Белешка за Слеј се со тишината*

М. Ј.

Многу значаен момент за уметникот кога тој повторно и повторно го манифестира своето творештво (во случајот со нова книга) е тоа каков ќе биде одговорот на прашањето: дали неговата поезија е во растеж или не?

Ја читам збирката песни на Ацо Шопов која неодамна излезе од печат – Слеј се со тишината, ги прочитав песните и веќе ги имам на ум сите слабости кои сепак на оваа збирка не ѝ се туѓи и кои доколку тој што ги оценува е пристрастен (или субјективен во лоша смисла на зборот што донекаде сега кај нас е на мода) тој би можел да ги крене слабостите до проблем, привидно и повеќе оправдливо да биде објективен и сепак кога конечно работите ќе се постават во склопот на општото, на пообјективното (да се покаже наличието на работата), та ги имам на ум слабостите на збирката песни на Ацо Шопов и при тоа ми се наметнува заклучокот дека неговата поезија представува растеж секако во однос на она што било создадено до сега. Поради тој факт една информативна белешка каква што е оваа во прв ред треба да ги истакне квалитетите со оглед на тоа што песните од збирката Слеј се со тишината го заслужуваат вниманието и почитот на читачката публика.

Најновата збирка песни на Ацо Шопов ја сочинуваат три циклуса. Во првиот – Убавината – поетот пее за немирите и чувствата што ги наметнува убавината создадена од човека, убавината на уметноста и таа на природата; во циклусот – Песни за пријателот – предмет на уметничкото обликување се уочувањата на до изненадување чудната игра што ја игра животот со луѓето, разделбите, чувствата кон пријателот; и Минијатурите кои заземаат добар дел од збирката, претставуваат восприемање на познати поетски реквизити кои се помалу асоцијални и повеќе поетско обликување на нивната суштина, на нивната обичност и можеби токму по тој пат е постигнат убавиот успех.

На крајот ако воопштуваме говорејќи по однос на оваа збирка песни на Ацо Шопов тогаш треба да се истакне еден квалитет којшто е од прворазредно значење кога е во прашање неговата поезија. Имено, оваа поезија се одликува со длабока искреност која, треба да се истакне, не доаѓа до израз само сега и за прв пат туку која е одлика на поетот уште од почнувањето на неговото афирмирање и се одржува добро и ненаметливо како нишка околу која се плетат и се градат нови квалитети.

___________________
* Текстот е објавен под наслов „Ацо Шопов: Слеј се со тишината – Кочо Рацин” во Млад борец, бр. 5, Скопје, 1956, стр. 9.