Kорифеј на македонската современа поезија*

Почитувани академици и гости,
Почитувачи на делото на Ацо Шопов,

Ми претставува особено задоволство што можам да го поздравам овој еминентен собир што Македонската академија на науките и уметностите го организира во чест на еден од своите основачи, неповторливиот лиричар и корифеј на македонската современа поезија – Ацо Шопов. Не сум сигурен дека во оваа пригода можам да кажам нешто ново што досега не е кажано за овој сестран човек, космополит и уметник, дипломат и поетски бунтовник, зашто тој во својот долг и плоден творечки век остави траги кои не го оставија никого рамнодушен.

Богатиот опус на Шопов беше – а овој Научен собир покажува дека тој, и продолжува да биде – неисцрпно поле на естетски, критички и филозофски опсервации. Во една прилика Шопов ќе рече: „Зборот е единствениот клуч со кој можат да се отворат проблемите на човековата егзистенција, отуѓеноста и сите други витални проблеми на денешнината“, или „Големината на еден народ се мери само според неговиот придонес за својата и општочовечката култура“. Ова, почитувани гости, не е ништо друго, туку нова и модерна, модифицирана размисла која се надоврзува на познатата максима на Делчев.

Нам, пак, на денешниве генерации кои зачекоривме во 21 век, имајќи го предвид богатото културно милје на македонската почва, не ни преостанува ништо друго, туку да ги почитуваме и да ги афирмираме овие животни вредности кои се наша историја, но и наша иднина.

Не случајно го спомнувам Делчев. Во годината кога прославуваме 100 години од Илинденското востание, 100 години од смртта на великанот Гоце и 100 години од објавувањето на антологиската книга За македонцките работи, спрегата Делчев – Шопов – Мисирков е приказна без крај која продолжува и во нашево време. Некој во неа ќе пронајде симболика, судбинска поврзаност или случајност. Како и да ја насловиме оваа автентична македонска сага, таа е наш стожер и меѓник.

Почитувани гости, од името на Владата на Република Македонија и од мое лично име, Ви пожелувам успешен и плоден научен собир, кој ќе отвори патишта за некоја наредна ваква средба.

Благодарам.
__________________

* Поздравно обраќање на Благој Стефановски, министер за култура на Република Македонија, на отворањето на  Меѓународниот научен собир по повод 80-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, организиран во МАНУ на 5 и 6 ноември 2003 година. Актите се објавени во Животот и делото на Ацо Шопов. Скопје: МАНУ, 2005
Насловот е од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов