Ainsa - Sopov vo kolekcijata na UNESKO

Ацо Шопов во колекцијата на УНЕСКО  Лична потрага по универзалните вредности*

Фернандо Аинса

Деновиве во Скопје беше промовирана книгата Во личен избор од Ацо Шопов, што на француски јазик излезе во едицијата репрезентативни дела на УНЕСКО. Притоа од името на Генералниот директор на УНЕСКО г. Федерико Мајор, говореше г. Фернандо Аинса, чие искажување го пренесуваме со делумни скратувања:

Задоволство ми е што можев да учествувам во завршната фаза на проектот што со голем полет го започна мојот претходник Едуар Моник; вклучувањето на делото на Ацо Шопов во редот на творците, добитници на Нобеловата награда, како што се Жорж Сеферис, Отавио Паз, Висенте Алехандре, Иво Андриќ, имиња што фигурираат во каталогот на колекцијата Репрезентативни дела на УНЕСКО. Каталогот денес содржи околу 930 наслови, од стотина земји, пишувани на шеесетина јазици, како и антологии на албанската, грчката, мексиканската и украинската поезија.

Колекцијата Репрезентативни дела на УНЕСКО со право може да се нарече „Библиотека над библиотеките“. Со меѓународен карактер, повeќејазична и плурикултурна, таа ги следи, но и ги предухитрува стремежите на современиот свет. Од сега натаму таа е новиот дом на делото на Ацо Шoпoв. На тој начин македонската поезија го зазема местото што го заслужува во контекстот на светската литература, со посредство на еден широко распространет јазик како што е францускиот. Да се надеваме дека преку него, таа ќе допре до други преведувачи, на други јазици, што во крајна линија е и улогата на УНЕСКО.

Ацо Шопов им припаѓа на оние поети што ни укажуваат дека, покрај пораката што ни ја пренесуваат во името на нивните народи а секој народ има потреба од поезија за да му ја пренесе на светот суштината на својот идентитет – постои и личната потрага по универзалните вредности што се во основата на поетскиот чин.

Тие вредности на зборовите им даваат димензија што не постои во секојдневието.

Суштината на поезијата се состои во оние знаци што го овозможуваат мигот светлина во темнината, но и копнежот по темнината во заслепеноста од неиздржливоста блескавост на таа иста светлина.

Но која е улогата на поезијата денес?; и зошто се навраќаме кон поезијата најчесто во времињата на тагување?

Иако поезијата веќе не е олицетворение на патриотскиот дух – родословните епопеи му припаѓаат на минатото – таа и понатаму останува онаа надеж во која што се крие безнадежноста на луѓето.

А која е улогата на поетот?

Иако голем број поети живеат во прокудата што ги следи уште од времето на романтизмот, поетите меѓу кои се вбројува и Шопов ни укажуваат дека тие, некогаш и независно од нивната волја, претставуваат јавни личности со општествена улога.

Јавни личности, во највозвишената смисла на зборот. Луѓе што, кажувајќи вистини што можат да се изразат само низ поетската реч, го слушаат ехото на нивните зборови во духот на народот. Во овој случај, зборови на еден јазик – македонскиот – којшто благодарејќи на трудот на Браќата Миладиновци, ги пронајде изворите на културното наследство на денешна Република Македонија.

Кога говорам за поетот како јавна личност не мислам на оние што до неодамна ја опејуваа безнадежноста на потчинетите народи или на народите пригушени од строгите режими. Таа улога им припаѓаше на поетите што, во текот на неколку децении од нашиот век, твореа во средини што му ја ускратуваа слободата на човекот. Не мислам на оние поети што ја слават моќта на власт, ниту жонглерите – демагози што ѝ се додворуваат на јавноста.

Мислам на оној поет што стои сам пред себе, но не затворен во себе си. Носител на пораките на надежта и безнадежноста, секогаш горд и искрен, во потрага по себе си, но заедно со другите. Поетот, од видот на Шопов, чиешто патување кон себе си нѐ доведува до љубовта и среќата, единствените што ќе се спасат од заканите на апсолутноста, било таа да е рационална или профетска.

Со тоа што ќе ја соголиме реалноста што нѐ опкружува не смееме да ја уништиме љубопитноста и восхитот. Тие опстојуваат благодарение на „повиците од далечината“, на разноликоста и богатствата на светот иако светот е вавилонски, во библиската смисла на зборот.
____________________________
* Текстот е објавен во Нова Македонија, 04.05.1994
____________________________

Фернандо Аинса, директор на Колекцијата Репрезентативни дена на УНЕСКО, говори за збирката на Ацо Шопов Во личен избор, 1994.