Раде Силјан

Раде Силјан, македонски писател критичар и есеист

Светот на интимата и небиднината*

Раде Силјан

Во времето на Народноослободителната војна во македонската литература се појавија поетски творби, кои на доста едноставен, би рекле, на народски начин, мошне популарно и баладично пееја за револуцијата и за воените подвизи и херојства на борците. Основната нивна карактеристика се состоеше во општоприфатеното начело да се изрази вербата во победата над злогласниот фашистички непријател. И, сите тие песни беа проткаени со романтичарски занес и со излив на тага за трагиката на народот, што стоички гинеше и му се спротивставуваше на агресорот. Засновувајќи ја поетиката на една поопшта конотација, поетите од тој период го овековечија стремежот за слободарските идеали мошне автентично, со израз на верба во заедничкото дело на сите народи од нашето – југословенско тло.

Асоцијативно-баладната песна во тие години на желби, идеали и стремежи, се појави како продолжена рака на фолклорната поетска нишка, заснована врз традицијата на македонската народна песна. Во тој поглед патриотските напеви, со јасни примеси на едно изразито и би рекле, нагласено пеење за Револуцијата, заземаа доминантно место во општите текови на литературното создавање на нашата почва. Всушност, скромната традиција од минатиот век, потоа од предилинденскиот и поилинденскиот период, како и традицијата од периодот меѓу двете светски војни, беше од непроценливо значење во сѐ позабрзаниот, поизразит и понагласен тек на поетското поимање. Од денешна гледна точка може јасно да се каже дека уметничкото пеење во тој бурен период се засновуваше врз мошне автентичните и неодминливи поетски заложби остварени во изминатиот период, кои за основа го имаа нагласениот национален елемент, со примеси на јасно профилираниот белег на пролетерската поезија, присутна во поразвиените европски културни центри. Во тие години на идеали и мракобесија, на беспрекорни херојства и луцидни визии, македонските поети го започнаа најдолгиот пад до победата, со доблесна визија за конечна победа и на слободната мисла и на нескршливиот национален ентитет.

Имајќи ги пред себе поетските заложби на Кочо Рацин, Коле Неделковски, Мите Богоевски и други, речиси во виорот на војната се појавуваат првите творби на Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Гого Ивановски, Лазо Каровски, и други, кои заедно со прозаистите Јован Бошковски, Ѓорѓи Абаџиев и Коле Чашуле, како и драмските писатели Ристо Крле, Васил Иљоски и Антон Панов, го означуваат почетокот на современата македонска литература. Во тој период, а подоцна, веднаш по ослободувањето, во периодот на изградбата на државата, тие ќе го понесат најголемиот товар и во кодификацијата и во стандардизирањето на литературниот македонски јазик.

Присуството на романтичарските напеви, проткаено со елементи на народниот фолклор е доминантно во поезијата создавана во почетниот период. Творците, воспоставувајќи го својот литературен идеал на релација: Единка – Колектив – Победа, како израз на вековните стремежи на македонскиот народ ќе ја воспеваат револуцијата со еден идиличен занес, но занес кој по многу нешта и елементи ќе остане како главна карактеристика во слободарското пеење на ова тло.

Сепак, во првите години по војната ги бележиме преодните чекори меѓу романтичарскиот идеал и градителскиот вознес; од една страна, веднаш по завршувањето на Народноослободителната борба беа воспеани големите придобивки од Револуцијата, а од друга страна, пак, со творечки елан се величеа градителските успеси на младината и на целиот југословенски народ. Во тој период се појавуваат и првите творечки објави на Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Србо Ивановски, Генади Болиновски и други, кои се во интимен дослух во средината и со литературата што се создаваше кај нас.

Секоја подетаљна анализа на творештвото од првите повоени години јасно ќе укаже дека творечките стојности не соодветствуваат на повисоките естетски стандарди, видени и протолкувани од денешен аспект. Меѓутоа, чинот на создавањето, заговорената мотивика, и колку да не е на висината на вистинскиот профил и на понагласениот естетски облик, по својата хумана порака останува автентичен, неповторлив и прифатлив и од поголема временска дистанца. Значи, можеме да констатираме дека создавањето литература во тој период, во исто време е и естетски и градителски чин – тоа е чин на големата победа на македонскиот народ, на македонската култура и јазик.

Творечки идентитет

По својата исклучителна поетска дарба, по својот втренчен поглед во иднината уште во виорот на војната Ацо Шопов ќе ги оствари првите поетски заложби, кои од денешен аспект иако не би можеле да се прифатат како изразити естетски резултати, во мапата на современата македонска поезија остануваат како значаен и неодминлив зачеток на поетската мисла. Директно надоврзувајќи се на предводничките стихови на Кочо Рацин и Никола Јонков Вапцаров, овој превосходен лиричар уште на бојното поле пропеа младешки и занесно, со што мошне автентично ја најави својата индивидуална поетска личност. Прифаќајќи ја задачата да биде во дослух со националниот вознес уште во првата поетска книга Песни (1944) ќе ги овековечи херојските подвизи на своите соборци, со еден збор на показ ќе ги изнесе стремежите и беспрекорниот хероизам на сите партизани. Пеејќи под директно влијание на македонската народна песна, воедно вешто прифаќајќи го рефренот на пролетеската поезија, со својата длабока смисла за лирски исказ, овој поет, во тој бурен период ако не напиша книга со нагласени естетски стојности барем ја напиша можеби најубавата и најприфатливата песна со тематика од Народноослободителната борба. Тоа е песната „Очи”, во која впечатливо и длабоко интимно е изразена љубовта како најсветла надеж, како директна противтежа на очајот и смртта. Во оваа творба авторот доблесно ги спои елементите на трагиката и вербата со елементите на страста и емотивноста спрема саканата другарка и соборец, при што во крајниот чин, песната, впечатливо ја доловува големата визија за иднината.

Тргнувајќи од индивидуалното, во оваа песна Ацо Шопов ја возвишува темата на националното чувство на едно општо рамниште, со особена нагласка на пркосни чувства и достоинствени стремежи. „Композицијата на оваа песна што има сижетна потка е компонирана од хармонски поетски слики. Тие се прозрачни и музички богати, со благи преливи меѓу химничното и елегичното, давајќи ја на показ така широката емотивна скала на поетот и неговата богата инвенција“¹.

Компромис со модерноста

Останувајќи доследен на својот творечки пат и јасно еволуирајќи на интелектуален план, Ацо Шопов со книгите Стихови за маката и радоста (1952), Слеј се со тишината (1955) и Ветрот носи убаво време (1957), во тековите на современата македонска литература внесе нови содржински целости. Заеднички именител за стиховите од овој период е секако интимната нишка, која, низ призмата на естетскиот чин се остварува еднодимензионално. Всушност, поетот јасно ја прифаќа девизата дека реалноста и фикцијата се наоѓаат во заемен дослух и дека зборот е магичното поле што цврсто ги поврзува и обединува. Во стиховите од овие книги сликата и звукот секогаш се ставени на преден план и се почетна основа во која сѐ се остварува како мигновен запис за одредено време и простор.

Ацо Шопов спаѓа во редот на малкумината македонски писатели кои уште во педесеттите години воспоставија вистински компромис со модерноста. Меѓу тоа, на овие релации крутоста и сѐ уште јасно неиздиференцирана форма содржеше донекаде оголен лирски призвук. Оттука и констатацијата дека себеизнаоѓањето – тој највисок поетски чин кај овој писател може да се проследува во континуитетот, во јасно видливиот уметнички раст, особено присутен во подоцнежните поетски остварувања. Тоа значи, дека латентната опасност од повторување на лексички и изразен план авторот ја согледува. Тоа и критиката јасно ќе го забележи, но нема јасно и прецизно да ги нотира негативностите на тој план.

Кон средината на педесеттите години, во периодот на пројавата на полемичките искри во современата македонска литература, Ацо Шопов понудува еден вид модел на песна, што недвосмислено упатува на податокот дека поетот забраздува во поимпулсивни поетски сфери. Неговите рефлексивни изблици со песната „Во тишина” веќе добиваат поинакви, покондензирани и порефлексивни димензии.

Ако носиш нешто неизречено
нешто што те притиска и пече
закопај го во длабока тишина,
тишината сама ќе го рече.

Овој прекрасен катрен, кој Димитар Митрев своевремено го нарече „лирски медалјон”, тврдејќи притоа дека е тоа „најкраткиот, но и најубавиот општочовечки миг во нашата лирика”, на најубав можен начин потврди дека срцето и разумот на поетот се наоѓаат во најискрен дослух со човековото битие и дека на наједноставен начин се надополнуваат и проткајуваат. Според Христо Георгиевски, тоа јасно упатува и на констатацијата дека „Шопов е лиричар силно насочен кон битието на тишината. Во својата поезија овој поет најавува паралелен семантизам: неговата песна го мири она што е објективно (предметноста, постојното и непроменливото) со она што е субјективно (внатрешното, самото битие на поетот). Но кога поетовиот немир ќе се осмисли докрај, ние забележуваме, како знак на автономноста на песната и нејзиниот свет – затворање на кругот. Довршената песна со својот идеален облик (степенот на крајната хармонизација на елементите и односите) е како круг. Тогаш престануваме да ја разликуваме песната од тишината, или подобро речено тишината сама проговара. Во такви случаи авторот ги напушта романтичарските претстави за поезијата и ја сугерира прaситуацијата на песната”.

Како суштествена спротивност на идеализираниот свет, на притаеното слевање со тишината, на благиот навев на реалноста, се надоврзуваат и пројавуваат стиховите на поголем број македонски поети. Понудениот модел на песна во тоа време релативно помладите колеги на Ацо Шопов го прифаќаат безрезервно. На тој начин „уметноста се сфаќа како замена за задоволството и како таква е само илузија во спротивност со стварноста“ (Фројд). И веќе решително поетот ќе нагласи, дека:

Треба да бидеме подобри
Подобри од црвеното срце на лебот
од кој ни мириса сета соба
на Сонце, Земја и Глад.

Треба да бидеме подобри
Треба да бидеме подобри.
Подобри од белите усни на водите
кои љубејќи ги твоите колена
шепотат за сите суводолици
и сите грла што сонуваат вино.

Во опфатот на поетската материја Шопов не ја прифаќа девизата дека „сѐ што е скриено и несвесно и што дејствува наспроти свесниот ум е мудро и силно”, туку, напротив, тој го прифаќа геслото дека сѐ што извира од стварноста во имагинарните поетски поли станува звук и ритам, слика и облик, привидна игра и јасна форма. По својата амбивалентност овие својства на неговата поетика јасно се препознаваат, што укажува на фактот дека „тој не се наоѓа во власта на својот предмет, туку има власт над него” (Чарлс Лемб). Тој самосвоен поетски чин придонесе поезијата на овој автор да се сфаќа како искрен порив во непознатото, како визија за децидно прифатениот модерен исказ, како убава можност за надминување на постојните јазички стандарди.

Помирување на спротивностите

Своите најавтохтони творечки резултати Ацо Шопов многу доблесно и уверливо ги оствари со книгите Небиднина (1963) и Гледач во пепелта (1970), кои во периодот на појавата внесоа едно сосема поинакво и оригинално видување и поимање на поетската материја кај нас. Влијанието на овие стихозбирки врз развојот на современата македонска поезија е од големо и непроценливо значење. Настојувајќи да ги помири спротивностите, поетот мошне луцидно ги иницира погледите за животот, за љубовта и смртта, за зборот и времето, за чинот на опстојувањето. Во стиховите од овие книги тој речиси секогаш тргнува од поединечното кон општото, вешто обидувајќи се да го открие „непронајдениот“ збор. Во овој контекст сѐ е спротивставено на сѐ; всушност, сите пунктови се наоѓаат во еден магичен круг, визионерски осмислен и облагороден. Само зборот е клуч, вистински клуч за одгатнување на времето и просторот; тој е во фокусот на препознатливото животно кредо олицетворено како небиднина, од една страна, а не ретко и во фокусот на далекусежната стварносна глетка, наречена раѓање, од друга страна.

Патував долго, патував цела вечност
од мене до твојата небиднина.
Низ пожари патував, низ урнатини,
низ пепелишта.
По жега, по суша, по невиделина.
Се хранев со лебот на твојата убавина,
пиев од грлото на твојата песна.

Не гледај ги овие црни суводолици
што го параат моето лице –
ми ги подари лицето на земјата,
Не гледај ги овие нерамнини врз плеќите –
ми ги донесе умората на лисјето.
Погледај во овие раце –
два огна
две реки
темно чекање.
Погледај во овие дланки –
две полиња,
две суши
глуво лелекање

Патував долго, патував цела вечност
од тебе до мојата небиднина.

(,,Небиднина”, извадок)

Луцидно сфаќајќи ја димензијата на зборот Шопов на високо креативно ниво го возвишува симболот на небиднината, таа кованица на трагизмот на индивидуата и на трагизмот на народот. Во оваа насока, секако, до најцелосен израз доаѓа смислата за рефлексивен исказ, за слојни семантички јадра, за јасно прифаќање на општата смисла за компарирање на мотивските пунктови. Тоа спротивставување на раѓањето и смртта, на љубовта и тагата, на среќата и несреќата, на огнот и пепелта, во поезијата на Ацо Шопов придонесува за постојано отворање на кругот, за проширување на семантичките јадра и на тематско-мотивските почетни точки. Значи, на поетот не му се заканува опасност од нагласениот рационализам, зашто тој варирајќи го мотивот, мошне умешно ги синтетизира поетските целости. Тоа, пак нѐ наведува да констатираме дека на овие релации содржината и формата несомнено се надополнуваат, заемно се надградуваат, со што крајниот естетски чин станува повеќeзначаен.

Со Небиднина и Гледач во пепелта Шопов мошне смело забразди во пошироките духовни национални и универзални координати. Тргнувајќи речиси секогаш од конкретен повод, настан, средба, личност и судба на песната ѝ даде притаен интимен печат, а во тој контекст своите поетски пораки ги воздигна во сферата на нагласениот социјален поетски призвук. Во овие најуспешни поетски остварувања својата препознатлива и јасно фундирана поетска мисла поетот ја зацврсти, вообличи, догради, осмисли и вешто ја модулира во автохтони целости, неодминливи во нашата литература.

Изгасни песно во огнот што го запали сама
Прска зборот и исчезнува во пепел од кремен.
Гледачу во пепелта, ја препозна ли во неа исконската драма
што доаѓа од дното на овој извор темен.

Песно, те откинав од клунот на птица во крвта што ми лета,
од црвеното небо на запалените вени,
од тие далноводи на два помирливи света,
тие изгрејсонца со неодгатнати мени.

Те откинав од гневот на иконите, тие неразбирливи гами,
од громот врз копjето на воинот со камен што е сраснат,
од сонот на тие повисоки што се од сонот што ги мами,
и што се раѓаат пак откако еднаш згаснат.

Сега сме два света, два врага, две завојувани страни
сега сме војна без излез и кама против кама.
Кој е победен? Кој победник. Кој со изгрев на осмислени рани?
Изгасни песно во огнот што го запали сама.

(„Гледач во пепелта”)

Ацо Шопов во повеќето песни од својот обемен поетски опус настојува, како што веќе рековме, да ги помири спротивностите, да ги помири тагата и радоста, желбата и надежта; значи, настојува да ги помири времето минато и времето сегашно и пак јасно да каже дека „сега сме војна без излез“. Оттука и впечатокот дека тој речиси секогаш се наоѓа пред дилемата за идното време, за времето што треба да дојде. Одговорот доста вешто го понудува, иако не е со ведар набој, сепак тој го предочува како искра на надеж. Во оваа насока авторовата резигнација често е предадена во исповедна форма, во форма на запис, на сказна, на сведоштво.

Проткајување

Во песните на Ацо Шопов е присутно дијалектичко проткајување, еден внатрешен немир, воспоставен на релација единка – колектив, јасно препознатлив и доловлив. А, „зборот има една, би се рекло, космичка димензија. Таа негова моќ ‘земјата [да] ја врти и небото [да] го лула’, таа негова моќ да биде коперниковски центар околу кој се врти и се движи сѐ, тој збор што е ‘налик на сите мирни заробеници’, тој збор, таа ‘тврдина камена’, што всушност, како каменот останува, и покрај сите мени и над сите луњи и покрај сите столетија, сѐ така неуништлив и сѐ така моќен и севишен, тој збор што ‘се двои од темнината’ и кому ‘модар јаглен му гори во утробата’, тој збор што го носи прометејскиот оган во мракот, тој збор што е и искра и пламен, што запалува и изгаснува пожари и револуции, тој збор што ја пее големата исконска радост, болка и така, тој збор е песната, големата човекова песна што се простира од крајот од бескрајот, од пределното до беспределното, од видливото до невидливото од цветот земски до ѕвездените маглини“². Чувствувајќи ја на тој начин моќта или семоќта на зборот, поетот му се обрнува:

Својот гроб со прокуда го копам,
отвори ме проклетио
ти тврдино камена,
да изгорам во јагленот на зборот,
да се стопам.

(„Раѓање на зборот”)

Огнот, времето и стеблото; зборот, љубовта и просторот; сонот, сонцето и пепелта – тие стожерни и јасно обмислени пунктови во поезијата на Шопов претставуваат сублимат на едно маркантно творечко присуство, кое мора и треба да се согледува во континуитет, од првата негова поетска книга Песни (1944), па сѐ до неговата последна поетска објава Дрво на ридот (1980). Нивното проткајување е очигледно и неодминливо; во сплетот од постојаното нивно иновирање се препознава и јасно се уочува нагорниот од на поетот. Меѓутоа, изнесувајќи ги идеите и идеалите во поопшти рамки, авторот не бара компромис меѓу идејата и пораката, не настојува да филозофира, туку, напротив, се застапува, барем во најуспешните свои објави, за спонтан, ненаметлив, наместа мигновен, често афористичен, но најчесто рационален и прецизен исказ. Овие констатации, секако имаат потпора и во доста песни од неговиот почетен период, како и во некои од подобрите песни објавени во последните две книги Песна на црната жена (1976) и Дрво на ридот (1980). Што значи, тие обележуваат еден нераскинлив континуитет на творечко зреење, на творечко себеизнаоѓање и потврдување.

Сиве овие елементи, обемниот спектар на теми, доблесно приопштени во поезијата на Ацо Шопов говорат за една маркантна појава во современата македонска литература, говорат за една поетска индивидуа која на најубав можен начин понуди вистински модел на македонска, едноставна, тревожна, длабоко осмислена песна. Оттука со право може да се каже дека овој автор спаѓа во редот на најавтентичните поетски индивидуи во нашата литература. Како што веќе рековме неговиот поетски исказ е проткаен со длабок рефлексен набој и опфаќа блиски и препознатливи пунктови. Неговата поезија е со исклучителен личен и национален ентитет, кој по својата суштина се трансформира во подалекусежни и универзални релации. Општ е впечатокот дека творештвото на овој писател обележа и мошне значајна етапа во културниот простор кај нас и пошироко, на југословенски план, а со својата оригиналност, едноставност и амбивалентност изврши големо и пресудно влијание врз профилирањето на голем број поетски индивидуи.

* Текстот е објавен во Пронајден облик, Скопје, Македонска книга, 1986, а потоа како предговор на книгите Ацо Шопов: Избор од поезијата, 1987, и  Ацо Шопов: Песни, 1988

___________________________________
¹ Ефтим Клетников: „Поезијата на Ацо Шопов “, предговор кон изборот Лузна, Мисла, Скопје, 1981, стр 7-39.

² Георги Старделов: „Поетското искуство на Ацо Шопов“, Македонската книжевност во книжевната критика, том I, Мисла, Скопје, 1973 , стр. 478.