Небиднина на Ацо Шопов*

Чедо Јакимовски

Во повоениот, слободен растеж на македонската литература Ацо Шопов претставува една од најзначајните активи, која повеќе од две децении се движи по највисоките врвици на современата македонска поезија. Неговиот поетски растеж се идентификува со целокупниот растеж на нашата литература, која во изминатиот, релативно кус период, со своите квалитативни дострели успеа рамноправно да зачекори со литературите на останатите југословенски и европски народи. А поетскиот придонес на Ацо Шопов во развитокот на современата македонска поезија е драгоцен дел и врвен резултат, плод на една богата поетска природа и моќен лирски талент.

Ацо Шопов е роден во Штип во 1923 година. Како младинец се вклучува во НОБ и во кусите oдмори меѓу маршевите и борбите ги запишува првите стихови инспирирани од големината на Револуцијата. Од тој период се познати повеќе песни на Ацо Шопов, од кои посебно ќе ја спомнеме антологиската песна „Очи“. По ослободувањето неговиот поетски талент доживува полн расцвет и оттогаш, па сè до денеска тој претставува една од најзначајните појави во нашата литература. Веднаш по ослободувањето ја издава стихозбиркатаПесни, а потоа Со наши раце, во која ја опева социјалистичката изградба на нашата земја и невидениот полет на младите кои со цврстината на своите раце изградија десетици огромни објекти од големо значење за нашиот понатамошен развиток. Потоа следуваат стихозбирките: На Грамос, Стихови за маката и радоста, Слеј се со тишината, Ветрот носи убаво време, Небиднина и авторовиот избор на песни под наслов Раѓање на зборот, што неодамна се појави во издание на „Мисла“.

Два непресушни извори извираат од поезијата на Ацо Шопов од кои се преточува една голема љубов: љубов кон нашето топло тло и љубовта кои жената. Овие две големи и вечни преокупации не можат да се замислат една без друга, се испреплетуваат, се надополнуваат, за да израстат во една егзистентна вистина на која се темели сето постоење на човекот. Шопов, пред сè, е рефлексивен поет, кој во сите региони на човековата свртеност кон животот ја бара нивната суштина, корени и патишта, низ кои човекот ќe дојде до остварувањето на својот сон за една поубава и посодржинска иднина.

Во лектирата за учениците од III клас при училиштата од втор степен е предвидена стихозбирката Небиднина од Ацо Шопов. Оваа поетска книга го претставува врвот на досегашното творештво на поетот, таа е една длабоко мисловна свртеност кон најсуштествените прашања на човечката егзистенција, таа е една широка скала од бранувања и немири и длабока верба во убавото време што го донесува тивката растрепереност нa ветерот. Посебно доживување во оваа поетска книгa претставуваат песните „Небиднина“ и циклусот „Молитви на моето тело“.

Песната „Небиднина“ е компонирана од неколку делови. Во неа поетот се соочува со повеќе прашања што го вознемируваат, како што е вечниот процес на минливоста, неразделната поврзаност на човекот со нештата што го окружуваат, жената како симбол на постојаното обновување и предел на секогаш непознатите емотивни откритија. Токму заради тоа поетот ѝ се обрнува на жената се следните стихови:

Жено непозната, жено мудра
ти што минуваш секогаш спокојна
крај овој прозор на темнината
глува за лелекот,
слепа за очајот,
од каде тоа лажно спокојство,
од каде во тебе мојата крв…

Од каде во тебе
мојата крв, жено
Патував долго, патував цела вeчност
од нас до нашата небиднина.

И во циклусот „Молитви на моето тело“ поетот го бара одговрот на повеќе прашања што постојано го преокупираат: како да се пронајде обичниот непронајден збор со кој ќе се откријат сите загатки што секојдневно ги донесува поетскиот чин? Или: во кои предели на постоењето се кријат тајните на љубовта, секогаш нови и неповторливи? Веројато затоа поетот се прашува: во „Третата молитва на моето тело“:

Што си: девојка, жена, мајка: Штo си
ти што бдееш пред овој храм во кој со тишина се лечи
телото мое, молитвено што клечи
Светлина ли, мрак ли твоето идење му носи
Штo си: девојка, жена, мајка, што си?

Што си ти: девојка, мајка, жена,
ти − скаменета пред влезот на овој храм
со моќно име: ПОБЕДУВАМ,
па ова тело возвишено го крена.
Што си ти: девојка, мајка, жена?

Прочитајте ја оваа прекрасна поетска книга за да ја согледате големината на поетскиот збор, да ги откриете убавините на поезијата и да ја почувствувате чудесната широчина на поетскиот глас ва Ацо Шопов.

 ______________________

*Текстот е објавен во Млад борец, Скопје, 1967