Eден повод и една причина

Бранко Заревски

Веднаш: навремено, добро и полезно. И многустрано оправдано: што реномираната скопска издавачка куќа Кочо Рацин во свое издание објави избор на поетски творби од југословенски автори — антологијата Југословенска револуционерна поезија.

Навремено, зашто овој компримиран израз на револуционерната југословенска поезија го доживува своето публикување во јубилејната 59-та година, кога југословенските народи ја прославуваат Четириесетгодишнината од јуначката борба на пролетерската авангарда — Комунистичката партија на Југославија. А таа, револуционерната југословенска поезија, е крв од крвта на револуционерната борба на работниот народ на Југославија, под раководство на Партијата, за слобода, благосостојба и човечки односи меѓу луѓето.

Добро, зашто со оваа збирка барем малку ѝ се оддолжуваме на таа поезија, што во деновите на караѓорѓевиќевското мракобесие беше тврд збор на протест против гнетот и експлоатацијата; што во деновите на четиригодишната Ослободителна војна беше развиорено знаме на востаничките чети партизански и сенародната борба за уништување на поробувачките окупаторски кохорти, за ослободување на земјата и остварување на највисоките народни идеали; што во повоените години на сенародниот подем во обновата и изградбата на социјализмот беше и остана поетска исповест на милионите, кои завојуваа нов и посреќен живот, и право на иднина.

Полезно, зашто во овие пресвртни времиња на поместување на сфаќањата, и вредностите и осмислувањата во поезијата, и литературата, и уметноста воопшто, што е сосема природно, и нормално и општественоисториски, закономерно — таа поезија, во своите избрани остварувања, доаѓа како поука, да покаже, и да укаже, како рафинираниот поетски индивидуум, врз вибрантните струни на своите внатрешни, и творечки, пренапнатости, ги одгласува зарубиконските чекорења на своето време. На начин кој, над сѐ, е уметнички.

А нема нужда двојно да се подвлечува фактот, дека главадигнатите строфи на таа поезија уште долго и долго ќе бидат живи извори на револуционерниот ентузијазам, што со пенливото вино на поетскиот збор ќе ги хранат младите срца на генерациите што доаѓаат.

Можеби не е умен критериумот на составувачите на антологијата (Мак Диздар — за српско-хрватската и словенечка поезија, Ацо Шопов — за македонската поезија) за извесни помали и поголеми забелешки. Можеби Копарец, или некој друг, не требаше да биде изоставен, можеби Крлежа, или некој друг, требаше да биде застапен со поинаков или поширок избор. Можеби има диспропорција во застапеноста на пооделните автори, според нивното значење во времето и поезијата. Иако антологичарите поаѓаат од претпоставката дека нема добри поети а добри песни, обично се случува, и тоа е правило, добри песни најлесно да се наоѓаат кај добрите поети. Но, чинам, таквите забелешки од секундарно значење, со присенка на една банална педантност, не можат да отстојат пред предностите што оваа антологија ги носи со себе и во себе. Над сѐ, што таа, во пресек, го носи вистинскиот здив на оригиналната поетска инспирација и ги открива највисоките вредности на определената поетска епопеја. А тоа значи: дека во широкиот лирско-епски размер го раскрилува оној револуционерен патос, што беше и останува врвна вистина за животот. За движењето што животот го менува. За човекот, што го носи движењето. Па така антологијата израснува до откровение на длабоко хуманата внатрешна смисла на таа поезија, што игра улога на плакат, и повик, и парола, но што остана она што беше — уметност. Зашто човекот, и неговите преокупации, и тежнења, и вкоренувања во времето и од времето, неговите немири, доживувања и состојби на неговиот сон за убавото, се најсуштествената сушност на оваа поезија. Па станувало збор за апокалиптичките пророштва на тврдо гороломниот Крлежа, или за чудесниот ширококултурниот амалгам на исконската Давичова натура, израсната меѓу шумите, меѓу сливите на својата родноземна питомина, за мермерната класика на Горановата поезија, или за митски извишената визија на стихот кој Конески за она што „Судбински нешто се вплело за века – од двете, нишки, два созвучни збора…“

А сето тоа е посебна заслуга на составувачите на оваа антологија, што ќе си го најде своето место во репрезентативните југословенски изданија.

Исто онака, како што е и нивна заслуга, што токму со оваа антологија даваат нов, и значаен обид, кон осознавањето на природата и развојните посоки на поезијата денес.

Зашто, овој избор на поетски творби еклатантно покажува како може, и единствено може, уметничкото творештво да ги изразува големите пресвртни барања на својата епоха, без да им плаќа данок на примитивистичките тенденции за негово впрегање во јаремот на дневната акциона програма на една политика. Па ако таа пеозија е револуционерна зашто ги одразува револуционерните стремежи на општествените збиднувања во својата епоха, таа е револуционерна зашто мерката на сите нејзини вредности е човекот. А човекот е мерка на сите вредности на секоја вистинска поезија. Па секоја вистинска поезија е револуционерна. Зашто го искажува човекот како една перманентна револуционерна подвижност во постојан конфликт со отпорите за неговото потврдување во сопствениот човечки интегритет, во дадените историски и општествени услови. Дотолку повеќе, кога станува збор за социјалистички општествени услови. А од Есхиловиот Прометеј, преку прекрасната поема за Тристановата љубов до моралните и психичките спирали на поетските испитувања на големата смисла во поезијата на Васко Попа, да речеме, води една непрекидна верига на човековото тежнење кон ослободувањето на личноста, според одредените општествени, и секакви надградбени, околности.

Па сакам да кажам, дека патиштата на современото поетско доживување не водат преку капитулантските изразни еквилибристики, доведувани и до апсурд, на една бесперспективна идеологија за слободата на личноста, што во дадените општествено-историски услови станала идеологија на „истакнати фабриканти на преѓа, на фабриканти на колбаси наголемо и влијателни трговци со џилја“, ниту преку тивките заливи на едно демодирано и преживеано, банало и секако безначајно многу воспевување на мали светови, ништожни светови излуждени од главните текови на времето, што се обидуваат да се затскријат зад шпанските ѕидови на растегливо интерпретираниот реализам. А преку јазелните конфликти на човековата личност кон отпорите што заостануваат од времето, преку оние преокупации што значат разградување отпорите за новата градба на ослободениот човек.

______________________
* Текстот е објавен во Нова Македонија, бр. 4699, Скопје, 13.09.1959, стр. 8., под наслов Eден повод и една причина: Југословенска револуционерна поезија, Кочо Рацин, Скопје, 1959. Потпишан е со иницијалите Б. З.