Интимата на Шопов*

Гане Тодоровски (1929-2010), македонски поет и литературен критичар

Гане Тодоровски (1929-2010), македонски поет и литературен критичар

Гане Тодоровски

Најблиската дефиниција за значењето на поетското дело на Ацо Шопов во современата македонска литература, бездруго, ја има дадено критичарот Димитар Митрев во својата антологија Повоени македонски поети, 1960 [стр. 289-290], подвлекувајќи дека „просторот на интимата во македонската поезија засекогаш е неодвоив од повоеното поетско дело на Ацо Шопов. На таа поезија тој ѝ подари не песни ами збирки од песни што со ретка континуираност го обележи ликот на нејзиниот најчист лирски егзалтатор“.

Веќе три децении Ацо Шопов ги населува просторите на интимата во македонската поезија. Низ досегашните десетина одделни станици на тоа негово плодотворно патување низ земјата на поезијата, тој ни презентира лирика од повисок уметнички дострел, чиј заеднички именител е тоа негово лирско саморазоткривање. Критиката благовремено предочи дека неговото поетско разгрнување е едно такво докрајно лирско саморазоткривање без остаток, едно суптилно бележење на внатрешниот немир, едно вербално транспонирање на разбранетоста на душата, една привлечна и тревожна хроника на неспокојот и возбудата.

Поетскиот растеж на Ацо Шопов е потчинет строго на логиката на еден стамен континуитет преку кој проговорила најречито смислата за доследност кон врвниот белег на квалитетот на неговото творештво – исконската верност кон говорот на срцето, неговата сеоддаденост кон лирската вокација, неговата приврзаност кон искреноста.

Интимата на Шопов секако познава гами и тоналитети низ кои се нијансираат артикулациите на смиреното кажување и подигнатиот глас, спокојната медитација и нежната размиленост, болежливиот крик и жолчниот протест, мисловната резонанса и тревожниот трепет. Меѓутоа, сето тоа е потчинето на една внатрешна законитост на неговото пеење и мислење, законитост во која никој не ќе може да открие рески свиоци на содржинските  текови, ненадејни пресврти во стилот и начинот на кажувањето, неочекувани авантури низ светот на угледувањето. Кај него сѐ е преземено од несекливата изворна инспирација – говорот на срцето. Кај него сѐ е потпрено врз докажливиот пример на сопственото животно искуство. Кај него сè пулсира низ животекот на личната вистина.

Творечкиот растеж на Ацо Шопов

Поетскиот придонес на Шопов во ризниците на современата македонска литература е мошне богат и мошне значаен. Иако главно сместен во областа на поезијата и препевот, тој се издвојува како еден од најафирмативните придонеси во нашата повоена литература. Издаде повеќе книги стихови, меѓу кои Песни, 1944; Пруга на младоста (заедно со С. Јаневски), 1946; На Грамос, 1950; Со наши раце, 1950; Стихови за маҡата и радоста, 1952; Слеј се со тишината, 1955; Ветрот носи убаво време, 1957; Небиднина, 1963; Гледач во пепелта, 1970; Песна на црната жена, 1976.

Ацо Шопов е роден во Штип, во 1923 година. Учесник е во НОБ од 1941 година. Дипломира на Филозовскиот факултет во Скопје, група историја на филозофијата. Беше уредник на литературните списанија Современост, Хоризонт, Иднина.

Активно се појавува како преведувач во областа на поезијата. Од југословенските поети препеа одделни избори од поетските опуси на Јован Јовановиќ-Змај, Отон Жупанчич, Мирослав Крлежа, Драгутин Тадијановиќ, Густав Крклец, Григор Витез, Изет Сарајлиќ. Од странските автори ги препеа: Хамлет и Сонетиете од Вилијам Шекспир, Сирано де Бержерак од Едмон Ростан, Сид од Пјер Корнеј, Басни од Крилов и др.

Избори од неговата поезија се препеани на српски, руски, чешки, унгарски, словенечки, француски и др. јазици.

Развојни фази во поезијата на Ацо Шопов

Македонската литературна критика констатира неколку развојни фази во поетската еволуција на Шопов. Пишувајќи за Поетското искуство на Ацо Шопов, неговиот досега најсестран проучувач, критичарот Георги Старделов подвлекува три естетски фази во творечкиот растеж на поетот. Првата фаза би ги опфаќала збирките: Песни, Со наши раце, На Грамос, во кои борбата е поставена на ниво на еден општонационален патос, а авторот создава борбена и патриотска поезија, во која се ѝ е подредено на татковината. Авторот е директно и отворено ангажиран поет. Подоцна тој се вовлекува во себеси и со тоа ја почнува својата втора фаза во поетската еволуција – фазата на интимната лирика. Таа е поврзана со појавата на неговите стихозбирки Стихови за маката и радоста и Слеј се со тишината. Интимните преокупации на поетот доаѓаат на преден план, тој е нурнат во разгатка на човечкото битие, на смислата на опстанокот, на одминувачката, мобилизиран е исклучително низ напорот на една интроспекција, над своето себеиспитување. Емфазата ѝ отстапува место на меланхолијата, егзалтаторскиот и декларативен тон на реторичниот стих му препушта предност на тивкиот, резигнаторско-сонорен и притивнат глас. Тој ја прегрнува тишината, се распостила низ нејзините волшепства, станува нејзин шепотлив здив, се идентификува со неа. Оваа фаза е период на една интровертност, исполнета со многу автобиографски акценти. Третата фаза во поетската еволуција на Шопов се потпира врз искуствата на трите негови збирки: Ветрот носи убаво време, Небиднина и Гледач во пепелта.

За песната „Раѓање на зборот”

Најновите поетски искуства на Шопов се поврзани за извесни процеси на самонабљудување, кои можат да бидат врамени во едно единствено самопрашање: Каде потаму во мене? Станува збор за еден спознавачки пробив во смислата на животот и суштината на траењето, која придонесува за едно значително посестрано, покомплексно и послоевито осознавање на поетскиот збор. Ваквиот концепт придонесува песната на Шопов да поседува еден моќен и возбудлив мисловен стожер, едно симболичко значење, едно огромно богатство на идеи и симболи, едно интелектуално побогато искуство, со што на песната ѝ се втиснува силна избиточна мисловна димензија. Тоа се карактеристиките на третата развојна фаза кај овој автор. Во тоа ново тематско подрачје е сместена и песната „Раѓање на зборот“.

Основните карактеристики на таа слоевитост низ која се осмислува и „Раѓање на зборот“ е таканаречената магиска сила на зборот, или, како што ќе биде одбележано при еден друг повод, интезивно доживеаниот миг на нов пристап кон творечкиот чин.

За песната „Раѓање на зборот“ критиката искажува бројни комплименти. Се укажува дека вредностите на оваа песна треба да бидат согледани во успешното откривање на тајната и смислата на зборот, во откривањето на онаа конвулзивна драма што се збиднува во процесот на творештвото кога сме исправени пред феноменот на раѓањето на зборот, таа најголема тема на поезијата.

Шопов како да му придава на зборот една нова димензија – космичка. Тоа се огледа во моќта на зборот „земјата да ја врти и небото да го лула“, како што гласат некои стихови од истоимената песна. Ова е едно посебно чувствување на моќта или семоќта на зборот, едно најсликовито разјаснување на суштинската сила на зборот и на песната.

За „Раѓање на зборот“ ќе биде речено дека претставува „продор до пеколот на творештвото“ (Душко Наневски, поговор на Небиднина, изданија од 1970 и 1974 год.), доближувањето до огнот на зборот, разоткривање на неговата срцевина. Зборот е ополномоштен да биде првиот двигател на поетскиот чин. Речено е: на таквата песна не ѝ е реален светот, туку ѝ е реален само зборот. Оттука современите лиричари без прекин нагласуваат: песната не значи, туку таа е.

Таква е и песната „Раѓање на зборот“ на Ацо Шопов. Низ неа авторот посега преку поетски слики да го претстави тоа тешко и мачно пробивање до срцето, до јатката на зборот, до тој таен оган, до тој пласт од јаглен, до таа камена тврдина, до таа алхемиска тајна заштитена со безброј невидливи обрачи од очите на љубопитниците.

Црно сонце – Трагизмот како праелемент на песната

Песните од циклусот „Црно сонце“ се издвојуваат како посебно занимлива фаза во творештвото на Шопов. Зад овој викториговски наслов критичарите открија конзистентен поетски свет, што се одликува со една нова цврстина, густина и јадровитост на поетското кажување. Бездруго, оваа поетска авантура на поетот целосно е потпрена врз богатите искуства на симболистичката поетика, која повеќемина автори во областа на современата македонска поезија успешно ја возобновуваа (Матеја Матевски, Србо Ивановски, Анте Поповски, Михаил Ренџов, Евтим Клетников).

Во основата на оваа поетика песната треба да се извиши врз еден таканаречен сетилен иреалитет. Таа не се обзира на степенот на логичката разбирливост, на моделот од некакво сфатливо комуницирање со читателот, туку настојува зборовите да ги осамостои до тој степен што тие, и како звук и како сугестија, да ослободат од себе некакви алогични сили, што ќе управуваат со исказот, па така, со помошта на тие произведени необични звучни нанизи, да дејствуваат и волшебно и необично.

Такви се песните од циклусот „Црно сонце“. Низ нив како да ја препознаваме онаа модерна распнатост на поезијата помеѓу интелектуалната компликација и архаичното тајно вражање.

Сепак, песните од циклусот „Црно сонце“ се наметнуваат пополека како поезија од посебно ткаење, бидејќи нивната комуникација со читателот е отежната поради бројните бариери на сложената симболика.

Според Старделов, трагизмот во поетското искуство на Ацо Шопов се изведува од едно доживување и спознавање на светот, по кое, колку повеќе човекот навлегува во осмислувањето на структурата на светот, толку повеќе ја забележува неговата мистерија, толку повеќе ја сфаќа својата немоќ да ги одвитка сите тајни во кои тој е завиткан. Оттука и тој вечен судир на човекот со непознатото, кој како вечен оган ги запалува и ги изгаснува луѓето и пред кој човекот ја чувствува големата своја моќ, но истовремено и исто толкавата немоќ да ја разгатне неговата дефинитивна суштина.

„Црно Сонце“ на Шопов е текст што божем проговорува за положбата на човекот во вселената воопшто, со малку навев на дискретен песимизам, низ кој улогата на поетскиот збор како да подзема врз себе функција на апстрахиран протест над судбината на човекот. Насловот на оваа песна, рековме веќе, позајмен од Виктор Иго, всушност е синтагмата зад која пулсира она вечно прашање на трансисторискиот човек, или на оној последен Адам од истоимената песна на хрватскиот поет Силвие С. Крањчевиќ, кој со нокте врз заледениот свет испишува прашалник: „неизбежна ли е пропаста? Дали сè што постои е осудено на пропаѓање?“

„Црно сонце“ се наметнува како поетско-филозовски супстрат на авторовото поетско искуство и спаѓа во редот на оние песни на Шопов коишто немаат конкретна животна супстанција, ниту конкретно потекло. Тие се некое барање на хармоничност во себе и во светот. Овде станува збор за една специфична инспирација кај поетот, која се изразува низ своевидни, но не и предимензионирани, космички слики, низ кои средишната улога сепак ја одигрува човекот. Како поетовата вознемиреност да се исправила простум пред претпоставливата дисхармонија на светот за да го изрази гласно своето несогласување.

За песната „Очи“ на Ацо Шопов

Како учесник во НОБ, Ацо Шопов на младини се приопштува кон таканаречената партизанска поезија, оној вид пеење што за луѓето кои го одбраа патот на борбата значеше импозантен акт на определба кон литературата што учествува во преобразбата на светот. Неговата прва книга Песни се појавува кон крајот на 1944 година. Таа ни го претставува својот автор во светлината на една поетска традиција со бунтовни акценти, чии траги водеа накај примерите на големите балкански револуционерни поети – Ригас од Фера, Христо Ботев, Назим Хикмет, е Фан Ноли, Кочо Рацин, Никола Вапцаров и др. Во тие први невешти и рудиментарни стихови беше најавена една поетска посебност. Како логично продолжување на тематско-изразната насоченост на неговата партизанска лирика се раѓа песната „Очи“. Таа останува како антологиски репрезент на неговиот поетски почеток и како уметничко сведоштво за македонскиот удел во крвавата борба против фашистичките окупатори.

„Очи“ е песна во која се ламентира по загинатата другарка од борбата. Овде преовладуваат исповедниот тон и нарацијата. Преку звучните дванаестерци (четиристапен амфибрах) авторот ги изнесува подробностите во врска со херојската смрт на младата партизанка, таа тигрица што летнала во ноќта крвава и црна во пресудниот јуриш што требало да го разбие обрачот на непријателската офанзива. Нејзиниот пример е двигател во борбата, тој поттикнува. По нејзината смрт борците влегуваат со развиорени сили  во бојот за да ја одмаздат. Во нивните очи се искри пламенот на нејзиниот гнев.

Песната има баладичен тон, иако всушност означува тажникава реминисценција на оние три долги и  проклети денови, кога тие – нејзините другари и соборци – на раце ја носат по беспаќето на македонските планини младата партизанска друшка, небаре хероинка, и три дена се неми сведоци, беспомоќни и увилни, на нејзиното бавно умирање. Нејзиниот живот се цеди пополека и неодложно, и секоја капка од нејзините рани како крвава жар, го разранува срцето на поетот.

„Очи“ е поетски текст што привлекува со чистата непосредност на раскажувањето. Песната фиксира еден настан во кој проговорува херојството на младата девојка, која со беспримерна храброст го пробива огнениот обрач на опсадата, во оние часови на физичка истоштеност, тотална изнемоштеност, кога и смрштените чела прилегаат на закочените и празни пушки на борците што одвај успеваат да здивнат пред утрешниот бој, страшен бој, еден од многуте во нерамната борба меѓу малкуте и многуте. И сè што ќе треба да се запамети од тој трагичен настан, во кој е покосена една младост, тоа се нејзините очи, луњени очи, широки и волни очи што ригаат пламен, што ги топат пред себе челичните куршумени зрна. И тие очи што пополека гаснат, догоруваат низ трепетот на светата клетва, на зарекот и на заветот да се отстои во борбата.

„Очи“ на Шопов остава целосен впечаток на здржан емотивен коментар за една болежлива прошка со свидната другарка по оружје и по судбина. Се чини дека животот од телото на мртвата партизанка се преточува во борбената стихија на борци понесени во одмаздничкиот јуриш, дека блесокот на нејзините очи им го расветлува патот напред, кон пробивот, кон бојниот триумф, кон победата.

„Очи“ на Шопов е исклучителна поетска драгоценост во нанизот на македонската партизанска поезија.

Толкувајќи ја лириката на Шопов – критичарот Георги Старделов – еден од нејзините најстудиозни проучувачи – ќе забележи дека „Очи“ е една од најубавите песни што ја имаме во нашата поезија на тема на НОБ и дека нејзините драматски и херојски, патетични и трагични слики „го откриваат оној македонски непокор, оној револуционерен непрегор, онаа величественост на смртта во борбата за афирмација на човековата слобода, за силината на љубовта над смртта, за семоќта на верувањето и надежта над очајот и скепсата. ‘Очи’ е, несомнено, една драма низ која се раѓала една огромна љубов низ една непоштедна смрт. Лирското во неа е во интимниот однос на поетот кон саканата – соборец. Меѓутоа, вредноста на оваа песна е најмалку во нејзината лирска сушност, во нејзиниот интимистички поттекст. Таа се издигнува како неприкосновена вредност во чувствата на возвишеноста и трагичноста што ги открива низ секој свој стих, низ секоја слика што низ митски симболи ја сугерира големата визија на иднината, што успева една субјективна стварност да ја претвори во објективен национален симбол, што ја поистородува, како во секој мит, личната трагика, индивидуалната љубов со општонародната, што, во и низ индивидуалниот случај ја открива големината и величието на општонародната борба“.

На овој коментар му претходи и еден сличен, што потекнува од перото на критичарот Димитар Митрев а наметнува слична категоричност во оценката:

„Ацо Шопов се роди како поет низ виорот на партизанската борба во Македонија. За она што го вршеше како борец со пушка напиша тој песни што го имаа дејството на ново оружје во битките. Не една од тие песни се пееше од партизанските одреди и бригади како нивен борбен марш. Беше млад и по години и по својот поетски занес, но беше непотправен во чувството, искрен во одушевувањето, изворен во изблиците на екстазата, елементарен во изразот, затоа и стана најсаканиот поет на борбата уште во текот на нејзиното времетраење. Основниот пак стимуланс што го создаваа кај борците партизанските песни на Шопов е нивната константно и страствено изразена желба за одмазда спрема врагот. Вистината изречена од древните Римјани ‘Гневот го чини човекот поет’ најде целосна потврда во таа лирика со полетна љубов кон своите и со бескрајна омраза кон варварството на фашистичкиот поробувач. Песната ‘Љубов’ е најавтентичниот израз и на таквата љубов на таквата омраза. Со тоа двојбено чувство борците ќе јуришаат од битка во битка сè до мигот на победата. И тешката разделба со загинатата во бојот блиска другарка ќе прерасне во повик за јуриш во нови борби и пак за докрајно уништување на фашистичките убијци на безбројни млади животи. Таков е лајтмотивот и на песната ‘Очи’, која спаѓа во бројот на нашите најдобри партизански песни“.

Со песната „Очи“ Ацо Шопов како млад, одвај дваесетиедногодишен автор, влегува на главната врата во македонската современа поезија за да израсне потаму како еден од нејзините стожерни претставници.

_________________
* Текстот е објавен под наслов „Ацо Шопов” во Маѓепсан мегдан: (литературни записи), Скопје, Култура, 1979, стр. 371-380, и во Поглавја од македонската литература, Скопје, Мисла, 1985.
Инсерт од овој текст е објавен во Дело 74, 1982, год IX, бр. 5-6., под наслов „Поетско-филозофски супстрат на автоpoвoтo поетско искуство”.
_________________