Жената борец во поезијата на Ацо Шопов*

Тоде – Мали Саздовски

Жената борец е честа тема во литературата на разни народи и во разни раздобја. И во македонските народни песни од минатото се среќаваат жени комитки и војводи (Сирма војвода, Јанка војвода и др.).

Народноослободителната борба со својата поставеност и организираност, и особено КПЈ уште пред војната се изборија за еманципација на жената и пружија можност за нејзино помасовно вклучување во сите пори на борбата и партискиот живот. Таа можност мнозинството жени ја искористија и се изборија за целосна рамноправност на сите полиња од животот.

Во текот на НОВ и Револуцијата жените со својата храброст како и со своите организациони и политички способности се докажаа, па некои од нив беа прогласени за народни херои, а многу влегоа и во народната и уметничката поезија (Елпида Караманди, Невена Георгиева-Дуња, Магдалена Антова и др.)

Во уметничкото творештво скоро и да нема автор што пишувал за НОВ а да не прикажал и некој женски лик.

Се определив за темата: „Жената-борец во поезијата на Ацо Шопов“ од повеќе причини. Ќе споменам само некои.

Едната од нив е што тој неодамна умре и физички го напушти овоземниот свет, оставајќи ни го светот на неговата поезија „која ќе трае сѐ дури трае јазикот на кој пееше Ацо Шопов… и на македонскиот јазик воопшто“.¹

Втората: „Што Ацо Шопов како поет на Револуцијата од 1941-та, како човек на непрекинлива човечка револуција“², беше и Карпошевец, соборец на легендарниот Карпош, па најубавите младешки денови ги помина талкајќи по нашата Козјак Планина, борејќи се заедно со нас и со пушка и со перо; И секако, тоа што Ацо Шопов тука ги напиша и тука ги објави своите први песни од борбата. Неговата прва збирка под наслов Песни што се појави 1944 година додека сѐ уште низ Македонија и низ Југославија грмеа топови и се водеа најтешките борби за слобода, излезе во издание на „Сремски НОМСМ − Куманово“, а печатена е во „штампарница Глигоријевски Куманово“³. Потоа што оваа збирка, како што вели Маневски дојде „На почетокот на новата македонска поезија“… и е „првата книга песни на слободниот збор“⁴

Третата, веројатно најсилна причина е тоа што Ацо Шопов има повеќе песни напишано за жената, а меѓу нив и најубавите во македонската поезија за жената борец во НОВ.

Скоро во половината од песните во опусот на Ацо Шопов е присутна жената. Ја среќаваме како жена-мајка на која и е упатено „Претсмртно писмо на еден партизан“, во повеќето пеења од поемата „На Грамос“, во песната „Во родната куќа…“ и други; потоа жената-мајка на неговиот син во песната „Не љуби ме“, „Во родната куќа…“ ја среќаваме како жена-сестра, како жена-убавица, љубовница, како жена маѓепсница и жена која со магија ги повикува боговите за дожд врз испуканата од суша афричка земја или жена како убавина која танцува на дождот („Жена во ивернажот“, „Во сонот на црната жена“), тука е и жената сопруга, па жената градителка во песните од збирката Пруга на младоста.

И додека во некои негови песни жената е чиста, нежна, кревка, незаштитена, во други таа е силна исправена пред животните проблеми и пред животот и се бори како тигрица за него.

Иако за жената-борец во НОВ и Народната Револуција Ацо нема напишано многу песни, дури тие можат да се изборјат на прсти, па сепак тие неколкуте не само што се најдоа скоро во сите антологии туку навлегоа длабоко во срцата и душите на луѓето од Македонија (и не само од Македонија) и живеат во нив како нивна општонародна своина.

Pаѓајќи се како поет во времето кога се раѓаше Револуцијата Ацо Шопов не можеше да ја одвојува поезијата од Револуцијата и обратно. Тие обете беа во него и се чини Револуцијата беше таа што го поттикна неговиот талент за да и се стави исцело со сите свои потенцијали нејзе во служба. Револуцијата беше општа, народна, родена врз вековните стремежи на македонскиот народ за слобода и правда, па можеби и од таму многу стихови во тоа време, како што оценува Георги Старделов: „…Ни изгледаат како да ги испеал самиот народ“⁵

Куршум ме, мајко погоди,
погоди – гради пронижа,
(„Претсмртно писмо на еден партизан“)

Но овие стихови ни покажуваат дека тие се надоврзуваат и на онаа неисцрпна поезија која низ векови пеела за борба за слобода и правда:

…Туку сум, мајко, загинал
за тиа златни слободи
за тиа свети правдини,
за кој ле мајко, гинеа
нашите славни дедои
нашите мили татковци
за кој ле, славно гинеме
и ниа – нивни синови!
(„Претсмртно писмо на еден партизан“)

Дека оваа нова Револуција се разликува од претходната, а Шопов како револуционер, длабоко сврзан со неа ги доживува нејзините корени и импулси, тој ќе ги истакне и нејзините други вредности карактеристични токму за оваа револуција, како што се братството и единството, па според тоа и татковината не е само Македонија туку сета Југославија:

Вчера една
бледна,
боса
Црнотравка
златокоса
на страшната висна греда.
Но не писна бујна мома,
не истина
жар во очи
пламен – думи срце слеа,
жал нѐ стопи нас по неа:
– Мајки!
– Сестри!
Родни мои!
Нека тага не ве пои!
Умирајќи за вас тука,
ко да мреам браќа дома…
Да живее нашта нова,
што во овој огин скова
и низ бури страшни мина –
заедничка татковина!
(„Една ноќ во офанзива“)

Како и многумина воени и непосредно, повоени автори-револуционери и Aцо Шопов, ставајќи ги своите песни во служба на Револуцијата повеќе води сметка за нивната „тема на денот“ отколку за нивната естетска вредност утре. И тој во прв ред песната ја создава „…како актуелна агитка што имаше и евидентно практични насушни задачи“.⁶ Тоа може да се согледа и во песната „Љубов“ објавена во неговата прва стихозбирка Песни. Тој таму од својата сакана бара:

Очи ти сакам, молња да режат,
кипнати гради огин да горат,
врели ти усни жар да се сторат,
под твојте раце
под твојта сила,
врагој да мрзнат
и да се ежат,
другарко моа другарко мила!

Понатаму тој јасно и гласно ќе рече:

Не за љубовни песни ти пеам,
не за вечери неиспани тлеам –
оваа песна за бунт ти збори,
во неа крвта моја гори!

Како што се гледа сѐ е подредено на борбата. Па и стихот овде како да излегува од рамките на нашето поетско наследство. И покрај тоа што Шопов и во оваа песна не се откажува од римата, како што впрочем со неа повремено ќе другарува до крајот на животот, тој овде стихот го потсилува со ритамот, со директната поетска реч

Сред тие бури,
в планини сури,
другарко моја, другарко мила,
прва да идеш,
прва да бидеш…

„Неговиот стих, како што ќе рече на едно место Старделов,: е пркосен, акционен, честопати директен во идејната порака, притоа секогаш револтиран,… против неправдата, злосторството, издајството, мракобесието.“⁷

Меѓутоа најубава песна за жената-борец на Ацо Шопов, па и во нашата, македонска поезија за НОВ беше и останува елегијата „Очи“. Во оваа песна која со баладичен тон пее за загинатата сакана другарка-партизанка⁸ како посебен симбол се истакнати нејзините „луњени очи широки и волни што ги расечуваат в ноќта здивените молњи“ и кои ги поткреваат истоштените, изморените и гладните борци да смогнат сили за нови јуриши. Тој поглед „срчен“ уште долго по војната ќе ги восхитува и возбудува генерациите, како ни приопштува во беседата на комеморативната седница на МАНУ одржана по повод смртта на Ацо Шопов, Матеја Матевски: „Неговите стихови од песните „Очи“ и „Љубов“, врз кои се восхитуваа и возбудуваа генерации, спаѓаат во ретките примери на изразување на револуционото и татковинско чувство во нашата поезија и продолжуваат да зрачат со својата пламена убавина. Тие ја овозможија и збогатија антологијата на македонската и југословенската лирика и станаа големо и трајно сведоштво за своето време и за можностите на својот јазик, кој во нив ги разгрануваше своите потиснувани и запретани вредности“.⁹

Воодушевен од тие „Очи што ригаа пламен и часкум ги растопуваа челичните зрна“, еден од најеминентните познавачи на поезијата на Ацо Шопов, професорот, доктор Георги Старделов ќе рече: „Оние, на пример, почетни навистина ненадминати драматски и херојски, патетични и трагични, слики истовремено, од „Очи“, една од најубавите песни што ја имаме во нашата поезија на тема НОБ:

Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ми капеше в срце,

го откриваат оној македонски непокор, оној револуционерен самопрегор, онаа величественост на смртта во борбата за афирмацијата на човековата слобода, за силната љубов над смртта, за семоќта на верувањето и надежта над очајот и скепсата. „Очи“ се несомнено една драма низ која се раѓала една огромна љубов низ една беспоштедна смрт.

Пишувајќи понатаму за вредностите на оваа песна Старделов вели:

„Таа се издигнува како неприкосновена вредност во чувствата на возвишеноста и трагичноста, што ги открива низ секој стих, низ секоја слика, што низ митски симболи ја сугерира големата визија на иднината, што успева една субјективна стварност да ја претвори во објективен национален симбол што ја поистоветува, како во секој мит, личната трагика, индивидуалната љубов со општонародната, што – во и низ индивидуалниот случај – ја открива големината и величието на општонародната борба“.¹⁰

Оценувајќи ја поезијата на Ацо Шопов еминентниот критичар Димитар Митрев за песните „Љубов“ и „Очи“ ќе рече: „Песната „Љубов“ е најавтентичниот показ и на таква љубов и на таква омраза. Со тоа двојбено чувство борците ќе јуришат од битка во битка сѐ до мигот на победата. И тешката разделба со загинатата во бојот блиска другарка ќе прерасне во повик за јуриш во нови борби и пак за докрајно уништување на фашистичките убијци на безбројни млади животи. Таков е лајтмотивот и на песната „Очи“, која спаѓа во бројот на нашите најдобри партизански песни.“¹¹

И на крајот да речеме уште само ова: иако малубројни, песните за жената борец на Ацо Шопов со силината на интимните лирски чувства и подигнатиот глас против неправдата, убивањето на љубовта и младоста создаваат таков револт што ги поткреваа борците, а ќе ги поткреваат и идните генерации да се борат против злото. Можеби во нив лежи и никулецот на неговите подоцнежни стихови: „Треба да бидеме подобри“.
______________

1) Георги Старделов: „Іn реrреtiam rei memoriam“, Современост бр. 4, год. 1982 стр. 4

2) Ибид.

3) Тоде-Мали Саздовски: „Првата книга на македонски јазик по ослободувањето е објавена во Куманово, − Современост бр. 10 год. 1982. − Прилог 3 копии: од корицата (стр. 1) и внатрешната страна на корицата (стр. 2) како и стр. 3 со која започнува текстот на збирката.

4) Душко Наневски: Црниот славеј − Антологија на македонската поезија стр. 10

5) Георги Старделов: „Поетското искуство на Ацо Шопов“, Меѓу литературата и животот стр. 321

6) Блаже Ристовски Беседа бр. 17-18. год. VIII, декември 1979 стр. 26.

7) Георги Старделов:„Поетското искуство на Ацо Шопов“, Меѓу литература и животот стр. 323.

8) Мотивот за оваа песна е земен од загинувањето на Вера Јоциќ, заменик комесар на батаљонот во III македонска ударна бригада подоцна прогласена за народен херој на Југославија.

9) Матеја Матевски: „Ацо Шопов 1923-1982“, Разгледи април 1982, год. XXIV бр. 4, стр. 217-218.

10) Георги Старделов: „Поетското искуство на Ацо Шопов“, Меѓу литературата и живот стр. 323

11) Димитар Митрев: „Реминисцентни навраќања кон мотивот на борбата против фашизмот“, Современост бр. 4-5 април – мај 1976 год. XXVI стр. 12.

_________________________
* Текстот е објавен во Беседа, 1985, год. XII, бр. 33-34, стр. 45-51