Sonja-Stojmenska-ElzeserЛиричар од почеток до крај*

Соња Стојменска-Елзесер

Секој пристап кон творештвото на Ацо Шопов започнува со непобитниот факт дека тој е еден интегрален поет, еден голем македонски поет, кој сета своја креативна енергија ја преточил во стихови, што ги вградил во македонската култура, за таа да ги негува, да им се навраќа, да ги чита и препрочитува, да ги пее и да ги кажува, да ги доживува и да ги живее, во различни времиња и невремиња, во различни социо-културни констелации, во различни младости и при различни болести, при таги и при радости, во осами или при дружења…

Според учебниците за литература поетската врвица на Шопов вообичаено се изучува низ неколоку фази и таа најсимплифицирано изгледа вака: четириесеттите и педесеттите години од дваесеттиот век се доба на неговите ангажирани, родољубиво-револуционерни и градителски, честопати грубо определувани и како соц-реалистички стихови; во 1952 се случува големиот пресврт, се случуваат стиховите „за маката и радоста“ кога Шопов станува амблем на бранот на интимизам во македонската поезија и кога [во Слеј се со тишината, 1955], тој испејува некои од најжилавите и најтрајни стихови, како што е катренот за тишината, а од неговото испејување, пак, до смртта на поетот во 1982 година трае фазата на високо-естетизиран, рефлексивно-егзистенцијален, архетипско-митолошки, небиднинско-филозофски, космополитско-роднокраен поетски израз на неговата поетска кулминација.

Неприкосновена лиричност

Тоа го велат учебниците, но учебниците понекогаш со својот стремеж кон систематизација ги задскриваат суштинските нешта, а во случајот на поезијата на Шопов би сакала, дури и со ризик тоа да прозвучи помалку еретички, да истакнам дека во сите свои творечки фази и во сите свои стихови, било доминантно ангажирани или доминантно интимистички, или пак доминантно рефлексивни, тој е пред сè и над сè лиричар, лиричар од почеток до крај, поет на длабоката емоција која емпатиски се пренесува меѓу нејзините восприемачи и така живее низ генерациите.

Ќе се обидам да ја аргументирам оваа теза фокусирајќи се врз стихозбирката Песни од далечната 1944 година, објавена како прва македонска авторска стихозбирка по ослободувањето (според архивското истражување на Блаже Ристовски и  искажувањата на Тоде Саздовски-Мали имало кумановско издание, кое за жал не е сочувано, а датира од крај на септември или октомври 1944 и издание од крајот на декември отпечатено во Белград, чиј факсимил еве, добиваме денес, седумдесет години подоцна, како и штипско издание од малку подоцнежен датум).

Оваа книгичка брои се на се триесет страници на кои се распослани вкупно девет песни. Тоа се песни изникнати во времето на партизанствувањето на Ацо Шопов кој од есента 1943 активно се борел, прво во Шарскиот одред, а потоа во редовите на Третата македонска ударна бригада. Во таа 1943 година Ацо Шопов е дваесетгодишно момче кое претходната година ја има загубено мајка си по нејзиното долгогодишно боледување, а веќе следната година останува и без татко, кој според неговите сопствени исповеди никогаш и немал голема улога во неговото детство и момчештво. Момчакот во цветот на својата младост веќе има едно сериозно тмурно искуство на нега на парализираната мајка, грижа за помалиот брат, а од друга страна, скоевска активност во гимназијата и поетско творештво кое започнало уште на рана четиринаесетгодишна возраст. Толку млад, а толку зрел! Нешто слично како еден друг Ацо, уште помлад поет-партизан од Радовиш (Ацо Караманов), или како еден Мите Богоевски од Ресен, и како многу други знајни и незнајни, доблесни и талентирани, кои со искрена верба и идеали се вложиле во ослободувањето на Македонија.

Длабока трагика на младешкиот занес

Песните на Шопов, овие партизанскиве, навистина може да се толкуваат како една хроника на воените преживувања на поетот. Навистина во нив се препознаваат конкретните историски настани, битки, личности, како што е битката кај Дранок, битката во Кратово и во Пробиштип, загинувањето на легендарниот Христијан Тодоровски-Карпош, како и разбивањето на одредот „Гоце Делчев“ и загинувањето на Ванчо Прке – Сермен. Во основа тие се произлезени од искуството на поетот Шопов и се една сублимирана меморија, но во исто време се и експресија на неговата сензибилност и духовна состојба. Колку и да звучат како борбен повик и декларативен восклик, тие сепак суптилно ја покажуваат длабоката трагика на младешкиот занес, кој е подготвен на саможртва. Во неколку песни се повторува таа сооченост со смртта, која иако навидум се декларира како подготвеност да се умре за да се „заживее“, всушност го наежавува слушателот со помислата дека младоста и умирањето не треба да одат заедно, дека војната е проклетство, дека фанатизмот на борбениот повик е комплексна емоција која избива на површината на стиховите, емоција која е израз на  висок морален чин, но чин кој стои во колизија со примордијалната љубов кон животот. Најуспешната, односно најубавата песна во првата збирка Песни не случајно си го носи едноставниот наслов „Љубов“ – емоцијата над емоциите, есенцијалната основа на лириката. Некој може да праша – и од каде сега, и чуму, љубов во воениот виор, во самата битка, во умирањето и склопувањето на очите? Очите желни за поглед и по пробивањето на куршумот, кои подоцна ќе станат еден од опсесивните мотиви во поезијата на Шопов, а преку него и еден од најраспростанетите поетски мотиви во македонската современа лирика. Младешката желба за љубов, човечката страст за живот, ги натопуваат стиховите на Шопов, кои и покрај документаристичката и пропагандно-повикувачка преднасоченост, не можат да ја сокријат својата уште невешта, се уште недоизградена, нерафинирана, но сепак длабока и неприкосновена лиричност.

Значи, интимизмот и емотивноста како специфични лирски супстанции во творештвото на Шопов  не се појавуваат од немајкаде во 1952 година, туку постојано се присутни во неговата поетска природа, но во еден миг потиснати, а другпат премногу експонирани, а во неговите врвни остварувања до крајот на неговиот живот  тие стојат во хармонија со рефлексивно-филозофската компонента.

Еден значаен сегмент

Од книжевно-историски аспект збирката Песни е еден значаен сегмент и од творечкиот развој на Шопов и од творечкиот развој на современата македонска поезија, кој не може и не смее да се игнорира поради некои вонкнижевни причини и кој природно и припаѓа на поетиката на овој автор. Тоа се песни кои кореспондираат со тогашниот творечки контекст во македонската поезија, со поетиката на великанот Кочо Рацин, на Венко Марковски, Цеко Стефанов, споменатите Ацо Караманов и Мите Богоевски и други; песни кои стилски го покажуваат силното влијание на народната македонска поезија од една страна, а од друга, влијанието на мајаковскиевскиот скалест стих, карактеристичен за револуционерно-борбената интонација; песни кои се испеани на македонски јазик кој во себе ја носи музиката на родниот штипски говор на поетот, а сепак се доближува до нормата која токму во тој период се воспоставува како кодифициран литературен јазик; песни на една младост и на едно време кое има свое значајно место во колективната меморија на македонскиот народ.

* Ова излагање за литературно-историските аспекти на Песни (1944) на промоцијата на стихозбирката во фототипско издание на Сигмапрес (2014), во Друштвото на писателите на Македонија е објавено во Стожер, бр 119, 2014 год.

Поднасловите, илустрациите и линковите на оваа страница се од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов.