Кога пепелта ќе го покрие сонот, самата таа почнува да сонува*

[Александар Ежов]

Во вакви прилики, при јавни настапи, кога самиот автор застанува пред еден аудиториум да чита своја поезија, а кога се има предвид дека тоа не е непознат или релативно малку познат автор за кој може би е нужно претходно претставување, туку поет просто и на врвовите на една национална литература и чија поезија на аудиториумот му е мошне добро позната, а на дел од тој аудиториум веро но не помалку позната отколку на оној што зел обврска да ја претстави, велам, во вакви прилики, јас сè уште не сум сосема уверен во потребата од уводен збор.

Поетот Ацо Шопов вечерва ќе чита своја поезија. Нужно ли да се присеќаваме дека тој ја објави првата стихозбирка на македонски јазик по ослободувањето, поточно во оние денови кога се уште се водеа решавачките битки за тоа ослободување? Треба ли да ги спомену ме песните од тој период: „Партизанска пролет”, „Љубов” и особено „Очи”, кои беа една од првите поетски лектири за Револуцијата и кои веројатно сите сте ги читале? Или уште еднаш да нагласуваме дека тој со својата збирка Стихови за маката и радоста, издадена во 1952 година, прв решително раскина со дотогаш доминантните општи, колективни поетски инспирации и сознавања, и го објави правото на граѓанство на едно, барем за таа фаза од развојот на македонската поезија, по друго творечко становиште: дека поезијата е превосходно субјективен чин, во кој интимниот свет на поетот мора да има барем рамноправни услови за егзистенција?

Верувам дека на сите вам ви е тоа добро познато, како што ви е познато и она што го има објавено потоа, песните од збирката Ветрот носи убаво време, и особено од Небиднина, а во тоа мое уверување ме поткрепува фактот што оваа последнава досега веќе е печатена, во три изданија [трето издание: 1970 год.], покрај неколкуте избори што во меѓувреме се појавија, иако јас се нафатив да кажам вечерва како увод неколку збора, тоа не произлезе од увереноста за нивната стварна потреба, туку поради едно чувство дека авторот можеби не ќе успее во својата говорна интерпретација да го пренесе во сите нијанси и слоевитости она што го создал и го регистрирал на хартија. А станува збор главно за најнови песни, кои, навистина, се објавувани во дневни или периодични публикации, но како збирка се уште се наоѓаат во печат.

Поезијата на Ацо Шопов од најновата фаза на неговото поетско искуство, а тоа се збирките Небиднина, издадена во 1962 година, и Гледач во пепелта, која за неполн месец ќе излезе од печат, претставува едно беспоштедно нуркање во непознатите и таинствени длабини на сопственото „јас”, едно перманентно, настојчиво истражување на емоциите, страстите и осцилациите на волјата, и сето тоа генерализирано во стремежот да се размрсат противречностите на егзистенцијата на човеквото битие. Што е човекот, која е смислата на неговото живеење, на неговото постоење, што е светот околу него, каде се вистините за нивните суштински меѓусебни односи, – тоа се прашањата што произлегуваат од оваа поезија, иако не се вака директно поставени. Поетот, а тој е овде во највисока степен имплицитно идентифициран со човекот воопшто, се наоѓа во постојано барање, и кога ќе поверува дека ја нашол смислата, во истиот миг согледува дека е тоа само една прелага, дека зад еден откриен слој се наоѓа друг, зад него трет итн., и сите тие си проивречат еден на друг, и се прелеваат еден во друг, а вистината, онаа првата, највистинската вистина, станува сè подалечна и позаплеткана.

Една незгасната жед да се сфатат животните межници, да се лоцираат во делени, адаптибилни на човековата свест координати, и истовремено сознание за немоќта да се дојде до штогоде задоволителни резултати. Мачително напрегање да се заграби целосната вистина за битието и егзистенцијата, и притоа сознането дека се одлушнале само поедини нејзини делчиња.

Исправен пред една таква нерасчленлива егзистенцијална магма, човекот како да е осуден да биде сам, но и во таа напати морничава самотија, во која постојано го чекаат прегратките на малодушноста, тој не е готов да ја прифати својата објективна немоќ како дефинитивен пораз. Дури и самото прпелкање е знак дека егзистенцијата продолжува, дека огнот не згаснува. И кога пепелта ќе го покрие сонот, самата таа почнува да сонува. Оваа метафора, во малку поинаков контекст, е напишана во песната „Грозомор“.

И што му останува на човекот по сево ова? Какви се објективните можности на неговата, егзистенција, можностите за премавнување на межниците од Деветтиот круг кон периферијата? Определен одговор нема, ниту веројатно некогаш ќе може да се дојде до него; но сознанието дека ни едно „зошто?” не е и не може да биде последно, е доволен разлог за смислата на живеењето.

Ако нашето кревко човечко длето не е во состојба да ја разбие грамадната гранитна карпа на смислата на егзистенцијата, тоа сепак по некогаш одлушнува по нешто од таа карпа. А нашите длета се прашањата, ти е претходници на човековото одење. Затоа поезијата на Ацо Шопов како да е сета составена од прашања, често непосредни, повеќепати прикриени.

Дури и кога неговите стихови се навидум само констатација или повик, зад нив ѕиркаат прашања: зошто е тоа така? дали е навистина тоа? Дали е навистина, така?

Воопшто, најновата поезијата на Ацо Шопов како да ја демонстрира дијалектиката на животот, во најшироката смисла на тој поим. Огнот, таа прасупстанца во дијалектичката филозофија на „темниот” Хераклит од Ефес, овде го среќаваме речиси во секоја песна, и да оди коициденцијата уште понатака, како што го нарекле Хераклита уште античките филозофи „темен”, поради тешко сфатливите нишки на неговото објаснување на светот, така е исто е темна и најновата поезија на Ацо Шопов. Тој оган, несфатлив, разурнувачки, но оган што истовремено и просветлува, повремено одеднаш, го разбиструва матниот делничен тек на животот, оставајќи зад него, некаде во длабините, една нова, непроѕирна мистерија. Сето го прелева некаква загадочна јаснота, некоја темна светлина, и безброј прашалници на суштината и смислата на животното траење.

Но заедно со тоа, поетот ни открива дека таму некаде, под небиднината, во витлите на сеопштиот оган, постои некој друг слој на егзистенцијата, некоја чудна и за нас тешко допирлива пулсација на битието.

Па, дали по овие неколку најопшти констатации поезијата што сега ќе ја чуеме ќе ни стане посфатлива, поблиска? Мене лично, не престанува да ме проследува сомението за залудноста на мојот напор да продрам во нејзината многузначност, да ја доловам, вибрантната смисла на нејзината симболика.

Поетскиот збор што „се двои од темнина”, што е всушност стремеж за дезалиенација на човекот, не е лесно податлив на интерпретација. Песната „Раѓање на зборот” Шопов ја почнува со стихот “Глужд на глужд”. Токму на неговата поезија коментаторот ќе почуствува дека глуждовите тешко се сечат.

_____________________
* Машинопис во Фондот Ацо Шопов во Архивот на МАНУ: АШ К4 АЕ140. Машинописот не е авторизиран и датиран. Според содржината на текстот, станува збор за воведното ислагање на Александар Ежов на литературно читање на Ацо Шопов, кое е најверојатно она што се одржало на 14 мај 1970 год., во изложбениот салон на Центарот за култура и информации на Скопје, и за кое постои напис во мајскиот број на Струдентски збор во 1970 година, сочуван во Фондот Ацо Шопов, Кутија VII.