This post is also available in: Serbian Croatian Bosnian

Како мост меѓу два брега*

Миодраг Друговац

Незасолнет, неомеѓен и шаролик, светот на Ацо Шопов, всушност со налага со својата духовна хомогеност и со автономијата  на својата поетска визија. Таа визија доживуваше кризи и метаморфози условени со тековите на животната дијалектика. Таа визија мораше да ги претрпи влијанијата на духовните клими на нашето време, оние клими што во чекор ги следеа разните литерарни иновации – а, сепак, со ништо не можеше да се наруши внатрешниот склад на естетско-етичките односи во оние емотивно-рефлексивни центруми од поетското „јас“ на овој поет. И, интересно речиси, испровоциравме еден очигледен парадокс: една таква сензитивна природа, една таква рафинирана поетска жица, небаре, плашејќи се од ненадејните експериментални трепети во себе, заговорнички ги избегнуваше искушенијата (авантурите!) во формалните чинови на своето поетско вјерују, тогаш кога нејзиниот израз со право ја насетуваше вербалната, морфолошко-семантичка револуција од авангардистички тип и една, над сѐ, академска, сува, естетизирана стварност на својот поетски свет!

Овој неизбежен впечаток, меѓутоа, иритира и неизбежност на сомневањата во објективната оправданост на еден таков, за сушноста на оваа поезија, сосема релевантен заклучок. Зашто, ако поетот се оглуши кон оние вербални чисто формални иновации, кои уште како го заплискуваа од сите страни, а тој најпосле останал нем пред нивните артистички, маѓепснички константи, дали е вистина дека тој се оглушил и кон она навистина новото и навистина модерното што како такво се легитимирало во самото општество, во пластовите на општествената свест, во визииите на човековата денешница, а преку тоа или, всушност, од тоа, од таа почва, од почвата на тие монументи на животната вистина, ги инаугурирало во зданија на општествена наградба и нејзините суперструктури – како нивни природен и неизбежен резонанс.

Впрочем, со што се докажува тоа новото и тоа модерното во поезијата на нашите современици? Со јазични новитети? Со формални егзибиции во стилот на разни „изми“, со грстови? Со подсвесното во надреализмот, со опори во психоаналитичката теорија на Зигмунд Фројд? Или? Или тоа новото и тоа модерното е, всушност, онаа структурална заситеност со рефлексите на модерниот човеков сензибилитет, сите оние состојби на неговата свест и душа, неговите сознанија за дијалектичкото потекло на неуротскотрауматските духовни изглуждувања и сите нарцисиоидни преокупираности со болезливи облици на своите психичко-интелектуални хоризонти? Со исклучок на мал број песни, лириката на Ацо Шопов своите основни поаѓалишта ги наоѓа врз почвата на тој модерен човеков сензибилтет и неговиот израз е и олицетворување на неговите комплекси. Ако поетот кажува (во песната „Втора молитва на моето тело“):

Ова тело што лежи како мост меѓу два брега,
oва тело што живее од мугрите на твоите желби –
ќе биде и утре какво што е сега
само со два белега повеќе од две лути стрелби,
ова тело што лежи како мост меѓу два брега

– тоа е во процесот на животните осведочувања една висока точка на лично, мошне елементарно спознавање на извесни бессилија и кревкости, на низата на минливоста и непрекинатото, менувања, промени, но никако произволни констатации само за своја лична промена и миналост, зашто секој и малку добро намерен читател со извесно читачко искуство ќе може во густото созвездие на стиховите-вистини да пронајде некоја своја ѕвезда-вистина, а пронаоѓајќи ја, покрај сето друго, да го доживее и нужно потребното естетско задоволство.

Шопов е сликар-поет. Сликата е едно од неговите најсилни оружја во постапката на поетската транспонација (дури и) на сетивните доживувања на стварноста, – онаа реалност и онаа стварност во себе си. Но, иако носат белези на фигуративност, неговите слики во првиот миг не се доживуваат со тоа што, да речеме, би го привлекле вниманието со знаците „од површината“ на паното; сликите на Шопов се ненаметливи, лесни, флуидни, и тие пловат по длабинските наслаги на неговата симболика и бликнуваат од неа како светлосни шарки на темномодрата позадина на небо во изгрев. Понекогаш, ќе забележиме во таа негова слика нешто темно, загадочно, таинствено, па и галактично, урнувачко, бројгеловско. За демонстрација на овој став би можела да ни послужи втората строфа од „Трета молитва на моето тело“, каде што првиот дел од стихот „застаната со спокој темен“ мора да не заинтригира најпосле, и самите да прашаме: што си ти пред „ова тело“ – девојка, жена, мајка? – светлина или темнина? – љубов или омраза?  победа или пораз? – жена „застаната со спокој темен“ како пред зидот на равнодушноста, некаква усилена и тешка љубовна игноранција, пред која како да не помага оној глас „со виј го гони-ветрот пто лута по тајни небосклони“ жена „скаменета пред влезот на овој храм – со моќно име ПОБЕДУВАМ“, жена како судбина и олицетворување на убавото, како блескава метафора на животот и неговите минливости. И отаде претпоставката: кога поетот ќе почне да се занимава и со тие прашања на животното многузначие, на неговите калеидоскопски шареноликости, неговата морничавост и дијалектика на бездната, тој престанува да биде поет на „романтична инспирација“ или „класична инспирација“ (иако може да се врши категоризација на поетите и според таа шема), тој, со еден збор, е поет на нашето време, поет на модерниот сензибилитет, модерен поет, поет кој емотивното искуство го збогатува со интелектуалното (филозофско) искуство и тие свои две, над сѐ, лични искуства ги објективизира до степен на творечка синтеза.

Критичко е прашањето каков е соодносот меѓу овие искуства, чија улога е подоминантна, кон кое искуство поетот е повеќе а кон кое помалку свртен во обликовниот процес на нивните суштински детерминанти – и тоа, би рекол, е збир на општи прашања што би можеле да му се постават на секој поет и на секоја поезија. Ако со збирот на овие прашања излеземе пред лицето на оваа, Шоповата поезија, во нас мошне јасно и недвосмислено би се формирал еден неопходен заклучок: дека таа по своето превасходство е поезија која енергијата на настанувањето ја црпе од емотивното искуство, но ни за еден миг не ја пренебрегнува енергијата и на оној вториот свој нормален вруток. Со други зборови, меѓу емотивноста и интелктуалноста постои пропорционален склад на односите во структурата на песната и сосема е ирелевантно дали во остварувањето на таа пропорција беше поголем учинокот на првото и помал учинокот на второто искуство. Но, дали песната ќе живее и ќе дише ако во неа надвие рационалното, интелектуалното искуство? Шопов и на ова прашање даде одговор со определувањето кое малу порано се обидовме да го скицираме.

Поетовата вистина резултира од единствената природа на двојниот товар: од товарот себе си и товарот светот. Подобро речено, таа резултира од таа двојност и е израз на таа двојност, што непрекинато (во поетот) се борат за „превласт“. Ако се борат, постои и оправдан страв дека еден од нив ќе победи, а тоа е обично Пирова победа и тоа е обично миг кога структуралните значајки на делото, потпирајќи се врз упростениот збир на искуствата, валидно се поедноставуваат и осиромашуваат, иако искуствата на современата (модерна) поезија, всушност, не упатуваат кон сосема поинакви заклучоци. Поетот кога и да е ќе мора во самиот себе си да воспостави мост помеѓу тие свои товари како мост помеѓу два брега, кои подеднакво доминираат врз гледниците на неговите емоционално-рефлексивни озарувања. Во случајот на поетот Ацо Шопов, тој мост не само што е воспоставен, туку врз примерите на неговата поетска интроспекција се укажува како извонредно забележлива самонегација суи генерис, со оглед и на воспоставениот континуитет на дијалектичките поврзаности и изнакрстености на односите на егзистенцијата од овие два товара, па често не се знае дали поетовото „јас“ во потката на овие стихови е израз на една биолошки одредлива личност или, напротив, е израз на поширок аудиториум, оној товар на светот, во чие име поетот ја остварува својата уметничка коресподенција со времето.

Тоа, всушност, е еден од можните пристапи кон оваа поезија, овој совесно направен избор од досегашниот поетски опус на овој расен македонски поет. Составувачот Сретен Перовиќ и како преведувач се извиши до рамништето на изворната убавина на поезијата на Ацо Шопов.

______________________
* Оваа статија посветена на збирката на Шопов на српскохрватски јазик Предвечерје  (Графички завод, Титоград, 1966) е објавенa во Нова Македонија, бр. 6998, Скопје, 10.04.1966, стр. 8. Станува збор за скратена верзија на текстот објавен на српскохрватски во сараевското списание Живот.

Други текстови од Друговац work in progress