Трајна скапоценост на нашата култура*

Матеја Матевски

Господине Министер,
Почитувано семејство на Ацо Шопов,
Колеги и колешки, дами и господа,

Осумдесетте години од раѓањето на Ацо Шопов, МАНУ ги одбележува со сесрдна поддршка од Министерството за култура со овој наш собир на познавачи и проучувачи на неговото творештво од Република Македонија и од странство и јас срдечно Ве поздравувам и Ви благодарам за Вашиот пријателски одзив.

За нас е чест и задоволство што можеме да му посветиме нему ваков еминентен меѓународен научен дијалог, зашто творештвото на Ацо Шопов беше и ќе биде и во иднина и постојан и суштински интерес на литературната критика и наука, и како што одминува времето и ќе се повлекува тоа кон генерациите што доаѓаат, неговата поезија ќе претставува ново љубопитство, возбуда и радост за читателот и за научниот истражувач.

Своето трајно место во врвот на македонската поезија, литература и култура, Ацо Шопов го зазеде со својата прва младешка книга Песни, што пристигна во Скопје со првите денови на првата македонска слобода. Тој грст стихови, таа малечка книшка песни на еден 22-годишник, ја потврди исклучителната дарба на еден младич што ги испеваше и брусеше своите пламени лирски исповеди и пораки по нашите партизански планини. Неговата книга песни беше првата поетска книга во слобода – раскрилена, непрогонувана и незабранета, прифатена, читана и пренесувана со воодушевување и љубов.

Со тој чин на пројавување и афирмирање на својот вистински лирски талент и на свежината и богатството на јазикот, неговиот, и нашиот – македонскиот, како јазик на поезијата и литературата, Ацо Шопов, по искуството на Рацин и Венко, во новите историски услови, ја објавуваше и потврдуваше новата преродба на нашата литература.

Потоа сѐ беше искревање по високите скалила на лирскиот свет, сензибилитет и исказ, со секоја нова книга што ја создаваше неговото перо.

Појавата на неговата книга песни Стихови за маката и радоста вслушана во новите општествени и културни состојби, вслушана во искуствата и пулсирањето на европската поезија, го афирмира лирското чувство како природа и право на поетот да излезе од меѓите на колективистичкото пеење и да се сврти кон себе, кон својата интима, кон своите душевни трепети, возбуди и тревоги како иманентно право на човекот во новото време.

Идните стихови на Шопов – [Ветрот носи убаво време], Слеј се со тишината, Небиднина и Гледач во пепелта, Песна на црната жена и Дрво на ридот, ги потврдуваа и збогатуваа тие определби што сѐ повеќе се пројаснуваа во медитативно, рефлексивно и метафизичко пеење за човекот и светот. Тој хуманистички лирски блесок на поезијата на Ацо Шопов ја облагородуваше со децении, и денес продолжува, нашата поезија, литература и култура. И сета негова творечка љубопитност и културна дејност тоа постојано го потврдуваа и го потврдуваат како трајна скапоценост на нашата култура.

Како современик и колега на поетот и академик Ацо Шопов среќен сум што е тоа така.

Затоа, драги пријатели, дами и господа, пожелувајќи му на овој наш собир нови успеси во осветлувањето на големото дело на Ацо Шопов, срдечно Ве поздравувам од името на Македонската академија на науките и уметностите.
___________________

* Реч на академик Матеја Матевски, претседател на Македонската академија на науките и уметностите, на отворањето на  Меѓународниот научен собир по повод 80-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, организиран во МАНУ на 5 и 6 ноември 2003 година. Актите се објавени во Животот и делото на Ацо Шопов. Скопје: МАНУ, 2005
Насловот е од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов