Лиризмот на метафората*

Катица Ќулавкова

Лириката на Ацо Шопов, од (збирката) Слеј се со тишината (1955) до Дрво на ридот (1980), се карактеризира, покрај другото, и со автентична метафоричност. Таа во делото1 на Шопов се јавува како суштествена компонента на неговиот поетски говор, која може да се посматра од повеќе аспекти.

Прво, метафоричноста е таков лингвистичко-поетички факт кој е неделив од лирско-емотивниот карактер на неговата поезија, – што пак од своја страна е доминантно обележје на оваа поезија, било да се третира како инструмент во постигнувањето лиричност на песните, било да се смета за нејзин производ – ефект.

Второ, метафоризацијата се наметнува и како основна поетска постапка, како модел на поетско творештво и, следствено, како специфичен уметнички став спрема сѐ она што тендира да биде уметнички обработено, значи спрема поетскиот предмет, и кога е дел од реалноста, и кога е плод на функцијата – имагинацијата. Така, метафората е одлика врз која авторот инсистира и од која не отстапува во својот вкупен опус, независно од поединечните разлики и внатрешните осцилации. Оваа определба се огледа и во фактот што постои видлива тенденција кон примена на разновидни граматичко-семантички модели и облици на метафора со цел да се спречи стереотипноста и доминацијата на еден образец.

Како една од позначајните составки на поетското дело на Ацо Шопов, метафората го одредува неговиот поетски говор и во квантитативна, и во квалитативна смисла. До тоа согледување се доаѓа од следните причини: затоа што метафората доминира во однос на другите семантички фигури и затоа што таа на поетскиот говор му обезбедува нагласена естетска димензија. Меѓутоа, треба да се укаже на една необична ситуација. Јазикот на поезијата на Ацо Шопов не делува толку метафоричен, колку што, во суштина, е². Значи, фреквентноста на метафората во песните на Ацо Шопов не соодветствува на ефектите што ги побудува (условно, зашто тоа зависи од „читањето“). Извесното „прeвидување“ на метафоричната фигурација во поезијата на Ацо Шопов се должи, според нас, на природноста и ненаметливоста на неговата метафорика, која претставува еден вид натамошно продолжување и извишување на творечкиот потенцијал на јазикот воопшто, на привидот што таа го создава за сопствената природност, токму како резултат на рамнотежата (во видот) на говорот – меѓу природниот и уметничкиот во кој нема нагли скокови од нефигуративниот кон фигуративниот јазик. Таа ненаметливост на уметничката метафора не треба да се доведува во врска со лексикализираните метафори и нивното присуство во поетските текстови на Ацо Шопов. Таа е резултат на успешното сплотување на јазикот на обичниот говор со јазикот на поезијата, на хармонијата меѓу мислата и изразот. Исто така, емотивно настроената лирика и исповедно-медитативниот тек на неговата поезија претпоставува речиси нужно сложување на поетскиот исказ по принципите на метафоризацијата на значењата.

Како показ на оваа констатација за ненаметливото но сигурно присуство на метафората во поезијата на Ацо Шопов ќe ја изведеме минијатурната песна „Во тишина“³:

Ако носиш нешто неизречено
нешто што те притиска и пече
закопај го длабоко во тишина
тишината сама ќе го рече.

Благиот карактеристично-метафоричен обрт во стиховите „ако носиш нешто неизречено/ нешто што те притиска и пече“, присушт и на секојдневниот, разговорен јазик, поблизок до говорната навика одошто до поетскиот израз кој тежи кон оригиналност, е заменет со засилен фигурален обрт во значењата на зборовите од третиот стих „закопај го длабоко во тишината“ (каде сите составки се метафоризирани), за да кулминира во последниот стих со метафоричниот исказ – „тишината сама ќе го рече“. Оваа метафора ја проектира својата уметничка енергија и оригиналност и врз претходните стихови, така што преку неа се потенцира семантичката промена и кај нив. Таа содржи и нијанса на метонимичност – место човекот кој во тишината ќе дојде до сознание и ќе го открие името на својата мака, авторот вели тишината. Оваа нијанса не е доминантна, но ја збогатува полисемантичноста на изразот. Метафориката на овие стихови е спокојна, сликовита, поимлива и приемчива: колку поради структурно-семантички причини, толку поради мотивската преокупација која кореспондира со оние интимни и емотивни светови што се блиски на (секој) читател. Во поткрепа на овие согледби ќе приведеме уште неколку примери:⁴

Јас сум лотка осудена на судир со непознатото (16)

Кога ти е најтешко
погледот ќе ти блесне жив,
жив од подмладување. (13)

Старо, старо, старо купувам,
стари среќи, стари љубови,
стари радости стари младости
купувам стати алишта,  (106)

Лирскиот карактер на поезијата на Ацо Шопов, нејзината емоционална набрекнатост, нејзиниот сензибилитет, функционалното сопоставување на лирскиот субјект и лирскиот објект [редовното присуство на лирското, Јас, или Ти, (лирската) Жена и др.] повлекува соодветен вид метафоричност, што се одразува како во нејзината граматика и семантика, така и во нејзината лексика и изворност. Имено, според својата тематска структура, метафората кај А. Ш. може да се подели на два општи дела, според областа од која е црпена: прво, од сферата на интимниот, психолошко емоционален свет (на авторот) и второ, од доменот на естетското доживување на нештата – убавината, разобличувањето и толкувањето на самиот творечки чин и на смислата на уметничко-поетската реч. Интимниот свет се навестува во лексиката на љубовното, чувственото, еротското, елегичното, душевното (крв, жена, тело, небиднина, надеж, езеро, галеб, сон, небиднина…). Проблематизацијата на креативно-поетскиот труд, пак, е во корелација со оној лексички фонд во кој доминираат поимите убавина, непознато, над-реално, време, раѓање, сонце и др.

Убавината е една од главните преокупации на А. Ш. Таа влегува и во образувањето на повеќе естетски метафорични искази. Врз два примери ќе укажеме на односот на Шопов спрема убавината, транспониран во „убавиот“ збор:

Ах таа убавина
тоа диво во крвта завивање (12)

лебот на твојата убавина (121)

Првиот пример е извлечен од песната „Ах таа убавина“ (Слеј се со тишината), а вториот од „Небиднина“ (Небиднина). Првиот се однесува на поимот убавина и на нејзиното доживување од човечкото битие, во свеста, и во душата и во крвта на човекот, а вториот на убавината на жената, но имагинарната жена, замисленото и недостижното битие – соговорникот во песната, симболот на небиднината. Првиот е естетска, вториот емотивна категорија. Овие искази, неформално, се надоврзуваат во идејата еден на друг. Убавината вознемирува и е во дослух со „крвта“ како праелемент на човековото постоење, во неа има нешто нескротливо („диво“), нешто непремолчиво („завивање“), нешто суптилно и егзистенцијално, нешто што го доведува под прашање самото постоење, самиот живот („крвта“). За тоа е храна – леб на тоа постење. Овие, инаку различни по состав метаорични искази, – едниот исказен, другиот генитивен, убавината ја пресликуваат на два начина: во првиот случај таа се осознава преку апстрактни поими (диво, завивање), иако тие се во сооднос со крвта, во вториот преку еден конкретен, како што е лебот. И повторно, обата исказа воспоставуваат емотивна комуникација, побудуваат визуелно слушни претстави – слики.

Од бројните искази во кои се толкува зборот, неговото раѓање и неговото „битие“, ќе изделиме неколку кои ни се чинат поинтересни:

Мојот збор е тврда вилица на времето
што ‘рти по нивјето со заби на семето (15)

да изгорам во јагленот на зборот (87)

твоите зборови се ковчести, остри и неми (93)

Зборот иде замелушен од своите смрти (87)

Зборот се двои од темнина.
Модар јаглен му гори во утробата (62)

Ова е редок пример во современата македонска поезија кога зборот преку збор – метафора се толкува самиот себеси. Притоа, тој се анимира, се персонифицира и проектира некои особини на живи битија врз себе (раѓање, живот, смрт), или се (с)огледува себеси во сликата на огнот, јагленот, темнината и светлината, повторно знаци на животот и смртта, на постоењето и исчезнувањето.

Лиризмот се доловува и преку употребата на желбено-молбени стиховни конструкции, градени врз метафорично проседе. Нивната честа употреба и густината на емоциите изразени во нив се доволен повод не само да не бидат превидени, туку на нив да се укаже како на специфичен, ацошоповски пристап кон предметот што се опева:

Галебе мој, не слетувај на моите очи
На тие брегови откинати ниеден пристан нема. (16)

Те оградив со девет градини, крви
те затворив во девет грла
што бараш уште, зошто ме прогонуваш, крви
зошто закануваш со своето копито темно
зошто незасито? (116)

дај ми, дај таа светлина со кошмар да ја пијам
во моето Вчера. (91)

Изгасни песно во огнот што го запали сама (204)

Како што може и од овие примери да се забележи метафората во поезијата на А. Ш. се употребува, главно за опишување душевни состојби и надворешни глетки кои се проекција на внатрешните, односно се во нивна функција, потоа при градењето нови, беспредметни (апстрактни) ситуации, при што лирскиот објект е чиста имагинација. при обидите за себеспознавање и спознавање на светот што нѐ опкружува, при толкувањето на креативното кај човекот, на сонот, на небиднината и на времето.

Преносот во метафоричните склопови најчесто се врши меѓу конкретни и апстрактни поими, што на неговите песни им дава визуелни и фигурални обележја („животот е тркало“ – 110; „Hoќ стебла / Hoќ лисје / Hoќ студен ров“ – 122; „меч на тишината“ – 95; „исчадената греда на твојата мисла“ – 119; „тркалезни желби“ – 107; „ветви надевања“ – 107; „саѓи на совеста“ – 103 и сл.).

Иако пред сѐ во служба на лиризмот на песните, метафората во поезијата на Ацо Шопов постои како посебна и сложена естетска категорија, која не може да биде објаснета единствено преку лирскиот ефект. Во неа е очигледна устременоста кон хуманите и благородни предели на човековиот биток, но и на Не-битокот.
__________________
¹ Наведените примери се земени од поетскиот избор, објавен во одбраните дела на Ацо Шопов, том II, „Мисла“, Скопје, 1976 год. Притоа, изборот е ограничен на збирките: Слеј се со тишината (1955), Небиднина (1963) и Гледач во пепелта (1970).
² За ова говори и податокот дека македонската книжевна критика многу ретко ја подвлекува метафоричноста како битна одлика на поезијата на А. Шопов, што не е случај, да речеме, со С. Јаневски, Р. Павловски и др. Слична појава забележуваме и со примерот на Б. Конески.
³Цит. д. стр. 10.
⁴ Бројките ја означуваат страницата.
__________________
*Текстот е објавен под наслов ”Лиризмот на метафората — (Некои аспекти на метафориката на Ацо Шопов)” во Современост, 1982, XXXII, 6, стр. 48-52
__________________

Прочитајте други студии на Катица Ќулавкова за творештвото на Ацо Шопов

Прочитајте го и нејзиниот осврт кон книгата Сенгор – Шопов: Паралели (2006) „Задоволство во читањето”.