Тивкиот лирски музаичар
70 години од раѓањето на Ацо Шопов*

Ефтим Проевски

Еден од „испраќачите“ на телесните останки на Блаже Конески, егзалтирано пред некој ден рече: „Камо среќа по еден Блаже Конески да ни се раѓа на секои 100 години!“ Човек овде може да насети ненамерна смисла за духовитост, оти ако е горното токму така, тогаш: по еден талентиран би ни доаѓал на Стотата година, а другите 99 би им припаѓале на – медиокритетите… Ова на почетокот, а во врска со неколкуте стамени реченици што сакам да ви ги кажам по повод 70 годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, го спомнав со јасна и цврста намера – да го демантирам дотичниот. Талентите ни биле секогаш повеќе тивки од бројот на испраќачите – но овие вториве биле само – погласни…

И не барајте грешка во насловот. Луѓето што редат мозаици би ги нарекле – мозичари. За Шопов може да се каже – музаичар. Неговиот поетски мозаик е реден со делови од прелестните плетенки на лирската муза.

За македонскиот храм на поезијата, колку еден величествен параклис, мермерот со чекан и штангла го откорна Кочо Рацин. Силно. Столбовите од црвен и црн едноставен и тврд керпич реден за човечка душа, ги извиши Блаже Конески. Мозаикот – или Музаикот – му се претпотави да го нареди Ацо Шопов.

Духовитиот Остен се здоби со спомен на еден исто така Шопов мозаик, на „Луј Пастер“ бр. 5. Ацо Шопов беше главен уредник на Остен од есента 1967 година, со договорениот меѓу редакцијата едногодишен мандат.

На буквалните поимачи ќе им треба грам повеке фантазија за да го појмат еден Ацо Шопов – во хумористично сатирична редакција. За оние што имаат повеќе фантазија и памтење, да кажеме дека првите две повремени покренувања на Остен во 1945 и 1953 г. се отсликани и со имињата на Владо Малески, Блаже Конески (кум, за зборот Остен), Славко Јаневски… Фактички, дури и да ги појмиме нормално и сатирично – сите овие имиња му доаѓаат како НАРЕЧНИЦИ. Ја претскажаа и предодредија токму лирската сатира, како Остенова судбина. Да боде и да се смее (на смешните) може секој остен. Безжесточен е Остенот – кој мисли.

Замислете го Ацо Шопов токму во таков Остен. Можел ли да опстои, а да не го „зашили“ перцето, ако веќе секако му било јасно дека сатирата е лирска поетска магма. Се излива, врие, попарува… Така во весникот се отслика тој незаборавен негов поетско-сатиричен мозаик, познат под наднасловот Јус-универзум. ЈУС – како тогашна буквална мерка за стандардот; ЈУС – како поетска метафора на стандардните, што ќе рече на оние што не отскокнуваат од пропишаните мерки. Што не отскокнуваат воопшто од себепропишаното сивило. И ако на вашето внимание и читателско потсетување ви даваме едно сатирично пеење на поетот, не препаѓајте од фактот дека тоа е со сок и свежина, како да е напишано денес! Од вчера – до денес единствено сивилото не ја менува бојата, ни позицијата… Толку од мене, Ефтим Проевски. Еве ја песната:

1

Секој од нас има свој свет и свое гледиште,
секој има свое мислење и свој став,
секој смета дека е роден да седи во првото седиште
и дека тој и само тој е прав.
Можеби се прашате како се разбираме?
Впрочем, за тоа дискутираме, дискутираме.

2

Збориме на собири како луѓе учени
дали Маркс го напишал „Капитал“.
Во слични распри цел живот сме вклучени,
но за научен одговор животот е мал.
Можеби се прашате зошто се судираме?
Впрочем, за тоа дискутираме, дискутираме.

3

Зазбивтано, често и долго се расправаме
кој е првиот вселенски патник,
за своето сфаќање со облог ги даваме
левото око и десниот катник.
Можеби се прашате зошто се конфронтираме?
Впрочем, за тоа дискутираме, дискутираме.

4

Како управувачи сметаме возбудено
и во два табора на два фронта се делиме.
„Два и два се четири“ – едните тврдиме излудено,
„Не, туку пет” – другите спокојно велиме.
Можеби се прашате зошто така собираме?
Впрочем, за тоа дискутираме, дискутираме.

5

Секој од нас има свој агол на гледање,
секој својот поглед жилаво го брани,
Нема директиви, нема заповедање,
па што ако некој некого го рани!
Можеби е нужно да резимираме?
Впрочем и за тоа дискутираме, дискутираме.
(„Јус-дискутанти“)

____________________________
* Текстот е објавен во Остен, 18.12.1993, стр. 4.

За сатиричната поезија на Шопов, прочитајте ги исто така: