тело, како ни уште некои други помалку или повеќе препознатливи одлики во Дрво на ридот не можат да бидат доволно осознаени без сознанието за едни, според нас, овде многу пошироки творечки посегнувања на авторот. Најпрепознатлив во таа смиsла, овде е походот на Шопов во митските сфери на песната, на што, од формално − изразен аспект, му соодветствува долгиот, наративно − реторски стих, посегнувањето по некои изразни средства, но и по цели мотивации, во сферите на народната песна на нашиот народ и далечните митологии на старите народи. Ова неоспорно треба да се превнесе кон поимот за болното тело, уште повеќе кон чинот на оздравувањето − како чин на придигнување за еден далеку поголем завет од сопствениот живот, заветот на татковината и слободата. И болеста и самото оздравување во овие песни на Шопов се создадени на еден поетски принцип кој неминовно активно, живо го содржи митското. Тоа е веројатно највпечатливо во песната „Оздравување на болниот“, во која болното тело го наоѓаме оставено само на врвот на планината; една неоспорно митска слика, која се повторува и во песната „Од најстара и најчиста сончевина“, а понатаму, во следниот мит или во следната слика тоа „гори од оган/, врели думани се креваат од него“/ „ги замаглуваат сите планини и котлини“, (и уште ред други такви слики), но секако уште повеќе во песната „Сонцето и телото“, во која на својот пат сонцето поминува над планината на чиј врв се наоѓа болното тело.

Уште во преокупираноста со болното тело, забележително е присуството на опседнатоста од мислата н чувството за родниот крај, за татковината („Оздравување на болниот“), опседнатост од нејзината историска и сегашна судбина. Во понатамошните текови на книгата посебно изразено своетo место ќе го најдат и болката на поетот  по родниот крај, мислата за татковината во време кога се наоѓа далеку од неа, како и барањето, идентификацијата на својата татковина и родниот крај со градовите и просторите на Африка, а судбината на својот ропски народ во минатото со судбината на црните робови („Езеро на животот“), што се провлекува од книгата Песна на црната жена. Понатаму ова се разраснува до поетската визија, која, всушност, ја одразува блискоста и пријателството на нашиот народ со народите на Африка денес (на пример во песните „Две раце“ и „Како најубави катрени од народната поезија“), визијата за светот на нашето време воопшто („Во еден од центрите на Париз“). Кога пошироко би се зборувало за оваа книга на Шопов, треба несомнено многу повеќе внимание да се посвети на неговите ликови за татковината и за родниот крај, се разбира најмногу преку создавањето на една митска поетска слика и преку мотивот на болното тело, но не само тело, кои ги истакнавме.

Основните текови на конструкцијата на поетскиот свет на Шопов во оваа книга, од мотивот нa болното телo до поетската мисла и визија за својата татковина, за идентификацијата на народите и за подадените раце на сите народи за едно големо братство, неминовно стојат, во овој случај, на митската поетска слика, под (знакот) на митските трагања на поетската мисла, која е не само толку многу присутна, туку преку многу слики и ретко успешно остварена. Со нив е доминантно обележана оваа книга или најновиот откриен и создаден поетски свет на Шопов.

Со вака освоените нови поетски, лирски, простори и нови творечки принципи, за најновата книга на поетот Ацо Шопов, слободно можеме да речеме дека претставува и нова фаза во неговото творештво, а во добра мера на свој начин тоа е автентична новина и за современата македонска поезија.
______________
* Осврт кон Дрво на ридот, Мисла, Скопје, 1980, објавен во Студентски збор, 04.04.1981