Ацо Шопов: Избор*

Јован Павловски

Во предговорот на овој избор од поезијата на Ацо Шопов, Георги Старделов, давајќи една општа оценка за поетското присуство на Шопов во современата македонска литература, меѓу другото, вели:

„Она што е залог, чинам најбитното за поетското искуство на Ацо Шопов, она што во нашата поетска ситуација сместува него меѓу ретките поетски духови, тоа е неговиот етички однос спрема својата поезија, кој, потраво, произлегува од неговиот етички однос кон своето лично животно дело. Да се остане секогаш свој, да се биде секогаш на изворот на себе, и покрај сите артистички и стилски денешни луњи, да се верува дека поезијата може да отстојува без вештината, но не и без моралот, тоа значи да се афирмира токму овој етички постулат на поезијата со кој таа станува неразделен дел не само на животот, туку и на живеењето“.

Во Изборот се поместени повеќе од шеесет песни главно од последите четири збирки поезија што Ацо Шопов ги објави од 1955 година па наваму: Слеј се со тишината, Beтрот носи убаво време, Небиднина и Раѓање на зборот. Ако треба да се стави забелешка на Изборот, тогаш тоа би се однесувало токму на ова пренебрегнување на раното поетско творештво на Шопов, во овој најнов избор застапено само со песната „Очи“. Доколку повеќе што некои песни од стихозбирките Песни, Пруга на младоста, На Грамос, Со наши раце и Стихови за маката и радоста не само што со својот квалитет заслужуваат да бидат поместени во еден ваков избор, туку тие имаат едно сериозно историско-литературно значене, зашто влегуваат во темелите на современата македонска поезиja.
__________________
* Овој осврт кон Изборот од поезијата на Шопов во редакција на Георги Старделов, Македонска книга, 1968 , е потпишан со иницијалите Ј.П. и е објавен во Нова Македонија, на 14.01.1969.