Поезија на еден глас *

Богомил Ѓузел (1939-2021), македонски писател и преведувач.

Богомил Ѓузел

Со своето дваесетгодишно постојано учество во македонската поетска актива Ацо Шопов денес изнурнува како единствен жив поет со толку искуство во практикувањето на својата поетика. Затоа, при разгледувањето на неговата најнова книга стихови Небиднина склони сме да го свртиме својот интерес пред сѐ кон евентуалните пораки на тоа богато поетско искуство, кон разоткривање на техничките тајни на неговата поетика, кон крајните филозофски постулати на лиричарот што пее на еден глас.

Во случајов, меѓутоа, ништо не би било попогрешно од таквиот пристап, од таквото прејудицирање на живиот поетски збор. Зашто, она во што се состои најголемото поетско достоинство на оваа книга сè уште е битката за зборот извлечен од немуштата „лоша дамнешна“ крв, од исконското тело – тој зол „непрокопсаник“. Се чини дека Шопов сѐ уште го отплатува данокот од заговорот на прадедовците, од неизразивото минато.

Најдлабоката порака пак, е – поетскиот пораз, односно оној пораз на творечката личност обликувана во еден јазик, во кој се состои единствената човечка стојност на поезијата пред природното совршенство на убавината. Чинам дека по тоа најдлабоко осмислени се овие стихови:

Везилка си на оваа игра, на оваа домородска песна
а не знам дали си моја ноќ, дали си ден,
и оваа грутка црвеница врз која лежам е тесна
за овој пораз мој величествен.
(„Шеста молитва на моето тело”)

I

На средината од својот животен пат, Ацо Шопов е принуден да почне одново, небаре од самиот почеток, во потрага по оној збор што како топол јаглен искорнат од немуштиот камен ќе го осветли срцето на првобитниот мрак. Прва од „Молитвите на моето тело“ е молитвата за раѓањето на зборот, на оној „обичен но уште непронајден збор“ што можеби не постои, но поради кој постои поезијата. Со тоа е скициран патот низ подобриот дел од сета книга – поразот ја донесува добивката.

Почетокот се обопштува – телото се поистоветува со земјата, со природните елементи, зашто поетот секогаш неизбежно започнува како елемент, како стихија, како анархија што бара ред, ново вреднување, нова хиерархија за урнување.

Ова тело личи на жедна суводолица
поцрнета од сонце, испукана од жега.
Ова тело е истрајно и гладно како јаловица.
Биди му родилка, зачни го повторно сега.
(„Седма молитва на моето тело”)

Во ова оповикување на поетскиот збор, со кое одново продолжува да ѕуни гласот на поетот, се сеќава и повикувањето на љубовта – тоа „Што си ти: девојка, жена, мајка?“ – што исто така е погибелна со својот инстинкт да нè победува. Зборот е потребен за да се се осмисли љубовта, а љубовта за да се пронајде зборот. Од тој круг на трагање по зборот, или по љубовта, од кој однапред се знае дека не може да се излезе, од таа борба со самиот себе (поетот е затворен во телото како во зандана), од таа „небиднина“ на искуството, како најдрагоцена ни се нуди пак свесноста на измамата на поезијата:

Готово месечино, довека готово!
Во твојата преполна шарена мрежа,
мрежа од страдања,
од притворства и слатки бладања
од многу надежи изгубени,
нема веќе место за никого,
најмалку за тие што се вљубени.
Боли месечино. Нека боли.
Болат твоите ребра погодени.
Под тебе светот и ние сме голи.
Штотуку родени.
(„Осма молитва на моето тело”)

II

Ацо Шопов е поет на своето „јас“ – неговата поезија е поезија на еден глас, оној на поетот. Дека неговата поетика останува да биде една од најдоследните техники што се практикуваат во нашата поезија и дека неговиот врзан стих сѐ уште умее да биде плодоносен за неговиот поетски говор – тоа ни го потврдува првиот циклус од збиркава, „Молитвите на моето тело“. Зборот што е искорнат од месата во право време ни покажува еден познат интимен микрокосмос, што сепак не останува глув за макрокосмосот на светот.

Меѓутоа во тој домен се и границите на поетската постапка. Зашто, онаму каде што Шопов се обидува да ни говори за другите, или небаре за една одредена публика, – во циклусот „Купувачи на старо“ [„Старо купувам” и „Романтично бегство“], стихот се разлабавува спуштајќи се на нивото од несублимираниот народски говор. Во песните од тој циклус можеме само да го поздравиме напорот да се оживее нашиот народен верз верс – песната „Романтично бегство“ прилега на некоја народна романса – но евентуалниот успех не е над нивото од безимениот народен поет.

Рековме во почетокот дека Шопов е единствениот наш жив поет со толкаво поетско искуство, а тоа не успеавме да го потврдиме макар и како прејудицирање во пристапот. Во тоа не ни помага ни третиот циклус кој носи наслов што прејудицира – „Песната и годините“. Видовме всушност дека поетот секогаш почнува одново, дека секогаш се враќа на својот почеток. „Мудроста на годините“ немее пред таа секидневна борба одново да се пронајде зборот, немуштата шифра на почетокот, пред таа небиднина.

Ако се обидеме тогаш да извлечеме некој заклучок, би рекле дека на авторот искуството сепак му користи одново да се враќа на себеси, одново да го пронаоѓа сопствениот поетски глас со не помал успех во однос на својот целокупен опус. Мораме да признаеме дека тоа не е малу.

___________________
* ЃУЗЕЛ, Богомил: Поезија на еден глас (Ацо Шопов: Небиднина, Кочо Рацин, Скопје, 1963). — Разгледи, 1963/64, VI, бр. 7, стр. 719—721