Музика на крвта*

Љубиша Ташковски

„До крај да ја исцрпиме својата искреност”- Метерлинг

Се надоврзува еден лирски вез на одамна почнатата врвица што си ја создаваше само тој, најверниот приврзаник на интимното, себеоткривачкото, човечкото. И сѐ посветла и посодржајна е шарата на тој вез, засечува длабоко во внатрешноста на скриеното и открива вистини кои потем остануваат трајни и неповторливи.

Со најновата збирка песни Небиднина, поетот Ацо Шопов само го потврди она што за него го рече Д. Митрев, тека е „најчист лирски егзалтатор“. Неговата внушителност во откривањето на своите темни длабочини, суптилноста на неговиот стих, кроткоста и звучноста на поезијата што ја остава зад себе — откриваат и оставаат во нашата литература еден своевиден поет, кој со силата на вистински пронајдената и речена убавина е ненадминат.

Само со прелистувањето на оваа збирка, од нејзините страници избива една свежина што облагородува, избива една топла и длабока реч на крвта што не знае да молчи кога има да каже нешто некажано, кога има да соопшти нешто несоопштено. Тоа е една музика што ја ткаат звуците на крвта, длабинска музика од исповеди и превирања:

Има долу тешка една крв…
…………………………….
Лежи она и рие како крт.
Оди од праг до праг, рие низ свеста.
Непогрешно и неизбежно како смрт
ги исполнува сите празни места.
(„Има долу една крв“)

Низ единаесетте „Молитви на моето тело“, поетот, нурнувајќи длабоко во својата самобитност, не ретко ги открива и душите на сите оние што потоа нурнале во оваа поезија барајќи чиста лирска изворност и свежина, целта на поетот не е само да пронајде неоткриен и уште непознат збор, туку низ него да го каже она што се доловува ретко и тешко, да го каже со него она исконското што како темнина дебне во сите нас и најчесто е само една скокотлива и неодгатната тајна. И рие тој, го бара тој скап збор, од кој – „штом со крик ќе се рече – несвесно крвта почнува да боли, крвта што бара корито да тече“.

Вториот циклус од збирката озаглавен со „Купувачи на старо“, кој содржи сeнaсе две песни, е свртен кон проблемите што ги окупираат малите луѓе, што купуваат старо, а препродаваат ново. Тоа е филозофија на еден живот и негова горда трагика. Доживеан до болка, мотивот на „Старо купувам“ звучи како една малечка химна, По неа, во песната „Романтично бегство“, еден обичен мал човек кој, покрај четката за чистење на чевли, има и една приказна за неа, „Змијата“, која „со голтрак поголем од мене избега за романтика“. Тоа е еден живот предаден најсуптилно, живот што секојдневно го гледаме пред очите, а сепак сега ни се наметнува како сосема нов, ни се наложува како естетска и содржинска вредност и, оставајќи ги зад себе безболните и ситни и големи радости и таги, се издигнува до степенот на еден звучносветлосен паметник на улицата.

Во циклусот „Песната и годините“, се чини, поетот е најгуст, најдлабок, зашто токму тука, заокружувајќи ја целината на книгата, дава неколку песни кои навистина претставуваат прекрасно финале.

Најновата збирка на Ацо Шопов Небиднина, го потврдува поетот и претставува надраснување на досегашните квалитети во неговата и, воопшто во македонската поезија.

________________________
* Текстот е објавен под наслов „Музика на крвта: (Ацо Шопов: Небиднина, песни. Скопје, Кочо Рацин, 1963)” во Нова Македонија, 30.06, 1963.