Еден контакт со Ј.Ј. Змај*

Томе Арсовски

Деновиве во нашите книжарници се појави една нова кңишка во сини корици и со ликот на омилениот детски и школски поет Јован Јовановиќ-Змај. Со тоа, нашите школски библиотеки се здобиваат со уште едно дело од сѐ уште оскудната преводна лектира предвидена во наставните програми по литература. Песните на Змај (всушност еден потесен избор и извод од Змајевата поезија) ги превел Ацо Шопов, а ги издава скопското книгоиздателство „Кочо Рацин“.

Ако со неколку обопштени зборови би можеле да се дефинитираат впечатоците од оваа книшка, со задоволството би можеле да констатираме дека трудот на Ацо Шопов убаво се исплатил. Квалитетите на предложената книшка ги нaтфрлуваат рамките на еден препев и, во таа смисла, овој збор може да биде само во полза на преведувачот и да се разбере eдинствено како една негова скромност.

Со нужната ограда дека (како и секој превод) Змаевата поезија логично и бездруго морала да изгуби нешто од својата оригинална свежина и сила, можеме да забележиме дека Ацо Шопов се потрудил и успеал да го почувствува самобитниот Змај – поет. Змаевиот збор, Змаевата мисла и дух – нежни и простодушно искрени во лириката и осимничави и наивно озабени во сатирата, но секогаш прочувствувано топли и интимни – во препевот (преводот) на Шопов звучат пак Змаевски верно и во автентичната ритмика, и во оригиналниот јазик и во настроението. Се разбира, не секогаш и секаде, но во најголемиот дел, во конечниот резултат. Но нашите школски деца, па дури и оние читатели што Змај го помнат од една или неколкуте песни што ги учеле во школата – доволно е да ги прочитаат и проучат само песните „Три ајдуци“, „Мрачни кратки денови“, „Полу срце, полу камен“, „Што е убав овој свет“, „Болна лежи“, „Нас нѐ мами нада“ и уште неколку од поместените – и тоа би било (релативно и засега) доволно за да го запознаат, да го почувствуваат и веднаш да го засакаат овој навистина голем, а кај нас (за жал) навистина недоволно познат поет на школата, улицата, детските игри и играчки, овој голем родољуб и возбудливо нежен лирик.

Во таа смисла од особено значење и од особена полза е секако и обемната уводна статија за Змај и неговото поетско творештво, која потекнува од перото на професорот Димче Левков.

Ако нешто би требало да се забележи како недостиг при овој прв контакт со Змаевите песни на македонски јазик, тогаш тоа би се однесувало до техничката и педагошка страна. Книгата е печатена во библиотеката „Школски писатели“ и за неа би бил еден плус повеќе ако материјалот што во неа е зафатен добиеше и една поопстојна класификација, а и тоа со нужната распределба по тематот и по изворите, бидејќи издвојувањето на оддели означени со римски броеви само за себе не кажува ништо.

Инаку, книгата е добродошла како еден посериозен обид за пошироко информирање на децата и другите интересенети за Змаевите светови (не е застапена само детската поезија) и нејзиниот успех ќе ги потврди и квалитетите на препевот и нуждата од Змај на македонски јазик.
______________________
* Текстот е потпишан со иницијалите Т.А. и објавен во  Нова Македонија, на 23 април 1955 год.