Доне Пановски

Доне Пановски (1935-1997), македонски критичар, есеист и книжевен историчар.

Небиднина: највисок поетски дострел на Шопов*

Доне Пановски

Со Небиднина Ацо Шопов го достигна својот највисок поетски дострел. Поезијата од оваа книга го претставува највредното во нашата современа поезија и тешко ќе може некој да се одлучи да зборува за нашето поетско денес а без да ги предочи стиховите од оваа книга. Шопов уште од почетокот на своето поетско суштествување ѝ посветувал внимание на сопствената интима, на интимата на човекот воопшто. Тој се обидувал да навлезе подлабоко во сферата на тоа интерно човеково живеење, без кое не може да се замисли ништо човеково и што му служи на човекот. Меѓутоа, со најновата книга Небиднина поетот навлегол во најдлабоките можни нуркања во внатрешниот свет на човекот, во светот на интимното. И оттука неговите стихови ја имаат онаа фасцинантност од која зрачи еден современ сензибилитет полн со натопеност од флуидното навлегување во тајните чувства човекови. Ова особено дојде до потполн израз во циклусот „Молитви на моето тело” чии песни се најубавите што Ацо Шопов успеал да ги напише, веднаш по „Очи“ и „Љубов“.

Ситуацијата во која човекот се наоѓа денес не е независна од онаа во која се наоѓал вчера, ниту пак од онаа во која тој ќе се најде утре. Тоа е всушност само една еднаква ситуација само се разновидни нејзините варијанти. А сепак во човекот нешто се менува, нешто ново доаѓа врз урнатините на старото што до вчера претставувало доаѓање врз едни други, слични урнатини. Тоа е една верижност која го следи човекот, тоа е всушност неговото суштествување во неговите најелементарни одредби. Човековата затвореност во сопственото тело не е ништо друго освен едно необично, бело и светло согорување на материјата, а без за тоа да биде свесно она што е над материјата, она што всушност го сочинува човекот во целата негова комплетност.

Сплети ги в огромна лузна, скамени ги во вера,
дај ми, дај таа светлина, со кошмар да пијам,
зашто сѐ она што потемнува во моето Вчера
јас како светло Утре во длабини го кријам.

(,,Четврта молитва…“)

Сегашноста како филозофска одредба е само една половина на вчерашноста и друга половина на утрешноста. И секогаш, и само во таа димензијалност може да се опсервира човекот со сите негови недостатоци, со сите негови вредности. Секакво излегување надвор од овие граници претставува фантазија, зашто во крајна линија тоа не е ништо друго, туку само негација на она во кое се влегло и од кое не може да се избега. А таквото негирање, во уште подлабоката суштина не е пак ништо друго, освен обична негација на таквото негирање на таа неопфатна димензијалност.

И во наредната „Молитва …“ кај А. Шопов ги наоѓаме овие стихови:

Зар ќе испливаш од ова тело, од овој темен вител
танчарко на сите подземни, сите нескротени води.
Ти си само овде како прастар жител
и играш врз ова тело гневно што те роди.

Заробени сме сега во игра, во круг,
и носени од тмурна и нестварна плима
Цел живот патуваме од еден до друг,
и секој го крие она што го има.

И има една димензија од која човекот не е во состојба да се ослободи. Тоа е неговото тело, неговата физичка категоризација која суштествува а приори од неговата духовност. И она што го издигнува неговото суштество над другите во природата, неговиот духовен живот осуден е постојано да биде затворен во тој круг од физичко суштествување; тој мора да создаде единственост, да создаде симбиоза меѓу тој круг и она што е во состојба да го одбележи, да го одреди тој круг. Тоа е производ на самото согорување, на таа физичка димензија во што со подеднаква мера учествува и духовното живеење. Зашто согорувањето ги опфаќа поеднакво и двете, заправо тоа е всушност нивна можност и нивна одредба дека суштествуваат.

Шопов таа вечна игра во телото ја нарекува неумора. Тој е можеби најсеопфатниот збор кој може да ѝ го одреди нејзиното категоризирање. Таа е неумора која знае и за уморување, која исто така знае и за неуморување. Таа е вечен пламен, вечен трепет од кој никогаш не ќе може човекот да се ослободи. И токму поради тоа што не ќе може да се ослободи, таа неумора ја има својата сегашна вредност, својата сегашна значајност и привлечност.

Ацо Шопов е оригинален лиричар, суптилен во вистинска смисла на една ваква определба. Неговите стихови бликаат со една интимност и рефлективност, со една филозофска ориентираност и осмисленост, со оригинална естетска оформеност и изградена уметничка идејност. Тоа се стихови на голем поет чии димензии сè уште ќе треба да се откриваат и да се систематизираат. Меѓутоа, бидејќи естетското, уметничкото и вредното аналогно на нив, не знаат за никакво шаблонизирање, тогаш оваа поезија ќе остане трајна и секогаш со недоволно откривање кон секого што ќе се најде во ситуација да навлегува во нејзината постојаност, во нејзината консеквентност. Таа е детерминирана исклучиво од една естетско-идејна заокругленост и обременета со низа филозофски рефлексии од кои зрачи една сериозна творечка поставеност, еден сериозен креаторски приод кон материјата. Таа е поезија на еден голем поет.

*in Вреднувања, Мисла, 1967, стр. 4049; in Развиток, XVII, бр.2, март-април, 1979;
Насловот на овој напис е од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов