Пофалба на жената и татковината*

Ефтим Клетников, македонски писател, во 1976 год.

Ефтим Клетников, македонски писател, во 1976 год.

Ефтим Клетников
1.

Ацо Шопов е од оној вид инвентивни поети, кои од книга во книга со необична леснотија и складност успеваат успешно да пронаоѓаат нови инспиративно-тематски и изразно-стилски кругови за својата песна, а притоа да не го изневерат основниот, внатрешен ритам на сопствената вокација по која ги препознаваме. Оттука и привидот кој сѐ уште замамува кога станува збор за него, дека е тоа поезија со типично романтичарска спонтаност, иако е јасно дека во двете претходни книги на пример (Небиднина и Гледач во пепелта) Шопов ја градеше песната на ниво на прецизна и во многу ирационална поетска концепција, во која медитацијата зазема ненаметливо и скрито, но силно место. Во нив таа не го нарушува емоционалниот набој грижливо вграден во класичната архитектура на стиховите. Очигледно е дека токму врз примерот на овие две книги, како и врз примерот на оваа последнава, може да се согледа најубаво мајсторството на мудро и спонтано ракување со зборот кај овој поет, при што истиот е сведен до мерка на ирационална суптилност, во стилот на една убава метафоричка размисла на Вознесенски: „Да се создава дело од зборови е исто како да се градат ѕидови од живи, растреперени птици, од птичји јата.“

2.

Но, пред нас е најновата книга на Шопов Песна на црната жена, која што претставува уште еден доказ за виталноста и свежеста на неговата пирска енергија. Мала по опфат, оваа книга е пишувана со ретко вжapена надахнетост, со една егзотична но хармонизирана инспиративност. Некои наши критичари како да побрзаа таа инспиративност, смислата и пораките во песните да ги сведат речиси исклучиво врз родољубива доминанта на асоцијациите, што е во основа погрешно. Навистина и самиот Шопов по еден повод (интервју во Око бр.123, Загреб 1976) вели: „Промената на животната ситуација (поетот книгата ја пишуваше во Сенегал – Африка, каде беше во служба на амбасадор на СФРЈ – Е.К.) не создава нов поет. Тоа е стариот поет; тоа сум јас врзан со тие видливи и невидливи нишки за Македонија, својот народ и јазикот, за неговата судбина. Тој вид е мојот патротизам, ангажиран а не декларативен, паролашки.“

Но, не е ли вистина дека песната со густината на своите значења и поттекстот почесто им се отима и на објаснувањата на самиот нејзин создавач. Точно е дека татковината во Песна на црната жена на еден или на друг начин претставува симболски лајтмотив, но не смееме тоа да го земеме за константа, бидејќи така можеме да ги потиснеме во заден план останатите семантички вредности на песните во неа. Ако сакаме сепак да поедноставуваме, ќе заклучиме дека географскиот егзотизам од кој тргнуваат песните, претставува појдовна точка, агенс за поетовите сублимации и проекции на асоцијациите сведени на два основни симболски плана: жената и татковината. Целокупниот симболски корпус во книгата на некој начин е во служба на овие два плана. Но, треба ли поради тоа да ги превидиме останатите семантички зрачења на симболите и сликите, да ја превидиме егзотичната атмосфера и паганската енергија на забавено но контрапунктски ритмизираните стихови?

3.

Песна на црната жена е поезија на отворени и широки вокали. Разлеана во долг бел стих таа тече прилично спокојно и густо, но тоа спокојство го нарушуваат одвреме навреме егзотичните поетски слики и симболи кои во себе под кората на стихот, не ретко содржат еруптивна, хтонска енергија. Нивната еруптивност избива на показ уште во првиот циклус. Четирите песни во него претставуваат само поодделни партитури на складна химна испеана како пофалба на жената и флората. Но, таа пофалба не е во согласје со девствените асоцијации што ги зрачи познатата слика на Рембрант, на која жената и цвеќето ги проткајува прозрачноста и спокојството. Наместо аполониското спокојство во Песна на црната жена ја сретнуваме дионизиската распојасеност на емоциите, адекватна на панеротското чувство на космосот. Во таа смисла во оваа стихозбирка е проектирано и женското тело низ асоцијации од отворен тип. Тоа е целото ритмичко, во игра, доведено во ритуална врска со природата. Во песната на пример „Жена во ивернажот“ конкретно истото е поврзано со дождот, кој ја асоцира сеопштата плодност. Уште во првите стихови на оваа стихозбирка на Шопов како да присуствуваме на повторното создавање на светот од хаосот, на неговото доведување во состојба на хармонија, при што подеднакво учествуваат и баобабот, и фламбоајаните, и дождот и океанот. Нивното огласување, наедно, симболички го сугерира појавувањето на женското тело.

Првиот циклус почнува со песната „Баобаб“, која е пофалба на големиот симбол на дрвото, со кој и Рајнер Марија Рилке, низ патетичниот извик-стих: „Се крена дрво. О на чистото надминување зов!“, ги почнува прочуените Орфејски сонети. Баобаот за Шопов е сублимен симбол на животот, мртвите и татковината. Но таков, тој е цврсто вкоренат во почвата на љубовното чувство и е доведен во врска со жената како осмислителка на светот. Нејзината магија ги подигнува високо над сушата соковите на вегетацијата, а со тоа и соковите на крвта и емоциите во нас:

Сонцето паѓа во утробата на земјата.
Земјата е сонце, сонцето е земја, сѐ ќе изгори од жед.
Само баобабот огромен им пркоси на горештините
смирен во молитва за дожд.

А дождовите ги нема.
Чиниш сега ќе се струполи, сушата во последниот дамар му чука.
Но наеднаш тој се исправа,
од корен се стресува.
Магијата на жената во модро против природата го разбеснува.

Од своите сокови почнува да смука
и додека погледот му се разбиструва
разлистува, разлистува…
Зелен плач и молитва за дожд.
А дождовите ги нема,
Сето село го опколува не може да го опколи.
Дрво на животот. Храм на мртвите. Татковина.

Она што паѓа в очи во овие стихови е дека жената во нив, со спиритуалниот епитет црна, е проектирана како на чисто хедонистички, така и на митски план. На овој вториот таа се јавува како жена-демон, како еден вид супституција на матријархалната жена. Таквата нејзина двојна проекција е карактеристична и за останатите песни на оваа стихозбирка на Шопов. Тука е најпрвин пофалбата на телото што е: црна маслина, најтемна бронза, најдлабок звук, неуморен ритам и крвотек на океанот, а потоа стравот што извира како демонска сенка од таа убавина, па оттука и темниот тон во кликот на поетот:

Исплашен и страшен
стојам под небото на твоето тело
од твоите црни магии вџашен.

Но, таквиот страв содржи во себе истовремено и соблазнителен хедонистички мазохизам:

Луно, црна луно,
од твоите магии вџашен
немам збор да ти противречи
немам сила да ти се спротивстави.

Луно, црна буно,
незарасната, неизлечена рано,
неусетно паѓам и тонам во твојот сон
како афричко сонце во океанот.

Низ ваквиот вид хедонистички егзотизам Шопов ќе ја слави црната жена и последни песни на стихозбирката: „Песна на сињарката“, „Молитва за сињарката – моја наречница“, во кои ја довикува и ваја од жешкиот звук на там-тамот набиен со ритамот на паганската африканска крв. Песната и играта на сињарките тука имаат волшебна моќ. Убавината на сињарката „ја осмислува пловноста на реките и ги припитомува водите на океанот“. Но, демонската енергија што ја зрачи таа убавина е присутна и тука, па на сињарката „грлото ѝ се довикува со вијот на океанот и со сахарските песочни ветрови“, а од очите ѝ „шиба мрак и светлина и темнина се распостила како црно тесто“. Во така кобниот пресек на егзотични и демонски асоцијации поетовата галија „попусто го бара своето несудено место“ кај црната жена, како кај наречница што ја моли да му ги отклучи „портите на ноќните патувања“, низ кои по патеките на љубовта само уште еднаш ќе се стигне до родината. Извикот е произнесен и со тон на клетва :

Отклучи ги портите на ноќните патувања на поетот
да му се валка главата низ зелените треви на светот
зашто само така и татковината ко ѕвезда ќе ја краси.
Отклучи ги тие порти, излечи ме, или – проклета да си!

4.

Поетовата визија за татковината меѓутоа поконцентрирано и низ халуцинациска евокација на роднокрајни симболи и слики е содржана во песните од циклусот „Загледан во океанот“, меѓу кои средишна во таа смисла е песната „Настан на езерскиот брег“. Во неа тој низ бајколика форма, преку симболот на крилестиот коњ и неговото слетување на родното езеро за да побара лековита вода, ги изразува ставот и пораката за љубовта кон татковината. Подлабоката смисла на таа порака е спознанието дека вистинското откривање на татковината води кон откривање на светот. Меѓутоа ако интензитетот на чувствата и волуменот на пораката во оваа песна се постигнати преку библиско-параболички навеви на асоцијациите, како во чудесата на светците, во песната „Те спомнам ли“ отсуствува таков послоевит симболски говор. Таа е создадена врз тонот на реторичка тажаленка, во која стиховите се преполни со дирекна патетика, што не е случај со ниедна друга песна во книгата:

Татковино, песно недопеана, песно неспокојна,
иста низ вековите, низ булуците
како за дедовците така и за внуците –
крвта и нас ќе не спаси!

Останува сепак впечатокот дека најубавите стихови за татковината запишани во Песна на црната жена се стиховите во песните за сињарката, во кои нејзиното опевање не е цел за себе, туку е во постојано преплетување со нови значења и аналогии. За илустрација ќе ги цитираме стиховите од песната „Во очите на сињарките“:

Звукот на там-тамот да ме пренесува преку реките Гамбија и Конго,
а горе преку Нигер до земјата на Догоните,
младите сињарки со песна да ме успиваат
и успан да ја сонувам младоста непоминлива.
Во сините очи на синоликите сињарки
да изгрева синилото на мојата татковина.
(…)
А кога там-тамот ќе го домами ивернажот
песната на дождовите да биде песна на сеопшто раѓање.
А јас – бигор искачен на Куќата на робовите
и замаен од вишините,
да се нурнам со таа песна и да исчезнам во убавината

Така доаѓаме до прашањето што го засегнавме во почетокот на овој текст: зошто родољубивата компонента да се зема како доминанта на оваа стихозбирка на Ацо Шопов, нешто што води само кон поедноставување и осиромашување на сугестиите и лирското доживување што го нуди истата? Егзотизмот, просторот и растојанијата што ја покренале оваа поезија на повисоко симболско ниво, претставуваат сублимно откривање на жената, татковината и светот истовремено како нераскинливо тројство. Под поетовата имагинативна оптика растојанието постојано варира од екстензивен во сублимен облик и обратно. Во еден миг тоа егзотична Африка со баобабите, фламбоајаните, там-тамите и океанот, а во друг интензивната точка сите тие големи линии во точката на препознаената љубов кон жената, татковината и светот. И само така, низ таквиот магичен паралелизам Штип и Жоал се истовремено и далечни и блиски; далечни според фактот на физичкото растојание, а блиски според универзалната визија на поетовата интима:

Колку е голем светот!
Еден под Исарот,
друг на Океанот.
Два света, две борилишта,
две различни светилишта.

А минува караванот…

Колку е светот мал!

Штип и Жоал,
Еден под Исарот,
друг на океанот
А исти љубови,
исти бранувања
и исти поетски маки и сонувања.

Два града мали и речиси безимени
А обата со иста љубов збратимени.

Поетската порака на Шопов е јасна: човекот е мерка на сѐ. Таквиот антропоцентричен став, низ импресивни слики, во монументална фреска тој го развива во песната „Загледан во океанот“. Таа е исткаена од евокацијата на осамен човек покрај водата. Евокацијата ја покренува ненадејната мисла на претците, која потоа симболички се преобразува во вокација на нашата крв и крвта на идните поколенија. Од темните длабочини на океанот, од огромното црно Ништо „изронуваат сите дамна испловени галии,/ сите младичи и девојки одведени или потопени пред многу векови,/ и полека, но сигурно веслата и се приближуваат кон брегот/ чија граница не се наѕира во мракот“. На тој начин е потисната и анимистичката праслика на стравот содржана во магиската, деструктивна моќ на природата, па првично поставената теза: „океанот е огромен а човекот мал“ се разрешува во нејзината позитивна антиподна варијанта: „човекот е голем, океанот мал“. По истиот принцип и куќата на робовите во истоимената песна, од страдалиште во минатото се преобразува во „раскошен дворец и борилиште/ низ кое достоинствено чекорaт некогашните робови/ облечени како принцовите од Мали/ се борат за срцето на своите избрани сињарки.“

Има во ваквата поетска визија еден широк универзален замав на љубовта, една пантеистичка отвореност на чувствата кон огромните простори на светот. Така на пример симболскиот крилест коњ од песната „Настан на езерскиот брег“ што, ја бара лековитата вода на родниот брег, во поширок контекст на асоцијациите покрај татковинската ја инкарнира и љубовта кон целиот свет истовремено, кон сите раси и народи. Тој Пегаз со „ѕвездена светлина во очите“ е уште и „со сибирско иње во ноздрите“ и „сахарска песочна прав во гривата“. На рамниште на таквата сублимација на поетската визија, импресивно, набиено со густ псалмоспевен ритам звучат и стиховите од песната „Тука ме донесе моето привидение“, првата од поемата „Светлината на Робовите“:

Оставете ме тука добри мои црни пријатели
и да го барав немаше да го пронајдам ова место
што го открив случајно.
Тука ме доведе мојата исконска страст
за трагање низ мрачните но неизбежни свиоци на историјата
мојата вечна жед за изворите на сеопштото потекло
и гладта моја за невеселата младост на човештвото.
Тука ме донесе мојот прародителски инстикт
и неговиот непогрешлив инстикт дека сѐ е исто
иако е скриено во различни шуми и растенија
без разлика како и да се викаат: баобаб – даб или бреза.

5.

Така смислата и пораките, поетските слики и симболите во Песна на црната жена на Шопов се повеќеслојни, проектирани низ силни и, на ниво на сензациите, низ опредметени сетилни чувства кон жената, татковината и егзотизмот на африканскиот простор. Определувајќи се истите да ги слави и воспева како сакрални, каква што е всушност и целокупната негова поезија, Шопов широкиот замав на стихот ќе го набие со химнична енергија, со звук на светлина и девствено чувство. Необично свежа, со навев на акорди од Сенгоровата поезија, која тој ја препеваше на македонски, оваа книга го донесува на показ неговото ново и плодотворно поетско искуство.

_____________________

* Текстот е објавен во Стремеж, 1977, XXI, 1, Прилеп, стр. 64-71, и во Орион, Скопје, Наша книга, 1985, стр. 172-180.