Длабока лирска натура*

Цане Андреевски

Ацо Шопов со својата досегашна поезија несомнено одава лик на една длабока лирска натура. Таа негова лиричност дојде до поголем израз во неколку негови последни песни со интимен карактер. И овие неколку песни се доказ за тоа дека она што е длабоко почувствувано, преживеано од авторот – може и да биде сочна и вистинита поезија на животот.

Песната „Во родната куќа“ печатена во Книжевне новине макар да обилува со лирска наситеност самата основна мисла не испакнува јасно. Песната „На крстопат“ (исто печатена во Книжевне новине), е лирски спомен за минатото кога авторот се нашол на крстопатот, а дедо му, искусен во животот, му ја оцртува вистинската стварност и му помогнува да се снајде по правиот пат. Интересен е говорот на дедото кој звучи сосем оригинално, наситен со животност и оцртува лик на наш старец.

Во интимните песни објавени во Нов ден бр. 8-10, 1950 год. „Трепет“, „Разговор со синот“ и „Во пресрет на животот“ и во Современост бр. 1 „Не љуби ме“ ни се разоткрива во фрагменти една семејна современа драма.

Што е тоа што ги прави овие песни за да се убројат во вистинската поезија? Несомнено дека за тоа нешто придонесува длабокото чувство како еден од основните елементи на поезијата, но она што е најважно во тие песни е директната одломка од самиот живот на еден човек. Песните се сите со живот, од разнообразниот живот, – ту нежен како детски сон, ту груб и јаростен. А ваквото вистиното приоѓање кон животот е, дури и како, важно за нашата поезија да би се ослободила од грубите шаблони и едностраничивости. А во овие песни на Шопов гледаме човек, кој не е лишен да тажи за изгубената среќа, но не е лишен и од чувството за да му се спротивстави на суровиот живот и во него да расне и бара свој посветол ден.

(април 1951 год.)
____________________
* Извадок од статијата на Цане  Андреевски, Интимната тематика во македонската современа поезија”, објавена во  Млада литература, бр. 2, Скопје, 1951.