Културата ги отвара вратите на политиката*

Светлана Шопова, сопруга на Ацо Шопов, на одбележувањето на Годината Сенгор, Скопје, Ректорат УКИМ (2006)

Светлана Шопова

Дипломатската мисија на Ацо Шопов (1923-1982) во Сенегал траеше од мај 1971 до септември 1975 год. Изборот македонскиот поет да ја претставува СФР Југославија токму во Сенегал не беше воопшто случаен. Во тоа време Претстедател на земјата беше сенегалскиот поет Леополд Седар Сенгор (Léopold Sédar Senghor, 1906-2001). Тој беше избран за прв Претседател по независноста на Сенегал, во 1960 год., и остана на чело на државата до 1980 год., кога одлучи да се повлече од политиката.

Од 1963 до 1970, Сенгор беше воспоставил монокефален претседателски режим, со кој ги отстрани политичките непријатели, меѓу кои и Мамаду Диа (Mamadou Dia, 1910-2009), дотогашниот премиер, којшто се залагаше за политика на самоуправен социјализам по примерот на Тито, но со потенцирана националистичка нота.

Уште на почетокот на шеесетите години на минатиот век, Мамаду Диа имаше воспоставено блиски врски со Југославија и најверојатно поради тоа, претходниот на Ацо Шопов во Сенегал, амбасадорот Изток Жагар (1923-2007), им давал премногу отворена подршка на приврзаниците на Мамаду Диа, така што Сенгор имаше резервиран однос кон Југославија кога пристигнавме во Сенегал.

Да се потсетиме дека тоа беше време на Ладната војна и дека во западна Африка имаше две главни политички тенденции: едната беше прозападно расположена, а другата се заложуваше за рушење на ”старите колонијални структури” и беше блиска до источниот блок. Но речиси сите државниците во западна Африка, со исклучок на Секу Туре (Sékou Touré, 1922-1984), Претстедател на Гвинеја, беа приклонети кон западниот блок и негуваа многу блиски односи со Франција, пранешната колонијална сила.

Главната дипломатска мисија на Шопов се состоеше во тоа да ја преврти ситуација, да го доближи Сенегал до Југославија и да го убеди Сенгор за поголемо врзување со Движењето на Неврзаните. Сенгор уживаше голем углед во целиот афрички континент и имаше многу големо влијание особено врз политиката на западна Африка. Затоа беше многу битно тој конечно да се убеди да пристуствува на следниот самит на неврзаните.

По две години напорна дипломатска работа на Шопов, сенегалскиот Претседател не само што учествуваше на Самиотот во Алжир (5 – 9 септември 1973 год.), туку ги повлече и шефовите на сите соседни држави, кои исто така до тогаш немаа блиски односи со Движењето на неврзаните.

За успешната мисија на Шопов голема улога одигра Магат Ло (Magatte Lô, 1925-1999), еден од историските лидери на Прогресистичката сенегалска унија (која од 1976 год. се  нарекува Социјалистичка партија) и многу близок соработник и пријател на Сенгор. Тој живееше на неколку чекори од југословенската резиденција, така што Шопов со него имаше не само одлични професионални туку и убави соседнски односи.

Друга политичка личност што му даде голема подршка на Шопов беше Шеик Леј (Cheikh Lèye, 1927-2010), исто така многу близок соработник на Сенгор и негов шеф на протокол, сè до 1979 год., кога беше именуван за сенегалски амбасадор во Германија. Се сеќавам дека во октомври 1977 год., кога со Ацо дојдовме во Париз по повод првите Денови на македонската култура, што се одржуваа во исто време кога и офицајната посета на Тито во Франција, Шеик Леј беше исто така во Париз, дојден како член на делегација предводена од тогашниот сенегалски премиер Абду Диуф (Abdou Diouf, 1935). Преку нашата амбасада, успеа да дојде до Ацо, за да му каже дека, една година по неговото заминување од Дакар, сè уште се зборува за него во суперлативи, како во политичките, така и во дипломатските кругови во Сенегал.

Во врска со последниве, би сакала споменам дека дипломатскиот живот во Дакар беше многу анимиран, и дека ние речиси секојдневно се среќававме со сите амбасадори, од кои некои ни станаа и интимни пријатели. Но најблиски од сите ни беа Саад Мортада (Saad Mortada, 1923-2001), од Египет, и Шаилен Хиралал Десаи (Shailen Hiralal Desai, 1921), од Индија. Тоа пријателство стана легендарно во Сенегал. Тројцата толку често беа заедно, што другите амбасадори почнаа да ги нарекуваат ”Тито, Насер и Нехру”!

Но, настрана оваа анегдота, Мортада и Десаи беа дипломати од највисок ранг. Пред да дојде во Дакар, Шаилен бил, меѓу другото, амбасадор во Северен Јемен, во 1966 и 1967 год., кога беше во полн ек првата граѓанска војна во земјата, и во Чехословачка, од 1970 до 1973 год., што ќе рече во најцрниот период на таканаречената ”Нормализација”, по Прашката пролет. Инаку, дипломатската кариера ја започнал во 1959 год., токму во Југославја, што сигурно многу допринесе за нашето зближување. По Сенегал, беше именуван за амбасадор во Бугарија, од 1977 до 1979 год. Во тој период дојде во Скопје да нè посети, со сопругата.

Што се однесува пак до Саад, тој во Сенегал дојде по неговата амбасадорска мисија во Обединетитe арапски емирати, а потоа, по смртта на неговата сопруга Алија (1976 год.), замина за Мароко. Тоа беше токму во периодот кога во Рабат се одвиваа тајните израелско-египетски преговори. По потпишувањето на мировниот договор на двете непријателски земји, во 1979 год., тогашниот египетски министер за надворешни работи, Бутрос Бутрос Гали, го повлече Мортада во Каиро и го назначи за директор на одделот за врски со медиумите. На 8 јануари 1980 год., сите медиуми по светот ја објавија веста за именувањето на првиот египетски амбасадор во Израел: нашиот драг пријател Саад Мортада!

Пријателските односи што Ацо ги воспостави во Сенегал не запираат тука. Од 1971 до 1975 год., врските со Сенгор, коишто започнаа со формално примопредавање на акредитиви, се претворија во меѓусебна ”братска восхит”, како што тоа му го напиша Сенгор на Шопов, посветувајќи му примерок од неговата книга Песни, на први август 1975 год.

Ако првите две години во Дакар, Ацо ги посвети пред сè на прашањето на неврзаните, другите две години ги посвети на билатералните односи, а тој негов труд се олицeтвори со петдневна посета на Сенгор во Југославија. На 30 август 1975 год., Тито го прими во Тврдината Брдо, кај Крањ, во Словенија. Меѓу главните теми на разговорите беа самитот на неврзаните што тукушто заврши во Перу, југословенскиот самоуправен систем за кој Сенгор истакна дека е пример како треба да се развива едно социјалистичко општество, и борбата за независност на Ангола. Притоа, Сенгор не ја изостави омилената тема на културата, потенцирајќи дека независноста на духот е неопходен услов за сите други форми на независност и дека стремежот кон националниот идентитет поминува преку културниот идентитет.

Оваа посета имаше голем одек во сенегалските медиуми коишто ја сметаа за посебно важна. ”Покрај протоколарниот аспект и покрај човечката топлина што го опкружуваше претседателот Сенгор во текот на неговата посета, битно е да се истакне дека соработката меѓу двете држави е зајакната”, забележа меѓу другите весникот L’Ouest africain, на насловната страница на изданието од 5 септември.

За време на средбата со Тито, се проектираше и филмот што Кирил Ценевски (1943-2019) го сними за Сенгор, бидејќи истата година нему му беше доделен Златниот венец на Стршките вечери на поезијата.

Всушност, вториот дел од посетата на Сенгор во Југославија му беше посветен на поезијата, така што во текот на 1974, а особено 1975 год., Ацо работеше не само на подготовките на средбата на Сенгор со Тито, туку и на изборот и препевот на неговата поезија, како и на поетскиот портрет што го изговори при доделувањето на наградата во Струга. Истовремено работеше и на сопственарта збирка Песна на црната жена, што излезе од печат во 1976 год. Паралелно, ги подготвуваше и Деновите на југословенскиот филм во Дакар, што се одржаа во јуни 1975 год.

Два месеца подоцна, Ацо Шопов се врати од дипломатската мисија во придружба на Сенгор, којшто дојде со неговата сопруга Колет (Colette Hubert, 1925-2019) и со синот Филип (Philippe Senghor, 1958-1981), потенцирајќи ја на тој начин пријателската димензија на неговото патување во нашата земја. По официјалниот дел од посетата, заминавме сите за Охрид и Струга.

”Сенгор беше толку импресиониран од поетската вечер ‘Мостови’, што не пропушти ниедна прилика а да не го истакне својот восхит дека само на охридското езеро и во Црна Африка имал можност да види толку народ, кој со таков култ и љубов му пристапува на поетскиот збор”, напиша подоцна Ацо, во написот ”Република на поезија”, како што Тито ја нарече Макeдонија кога го испраќаше Сенгор кај нас (Културен живот, 1977 год.)

А кога Драгослав Адамовиќ-Зира го интервјуираше за Политика во 1976 год., Ацо изјави дека поезијата на Сенгор повеќе му кажала за Африка отколку купиштата книги што ги прочитал за неа („Поезијата го открива светот”). ”Ако човек сака подобо да се запознае себеси, својата земја, својот народ, тој мора добро да ги познава и другите”, заклучи тогаш нашиот амбасадор и поет, укажувајќи на тоа во колкава мера културата е способна да ги отвори вратите на политиката.

___________________

* Сведоштво на Светлана Шопова, прилог кон написот Ацо Шопов – поет и дпиломат, од Ахил Тунте, во Дипломатски летопис, бр 9, 2021, стр. 62-65.