Размислувања за поезијата денес и кај нас*

Бранко Заревски

[…]

Засега, состојбата во поезијата кај нас се карактеризира со доста брз преод во, кај нас таканаречената, интимна лирика, која овие денови го достигна својот врв со Стиховите за маката и радоста од Ацо Шопов. Во врска со таа појава, постои кај нас едно мислење, дури и недоискажан страв од латентна опасност за запаѓање во некаква декаденција. Не може да се одрече дека елементи, што ги потхрануваат тие сомненија, има во најновите поетски остварувања, посебно кај Славко Јаневски и Ацо Шопов. Но, исто така е несомнено дека тие елементи не се кријат во интимната лирска поезија и во тагата или радоста на поетот.

Пред сѐ, месецот не е торта, а поетите не се слаткари, и секогаш ќе има стихови за месечината и за љубовта на месечините ноќи. Потребно е „превоспитување на луѓето до последен инстикт“, па да се очекува нешто, и тогаш не многу друго. Потем не е проблемот во мотивот и постоечкиот реквизит, а во потходот, интелектуално-емоционалните преокупации. Никој не може да одрече дека инитмниот живот зафаќа добар дел од човекот како општествено суштество, дека има луѓе што се радуваат, и дека истите тие луѓе понекогаш тагуваат. И никој не може да му го одземе на поетот тоа право, да пее за она што живее во луѓето, што прави составен дел од нив самите, а најмалку може да го двои интимниот живот од општествениот. Можеби е правилна тезата дека интимната лирика, интимните доживувања на поетот не го интересираат општеството, односно „уште не е време“ да го интересираат, и дека: кого го интересира моменталното настроение на поетот? Ми се чини, сепак, дека работата не е во тоа. Ако Србо Ивановски пишува:

Ми пишуваш често за сликата стара
што висела дома на голиот ѕид.
Ти од неа син ти да прозбори бараш
да израсне в неа неговиот лик.
Да насмее образ селанчето мало
што чувало стадо крај селскиот пат.
Ех,  младини многу, забравата збрала,
нов човек е син ти во родниот кат.
Не пишувај веќе за сликата стара,
откачи ја, мајко, од голиот ѕид.
Во новиот живот ти мене ме барај,
тој мајко, ми пленил и душа и лик.
(„На мајка ми“)

или, ако Гане Тодоровски во песната „Од дневникот“ пишува:

Вишна – усни и отпуштен прцел,
поглед свенлив што чезне и молчи.
Тоа ти си во моето срце,
ти се криеш во моите очи.

тоа е навистина интимна лирика, но тие емоционални движења кој не ги почувствувал од нас, и кој е тој млад човек што не ги чувствува?

На крајот, интимниот живот на човекот е одреден со неговиот општествен став и чувство, и во тоа, да се пее за него, нема ништо лошо, а во условите на социјализмот тука се кријат извори на нови поттици.

Не е декаденција, ако човекот понекогаш тагува. Инаку, кој ќе одрече, дека и радоста може да биде малограѓанска? Сосема друго прашање е каде се и кои се корените на тоа тагување. Ако тоа тагување доаѓа од есениновското неразбирање „каде нѐ води судбината на настаните“, од судрувањето со стварноста и разочарувањето во неа − од нихилистичко одречување на таа стварност, од чувство на изневерени општествени идеали и сопствена животна промашеност, тогаш со стопостотна точност може да се дијагнозира заразеност со бакцилот на декаденцијата. А до тоа може да дојде и ако поетот ги прекине живите врски со стварноста, ако се оддалеи од неа, ако престане да го разбира одот и смислата на општествениот развиток и ако се отуѓи од него. Но, има лажна декаденција поради едно примитивно помодарство, што значи и поради извесна немоќ да се најде соодветен израз за доживувањето. А, тоа го има кај нас. Но, безначајно малку. Фрагментарно. И ако на тоа треба да се укаже, не значи дека треба да се свири тревога. Тоа понекогаш доаѓа и од несреќното поведување по странските урнеци, кај нас посебно по Есенин, не водејќи сметка за тоа до која граница влијанието од страна е конструктивно, и за невозможноста од пресадување на содржина и форма, родени во други услови и на друга почва, во наши услови и наша почва. Тука нема разочарување, а мода. Таква поезија на разочарување претставува вистинска декаденција на еден внатрешно-разјадувачки песимизам, исто онака како што е декаденција и поезијата на советскиот оптимизам по порачка, без вистински врски, и во расчекор со стварноста. Појавите на декаденција како што е инфантилното бегање во детството, повлечување од животните матици, на места во последната збирка на Ацо Шопов, се манир и поведување по моментално настроение, инспирирано од туѓи извори, бидејќи немаат никаква опора во некаква општествена рамнодушност на авторот. Второ, нема објективни услови за таквите појави кај нас, и скиселено е виното од декаденските карти − за нашите вкусови. Затоа и така неуверливо и некнижевно звучат стиховите:

Мома била со плетенки сини…
сега влажна земја ќе и тежи,
Зошто така мене ми се чини
мојта пролет во кола да лежи!
(„Есен“)

Всушност, колку е поезијата од првите повоени години израз на своето време, толку е и оваа, интимната лирика. И колку е едната еднострана, толку е и другата. Остануваат уште широки пространства, домените на цвеќето на убавото во нашиот живот, што треба да бидат посетени од нашиот поет и опеани реалистички верно и длабоко, интимно топлпо и општествено стварно, и со јазик заеднички за нашите луѓе. Несомнено, пред нашата поезија стојат убавите денови на чувствата на човекот, воспитан во социјализмот, на личноста ослободена во колективот, со решавачко чувство дека е едно со заедницата.

Да се бара повеќе денеска, тоа би значело да се бара подиставување на времето за неколку копја напред, или − да се бара силен уметнички индивидуум, талент, што се граничи со генијалност.

Ние можеме да бидеме задоволни со перспективите на нашата поезија, чии создавачи денеска пеат:

Јас би сакал отклик див
на бурите да им станам,
и да бидам нежен здив
на нежната зора рана.
(Некој пее на сет глас…)

[…]

_________________
* Инсерт од напис објавен во Разгледи, бр. 1, 1953