За да гледаме во она што допрва ќе дојде*

Венко Андоновски

Почитувани великодостојници на државата, црквата и на пишаната реч,

Ја имам честа, од името на вработените на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, да го поздравам Вашиот ценет собир организиран во чест на делото на големиот македонски поет Ацо Шопов.

Мојата реч нема намера да расправа за значењето на Шопов во современата македонска поезија: сите знаеме дека тоа место на Шопов е исклучително важно за сето она што денес ја сочинува сложената карта на македонското поетско писмо. Знаеме, исто така, дека Шопов е една од најважните, темелни фигури на нашиот културен и општествен живот: меѓу другото, и наш амбасадор, основоположник на Струшките вечери на поезијата, бескомпромисен активист на Друштвото на писателите на Македонија, и тоа во оние пресудни години кога се создаваше македонскиот културен идентитет, во рамките на СФРЈ. Сето тоа го знаеме и на сето тоа се сеќаваме, како што ни доликува кога се сеќаваме на нашите големи претходници кои се вградија себеси во храмот на нашата култура.

Храмовите, почитувани дами и господа, се градат, како и сите други градби од помали нешта: од тули. Како што гроздот е грозд само затоа што се состои од зрна, кои во себе го чуваат сеќавањето на своето потекло, но и семето на својата иднина и пород, така и храмовите, преку секоја своја тула се сеќаваат на потеклото на тулата: каменот, земјата. Иако се стремат кон височини, храмовите се состојат од прав кој сраснал во тула. Градбата на храмот е посовршена доколку тулите што се креваат и редат една врз друга имаат заедничко потекло, ако се подобни една на друга, ако се сродни. Во таква градба, секоја тула, макар и најнедисциплинираната, се приспособува спрема другите. Бујниот поетски темперамент на Шопов, неговата интимистичка „болест“ која на македонската поезија ѝ го предопредели патот за неколку поколенија однапред, е главната особина на таа прекрасна, совршена, мазна, до перфекција обработена тула во храмот на македонската поезија. Таа, со својот дух, ја определува архитектурата на тој храм, навестувајќи ги можните, идни тули кои се вградуваат во тоа раскошно здание. Со други зборови, едното око на таа тула е загледано во минатото и сјајните претходници, другото во иднината, во оние кои допрва ќе дојдат.

Ние сме тие кои денес сме дојдени да се потсетиме на делото на Шопов. Ние сме тие во кои е вперено окото на иднината на таа совршена тула од македонскиот поетски храм. Ние сме тие што ќе се потсетиме на Шопов, како што го сторивме тоа и летоска, кога на Струшките вечери на поезијата, во Струга, во Спомен-паркот, ја поставивме бистата на овој поет близу до бистата на големиот Пушкин. Бистата ја изработи нашиот мајстор, академикот Боро Митриќевски. На откривањето на бистата говореше уште еден наш мајстор, овојпат на пишаната реч – академик Гане Тодоровски. Пушкин слушаше. Ние сите околу гледавме во бистата на Шопов, а јас помислив, под жешкото сонце: можел ли Пушкин да сонува дека еден ден, на едно место, во една мала земја, прататковина на поезијата, ќе му се открие смислата на една од најкаприциозните метафори во историјата на поезијата – црното сонце, под кое го овековечивме делото на нашиот Шопов?

И денес сме овде по сличен повод. Да се сетиме, според тоа, на Шопов, оти наша обврска е да помниме и да се сеќаваме. Само така, сеќавајќи се на големите дела и темелниците на нашиот храм, ке можеме и ние, со едното око, да гледаме во она што допрва ќе дојде!

______________________

* Поздравно обраќање на Венко Андоновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Скопје, на Меѓународниот научен собир по повод 80-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, организиран во МАНУ на 5 и 6 ноември 2003 година. Актите се објавени во Животот и делото на Ацо Шопов.– Скопје: МАНУ, 2005.
Насловот е од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов