Негроафриканскиот свет во поезијата на Ацо Шопов*

Лилјана Тодорова (1934-2017), македонски филолог и дипломат

Лилјана Тодорова

Еволутивната врвица на поетот Ацо Шопов, од една страна и, од друга страна, четиригодишната дипломатска должност што ја вршеше од април 1971 до јануари 1975 година во Република Сенегал и Република Гамбија како наш извонреден и ополномоштен амбасадор, го претставуваат она автохтоно искуство во неговиот творечки идентитет што посебно е втемелено во духовниот мост кој неговата поезија, со силата на својата содржинска носивост, го воспостави меѓу негроафриканската култура и нашата, за суверено да опстојува и пред најригорозните критериуми.

Тоа емотивно доживување на африканскиот континент, поточно на делот јужно од Сахара наречен Црна Африка, претставува еден спецификум на поезијата на Ацо Шопов, по многу нешто неповторлив во целата македонска лирика. Но, слично на црнечкиот сензибилитет, тој му приоѓаше на овој нов вруток на инспирација не толку за да го издвои она што е егзотично во него, туку уште еднаш да ја разгрне својата интимна духовност и својот хуманистички ангажман за, низ сферата на физичката и духовната убавина на африканското поднебје, да ја доживее судбината, несреќата на овој континент, но и неговата величина, правејќи истовремено споредби со несреќите на својата татковина, за да ги издигне вредностите на човекољубието на поширок, универзален план.

Чувствителната природа на Ацо Шопов бргу ce вклопи во оваа раскошна африканска средина која носеше инспирација и даваше витален творечки импулс. Веднаш по предавањето на акредитивите на тогашниот претседател на Република Сенегал, Леополд Седар Сенгор, инаку голем поет, Ацо Шопов беше наречен негов поетски собрат, како што таквото именување е својствено за Африканците, и оттогаш, низ другарувањето со сенегалските писатели и пошироко, вршејки ја паралелно и државничката дејност, Шопов секојдневно ќе ги запознава и открива автентичните вредности на црноафриканската цивилизација и така ќе постигне едно вистинско здружување и дијалектично проткајување на релацијата Африка – Македонија.

Тоа нурнување во Африка ќе обелодени пред него една земја од оган што крвта често ја поцрнувала, една земја од рани со пароксистички облици, но во која човекот, голем колку и континентот, ја олицетворувал силата на животот со сета моќ на генетското наследство преку кое тој опстојувал. Оттука Шопов и самиот во младоста борец за слобода и правда, посебно ќе ги доживува овде темите на поетите на негритидата – црнештвото, тој „културен продукт на африканските народи“, како Сенгор го формулираше овој посебен феномен во рамките на негроафриканската историска, културна и уметничка традиција.

Ќе одбележиме овде дека имавме посебно прилика во нашите лични разговори со повеќе значајни личности од културниот живот во Сенегал, посебно со професори од Универзитот во Дакар и особено со сенегалскиот амбасадор Ибрахима Диенг, кој во исто време со нас ја вршеше оваа должност во Република Гвинеја, да ce увериме колку силни импресии за Ацо Шопов чуваат во овој далечен свет, и по повеќе од десет години, сите оние што имале можност да го сретнат или да му бидат пријатели.

Kaj самиот Диенг кој, како младински раководител порано неколку пати учествувал во разни работни средби или младински манифестации во поранешна Југославија, многу свежо беше сеќавањето за неговиот „речит и сензибилен собеседник“ како и за пошироките средби што Ацо Шопов ги организирал (или учествувал) и на кои оставал впечаток со својата комплексна, повеќеслојна мисла преку која неговата интимна нота добивала филозофски и хуманистички димензии. Kaj овој човек од дипломатијата не помалку жива беше и претставата што, благодарение на Ацо Шопов, ја стекнал и за Макеоднија и за нејзината културна историја при што, не е без значење, дека Шопов, на најубав можен начин, ги афирмирал и нејзините вредности.

Иако, на извесен начин, може да ce чини дека Шопов со своите африкансии песни објавени во збирката Песна за црната жена (1976), излегол од рамките на македонското поднебје и ce оддалечил од дотогашните мотиви во неговата поезија, всушност ќе ce види дека тој ги огласува, и во оваа прилика сите поранешни егзистенцијални поетски мотиви, развлекувајќи ги на поширок план, правејќи ги повеќедимензионјални, согледувајќи ги од еден променет агол на набљудување во една поинаква атмосфера и поинакви општествени односи отколку што ce оние на Африка, поточно на Црна Африка.

Во таа смисла Ацо Шопов ќе биде нашиот прв Бернарден де Сен-Пјер чие мото поставено на влезот на Црвената куќа на робовите на островот Горе кај Дакар, опоменува за понижувачкиот Црнечки законик (Code noir) воспоставен во 1685 година […] Toj ќе биде и нашиот прв Андре Жид, Гијом Аполинер или Ален Роб Грије кој ќе ги покаже духовните хоризонти, традиционалниот живот и вредностите на овој негроафрикански свет. Низ спектарот на инспиративните поттикнувања ќе ce прекршат поетскиот јазик на Шопов и транспонираните теми од неговата претходна поетска етапа и ќе ce насети поетското созревање што, инаку, ce поклопува со воведувањето на естетскиот плурализам во македонската книжевност воопшто. Ацо Шопов со оваа збирка станува (sic) навистина модерен поет, со поголема слобода во изразните форми со нови акценти и нов ритам што звучат уште посудбински за исконските пориви на постоењето, на животот.

Африканските песни на Шопов ce под знакот на повеќе типични обележја што претставуваат материјални сведоштва за автентичноста на црнечката култура и за мистично-магискиот карактер на црнечката уметност. Тие исто така ce израз и на комплексноста на самата мисла на поетот што поминува и ce искажува низ разновидни психички спреги. Овде ќе издвоиме неколку африкански „содржини“ кон кои Шопов ќе пројави посебен емоционален однос: баобабот, фламбоајаните, ивернажот, там-тамот, маската […].

Покрај овие тематски обележја што ја „негрифицираат“ поезијата на Ацо Шопов, во овој заеднички именител на елементи посебно место зазема неговиот интерес за легендите, преданијата и воопшто за народната традиција која навистина cѐ уште живее интензивно во Африка. Toj свет на африканската орална традиција Шопов го евоцира преку народниот пеач дијали: во старото Манденшко Царство така ги нарекувале денешните гриоти, народни забавувачи или трубадури, што припаѓаат на посебна класа(племе). Тие имаат голема улога во зачувањето на африканските семејни обичаи или ритуали (свадба, крштевка, особено ce специфични за религиозните песни кои ce среќаваат кај сите етнички групи, посебно кај анимистите кои сметаат дека умрените учествуваат во дејноста на живите. Во таа смила ce величаат на пр. големите дрва (баобабот), карпи реки (Гамбија, Сенегал, Нигер, Конго), планини, со цел придобивање на наклоноста на духовите. Свежината на тие песни „со вкус на манго“ што всушност ce живата историја и најбогатата библиотека на Африка, допира до нас посредно преку поемата на Шопов „Во твојата оезија жуборат бистри води“, посветена на народниот поет.

На Шопов особена импресија оставил оној историски период што ја запре „афричката ренесанса“ кога, во резултат на милениумската историја на овој континент имало богат културен живот, развиени вештини, најпрефинети занаети, организирана заедница и комплексен политички систем со Совет на мудреци, со религиозна лојалност (ислам и христијанство) и етничка солидарност. Toj период на прекин на ваквиот процут на африканската цивилизација познат во историјата како Трговија со робје започнал во втората половина на 15. век, заедно со доаѓањето на првите колонизатори на овој брег, Португалците, Англичаните, Холанѓаните и продолжил cѐ до крајот на 19 век.

Како поетски мотив, овој историски период што болно го потресол нашиот поет со својот автентичен африкански трагизам, станал многу чест мотив во неговата поезија. Загледан во океанот, тој секојдневно го забележувал островот Горе на три километри спроти Дакар во океанот кој со својот изглед, од секој агол, ги евоцира токму тие моменти кога од овде, од Куќата на робовите, европските трговци го започнувале префрлањето на синџирот со робје, за со бродови да стигне во Новиот свет, во Америка. Ce смета дека од околу 40 милиони претежно млади африканци меѓу кои и девојки и деца, „живо црно робје“ како вели поетот („Со прикован поглед во Црна Африка“), најмалку шест милиони умреле од тешките услови или од нечовечниот однос на господарите. Овие песни на Шопов собрани под наслов „Светлината на робовите“, со право можат да ce вбројат меѓу најуспешните рефлексивно-филозофски поеми, оние со најзгуснато сиже и најнапрегнатите во однос на човечката трагика.

Но, имајќи продлабочена свест за специфичностите на црнечкиот сензибилитет, Шопов и во оваа поезија ќе ја нагласи љубовта и, како на најсилен животен корен, ќе ѝ го даде нејзиното судбинско место: да го одбрани човековото достоинство, животната радост, да ја овековечи убавината, посебно овде на Црната жена и свежината на овој свет, да створи симбол на недогледната убавина на Африка, да биде апотеоза на убавината воопшто.

Своевидната драма на поетот, потребата да ce биде близу до родната грутка, не затајува ни во оваа непосредна инспирација, и покрај сиот негов афинитет кон Африка: тој сонува во „сините очи на црноликите сињарки да изгрее синилото на неговата татковина“ кон која мислата постојано ce враќа со тага и носталгија. („Во очите на сињарките“). Сињарката од Горе¹ со својот изглед на „црна арматура со очи синолички“ и со вкрстената крв во неа, како највидливо да го брише антагонизмот меѓу двата света, Африка и Европа, и да ја симболизира таа силна желба на Шопов за збратимување на родниот Штип под Исарот и на Жоал на Океанот, два града мали, но толку големи по нивната љубов, за збратимување на светот во целина.

Така, поистоветувањето на светот со Татковината, изразено преку емотивниот запис на Шопов од сетилното спознавање на африканскиот свет, ce вклопува во рамките на еден филозофски контекст во кој африканските зборови му служат на поетот само како кодови за вникнување во лавиринтот на неговата поетска потсвест. Во тоа упориште на својот светоглед Шопов ќе го оствари творечкото дијалектичко единство меѓу своето автохтоно национално поетско битие и оние други вредности што ги стекна низ космополитското искушение и ги презеде од духот на медитеранската култура и од контактот со другите (африканските) народи.

Всушност, како што и самиот изјавуваше² , Ацо Шопов сакаше, откривајќи го овој свет, да ја открие, преку него, Татковината. Но, тој сакаше и да покаже дека поезијата е една голема човекова можност да проникне и во својата иднина. Поточно речено, да го најде начинот како најинтензивно да живее, зашто поезијата за него беше основа и за неговата егзистенција, антејска моќ преку која неговиот космополитски дух беше постојано со човекот.

_____________________________________________________
¹ Сињарка, од португалскиот збор „senhora“, госпоѓа, обично ќерка или сопруга на Европејците, односно белците, метистка необично убава, со вита става.
² Драгица Спасовска, вовед на Црној жени y сан/Ацо Шопов, Београд, Сфаирос, 1990, стр. 5
_____________________________________________________
*Во Творештвото на Ацо Шопов: симпозиум по повод 70-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, Скопје, 1993, стр. 98-103