За љубовта наша, делата ќе кажат*

Васил Тоциновски

Поетот и неговата песна постојано го бараат непознатото во животот, го бараат убавото, вистинитото во него. Поаѓајќи од себе, но не заради себе поетот ни ја подарува својата песна, топла и искрена за дијалог. Новата поетска книга на Ацо Шопов Песна на црната жена го продолжува вонредниот и самостоен творечки континуитет на поетот несомнено најголем наш лиричар, на неговиот сопствен поетски концепт за светот кој во исто време е и наш. Пред секое едно уметничко дело забележува критичарот, секогаш стои една единствена дилема: дали тоа станало само историско-музејски реликт, пак останало такво вечно живо дело во најразличните и меѓусебно противречни времиња ќе е способно и ќе е моќно да им зборува на луѓето за нивните секогаш загадочни спознанија, мечти и стремежи. Да се надмине таа неумолива поминливост на времето што се влече кон еден историски неврат, да се остане во него, да се надмине строго националниот призвук и да се биде како неизгаслив зрак без кое да е незамисливо нашето денешно патување низ времето и на времето низ нас − тоа им е дадено само на оние ретки, само на оние исклучителни познавачи за човекот, за неговите страсти и за неговите секогаш нови чувства и размисли меѓу кои секако спаѓа и Aцo Шопов. Така овој и наш едновремено, оргинален и препознателен е во секој стих и песна, во сите триесет години творечки и дел од животниот пат.

Во Песна на црната жена поетот со песната се бара, се преиспитува себеси од себе од битието и како таков доаѓа до читателот. Тајни не постојат зашто срцето е отворено во целокупното емотивно ткиво на песната, во нејзините многузначни и богато напластени, а секогаш нови и одново таинствени мисли. Поетското дело на Шопов својата непосредна експресија просторно, за разлика од претходните стихозбирки на авторот, ја лоцира во пазувите на Црна Африка, под нејзиното усвитено и колоритно поднебје, пустините и оазите, на брегот од Океанот. Патиштата на мисловниот и емотивниот творечки концепт градат друга соодветна мерка наспрема себе децидно речена во песната „Настан на езерскиот брег“ по кој „Откривајќи ја родината да се открие светот“. Тој универзум, таа филозофија гради една извонредно хомогена книга од 14 песни поделени во три циклуси: „Жена во ивернажот“, „Загледан во Океанот“ и „Светлината на робовите“. Така гласот извира длабоко од една човечка душа и летнува како гулаб, најличен и најубав гулаб во светот. Така отсекогаш сум го восприемал Шопов, таков отсекогаш ми бил драг и близок, најголемиот лиричар кој пее од себе, но никако само за себе. Поетот е секогаш сугестивен во извонредно богатите и чисти поетски слики. Еве една од нив, од песната што вечно ќe се памети „Жена во ивернажот“.

А дожд врне како лекување на тешки рани,
како ослободување од темни сили и страсти,
врне како шепотење, како милување: Стани! Расти!
Дожд врне и нема крај на овој ивернаж,
додека жената змиулесто се извива на дождот
како во прегратка на маж.
Дожд врне и чудни приказни плете,
како раѓање и плач на првото дете.

Или пак онаа слика на креативната имагинација на поетот, градејќи ја притоа би рекол и мерката на оваа стихозбирка дека „Океанот е огромен, а човекот мал,/ човекот се слева со огромната маса,/ огромната маса, огромната маса со човекот…/ Човекот е огромен, океанот мал…“ („Загледан во океанот“). И до перфекција искрено и смирено поетот говори за непостојаноста и менливоста човекова и на светот.

Сонцето паѓа по утробата на земјата.
Земјата е сонце, сонцето е земја, сè ќе изгори од жед.
Само баобабот огромен им пркоси на горештините
смирен во молитва за дожд
а дождовите ги нема.
(„Баобаб“)

Ако поезијата нема татковина, а потврда повеќе за тоа е и книгата што е пред нас, Шопов открива пеејќи за татковината дека е недопеана, како што животот е недовршлив, наспрема спротивното наше читателско мислење и респект кон оваа поезија. „Те спомнам ли“ е една од најубавите песни на татковината во кои таа е „Татковино, песно недопеана, песно неспокојна,/ иста низ вековите, низ булуците,/ како за дедовците така и за внуците“. Нашите и поетови размисли за универзумот, што е релевантен за поетското дело на Шопов, ќе ги илустрираме со уште два стиха од песната „Настан на езерскиот брег“: „И повторно се вивна нагоре како првпат да го започнува летот,/ носејќи ја со себе својата највисока смисла“, мерката што погоре ја забележавме а според која „откривајќи ја родината да го открие светот“. Mоќта на поетот е неограничена и во неговите стихови, вселувајќи се тие во нас, бие големото срце на црна и врела Африка или едноставно срцето на човекот. „Штип и Жоал,/ еден под Исарот,/ друг на Океанот./ А исти љубови,/ исти бранувања/ и исти поетски маки и сонувања,/ два града мали и речиси безимени/ а обата со иста љубов збратимени.“ Песната „Во Штип и во Жоал“ или срцето на поетот во кое има место само за голема и чиста љубов.

И секако Песна на црната жена не била таа наша опсесија ако не го донесува мирисот и вкусот, боите и знаците на лековитиот корен од кој расте и го надживува сопственото време. Особено третиот циклус од книгата „Светлината на робовите“ отвора бројни страни од минатото, од митологијата и историјата на црниот континент, кој ќе ја сочува и првичноста на раѓањето на песната, на изворот нејзин.

Твојата светлина доаѓа од длабочината на вековите
од ниските сламени колиби во саваните и прашумите
каде што седиш со својата жена и деца
и сите толчете пченка за да испечете леб,
а никој не се ни праша што со лебот и дали ќе ви стаса.
(„загледани во сонцето“)

Доаѓајќи до одредени норми на егзистенцијата, творечкиот гениј одново се идентификува со универзумот на човекот, животот и светот, дека сѐ бидува и поминува, а делата остануваат како трајни аргументи на минливоста и непостојаноста. Какво што е и делото на нашиот поет Ацо Шопов, каква што е и неговата нова стихозбирка Песна на црната жена.
_________________
* Текстот, со поднаслов „Ацо Шопов: Песна на црната жена, Мисла, Скопје”, е објавен во Беседа, 1977, год. VI, бр. 11- 12, стр. 117-120