Епистоларниот поетски исказ на Ацо Шопов*

Васил Тоциновски, македонски писател и книжевен критичар

Васил Тоциновски

Зборувајќи за зборот и смислата, Ацо Шопов истакнува дека: „Песната не е само свест за егзистенцијата, таа е свест и за себеси, и поради тоа и се потврдува и остварува во непрекинат судир и со стварноста и со себеси. Со други зборови, таа е свест за непрекинато менуваната човечка стварност на сопственото суштество“. Личниот поетов исказ во разговорот со него во белградскиот весник Књижевне новине (бр. 371, 15 август 1970, стр. 12) ги тестаментира елементарните премиси на неговата експлицитна поетика.

Пишувајќи за совршеното единство на човекот и авторот Димитар Митрев има исклучиви ставови за „патот на овој поет“. Отфрлајќи ги „некакви два периода, за некакви две лирики“, заклучува: „Тој пат е единствен – пат на еден лиричар што е исконски верен на својата искреност. И засекогаш е неразвенчан со неа и со беспризивно интимно кажување на своите немири и немирни патувања“¹. Неповторливоста на поетскиот подвиг и неговите трајни естетски вредности се дополнуваат со исказот оти „Случајот со овој лиричар е случај на обнова на најтрајната вистина за траењето на вистинскиот лирски феномен: ако не ја кажеш вистината зе себе, не ќе ја кажеш ни за другите“².

„Поезијата за авторот е живот, тој однос ја има и возвратната мерка кога животот е поезија. За Ацо Шопов поезијата е еден од најприродните и најнепринудените начини на однесувањето на луѓето меѓу себе“, ќе запише Георги Старделов³. Задржувајќи се на прашањето за интимната лирика на Шопов, истакнува еден важен факт при разгледувањето и вреднувањето кој има непроменлива вредносна мерка. „Две децении во нашето рефлексивно естетичко и критичко искуство доминираат судовите според кои Ацо Шопов е сведен на ортодоксен лирски демијург, на екземпларен лирски мит, на неприкосновен исповедник и суверен срцепоец. Две децении доминираат судовите за неговата поезија низ кои, како во еден единствен глас, а сепак хорски, се вели дека тој е сонорен, кантиленски пејач и тагувач, па дека, според тоа, тој е синоним на таканаречената итнимна, лична, исповедна итн. лирика“⁴. И она што за нас е битно, на заклучокот на Старделов дека „целокупната негова поезија од фазата на интимната лирика има видлива автобиографска основа“⁵, би додале само дека автобиографската основа е битна подлога од неговата прва до последната песна.

Во севкупниот поетски исказ на Ацо Шопов стожерник е поетот, поетовата личност, односно лирскиот субјект, лирското јас. Човекот, животот и светот се откриваат и се толкуваат низ многу значајни егзистенцијални пластови, кои Катица Ќулавкова ги набројува: „лирски емотивно, страсно, молбено, епски хумано, тестаментално, занесно, реторички декларативно, епистоларно, убедително, дејствено-активистички…“⁶. Интимното и автобиографското се две магистрални димензии на инспиративен воспев. Магијата на зборот и на песната/пеењето се таинствени, многузначни, извор од кој потекуваат како единствена целина личното и општочовечко, универзално чувствување и изразување. Во извонредната монографија Поетиката на Ацо Шопов, Радомир Ивановиќ забележува: „’Поетскиот говор’ е собиралиште и сокровиште на филозофските и поетските идеи. По својата природа тој е дијалошки. Само со помош на дијалог може да се допре до суштината на говорот, зашто во природата на дијалогот е да се предизвикува ‘верига од реакции’ и мошне да го надмине бројот на референциите што творецот сака да ги оствари со него. Поетскиот говор при тоа не се сведува само на комуникација меѓу две еднакви, повеќе или помалку социјални групи, одделна национална групација која се служи со одреден јазик, туку и меѓу различни цивилизациски модели, настанати во различни времиња. Противставувајќи ѝ се на краткоста на човечкото траење на земјата, а со намера да го направи трајно своето остварување, поетот во јазикот гледа единствен досега ‘познат степен на вечно живиот човек’ (А. Вознесенски). Тоа е она што од поетскиот говор прави универзум за себе“⁷.

Писмото од еден до друг човек е дијалог. Поетскиот говор, како што забележува Ивановиќ, по својата природа е дијалошки. И додава дека токму и единствено со него, со дијалогот може да се допре до суштината на говорот кој потоа предизвикува бројни реакции. Епистоларниот поетски исказ како знак на препознавање и на идентификација на големиот поет Ацо Шопов, се обидовме наједноставно да го побараме од неговите стихови како творечки подвиг во неговата епистоларија како човечко и човечно однесување и изразување. Притоа на Светлана Шопова, љубовта и животниот сопатник на поетот, бескрајно ѝ благодариме за можноста да можеме да ја користиме нивната кореспонденција како единствена можност за остварување на една ваква замисла.

Епистоларното е клучен поетски потход во многу песни, посебно во циклус од песни на Шопов од кои ги издвојуваме: „Поетот и љубовта“, „Молитви на моето тело“, „Небиднина“, „Долго доаѓање на огнот“, „Црно сонце“, „Пак црно сонце“, „Те спомнам ли“ и „Дрво на ридот“. Во нив душата се отвора како школка за да ги искаже најскриените мисли и чувства, песната/писмо доаѓа како мелем за сите рани и долг дијалог во кој се има потреба што повеќе да се каже, да се побара спас и утеха, тајната мисла да се сподели со другиот отворено и искрено до корен. Или, како што со право ќе забележи Миодраг Друговац, оти многу стихови „се натопени со сентименталност што понекогаш се граничи, би се рекло, со приватност во тонот на соопштувањето“⁸. А постои ли поголема приватност од писмото!? Во едно писмо не се дорекле нештата, па песната од една, од првата песна, се продолжува во „Десетта молитва на моето тело“ и уште пост скриптумот „Последна молитва на моето тело“, петте пеења „Небиднина“, „Долго доаѓање на огнот“ осум песни, трите песни „Црно сонце“ итн. Принципот на епистоларност го забележуваме и низ песни кои се посветени на одредени личности, а што не е љубима практика на Шопов, посведочена со „Гроб крај патот“ на Вера Јанева, (и притоа како илустрација го земаме последниот, седмиот катрен: „Сал поетот неспокоен, тажен, што во ноќта ко сенка ќе скита,/ само тој со песна ќе ја каже/ твојата тага под земјата скрита“), „Првата средба на борецот“ за Богдан Велев, „Сефедин“, три пеења, песните за пријателот „Јас и мојот пријател“, „Ти не си секогаш таков“, „Пријателство“, „Кон пријателот“ и „Имам пријатели“, „Убавината“ со посвета на Л.[азар] Личеноски, циклусот „Старо купувам“ од четири песни посветени на „Купувачи на старо“, „Љубовта на огнот“ со посвета „На С. J.“, на Славко Јаневски, б.м., „Клошарска песна на поетот“ упатена на „Мојата сакана С.“ (Светлана Шопова, б.м.) и документирана дека е напишана во „Париз, февруари, 1978 год./ Болница Салпетриер“, трите песни „Езеро на животот“ и двете пеења „Во еден од центрите на Париз“, одглас од „Скопје, октомври 1977 год.“ Во овој корпус од стихови влегуваат и „Разговор со синот“, „Трепет“ и „Не љубиме“.

Од антологиската „Молитва за еден обичен но уште непронајден збор“ ја исчитуваме првата строфа:

Телото мое те моли:
Пронајди збор што личи на обично дрво
што личи на дланки јагленосани и прародителски голи,
што е како чедност во секое молење прво.
За таков збор телото мое те моли.

Сега внимателно исчитуваме дел од писмото на Ацо Шопов упатено до Светлана Шопова од Софија на 18 декември 1959 го дина. Во него стои:

… да легнам сосема спокоен со нашите соништа, со нашите убави малечки мечти, да ја подметнам својата лева рака под твојата глава и… ништо друго да не се случува. Жабац, тоа го правам и ако си толку далеку од мене. Ти си единствениот човек со кого имам врска во овој момент, сега. Мило мое бебе, Ацо те сака, те сака, те сака, те сака, те сака… Всушност не постои таков збор за она чувство што се раѓа во мене кога мислам на својот Жабац. Не постои таков збор, збор што личи на обично дрво, што личи на дланки јагленосани и прародителски голи….

Притоа и зар е воопшто битно дали првин била напишана песната, а потоа и писмото, уште помалку дали писмото ѝ претходело на песната**.

Во писмото до љубената, поетот меѓу другото, на денот кога:

Мојот сателит го слави денес својот 52 роденден. До пред половина час беше со мене – му реков дека обајцата го потпираме Св. Никола – тој е роден еден ден пред него, а јас еден ден подоцна. Сега сум сам и уште малку ќе си одам во хотелот. Го испратив до некаде и се вратив, не ми се спие, седам ужасно осамен и водам дијалози сам со себе. Си имала ли ситуација да водиш дијалози во себе? Ми се чини дека е тоа најстрашно. Немаш никого да му кажеш што чувствуваш, што мислиш.

Ете ја таа состојба во „Осма молитва на моето тело или кој ќе ја смисли таа љубов:

Под овој меч,
под овој меч на тишината,
под ова отворено небо,
овие трепетлики,
лежи ова в неврат издолжено тело,
со око стрела в око на вишините, з
емјата ја корне со чело,
Под овој меч,
под овој меч на тишината
кој ќе ја смисли таа непозната љубов,
тој збор што не постои во речникот
на секојдневните среби,
на секојдневните поздрави,
во очајот на оставените,
во мирот на погубените,
во гласот на вљубените.

[Додека во писмото, Шопов вели:]

Ноќта одминува бавно и глуво, часот е дваесет и три, но всушност сум преку цел ден сам, сосема сам. А од единаесет до дванаесет часот навечер и физички останувам сам. И тогаш започнуваат оние страшни дијалози во мене: зошто дојдов официјално кога сите официјални луѓе ми се така туѓи.

Се преточуваат мислите и чувствата во песна:

Издолжено в неврат лежи ова тело,
со око стрела в око на висините,
земјата ја корне со чело.
Земјо, ти веќе не си земја,
ти си грутка надеж,
црна од мака, од соништа зелена,
ти си око фрлено во вселена.
Кој ќе ја смисли таа непозната љубов –
пред ова будење
пред ова заспивање –
тоа чудо во чудо,
тоа завивање!

Сам со себе, поетот води дијалог не само преку пишување на писма, тоа е неговиот дијалог со саканата, туку соопштува оти:

Мислев да пишувам дневник. Ми се чини тоа би бил интересен документ за една навистина страшна трагедија: тука сме на два чекора што се вели, а каква бездна….

Во „Десетта молитва на моето тело“ исповедта го има почетокот: „Еве го тоа место, таа заробена убавина,/ таа чудесна смрт од сино и бело,/ од сино и бело во очите на ветрот,/ еве го тој непрокопсаник, тоа тело“. Ете го тоа место и таа свенлива убавина и пред мигот на сегашноста и пред сите времиња на минатото, а „пред твоето исконско темно неспокојство/ тие неизодливи нерамнини“. Содржани во страшната трагедија и онаа бескрајна „каква бездна“ од писмото. Таа стои немо и притаено над тој стивнат и непознат вител, третата строфа, и поетот бара да биде жуборлива и лековита пролет „ако би му била поведник и жител“. Следуваат нови пораки во завршната, четврта строфа. Нема потреба со прашања од древната љубопитност за тоа „дали е верен пленик на вистините“, та и човекот не е човек по тоа што ќе го каже, туку многу повеќе по тоа што ќе го осознае и премолчи. Во тој свечен миг, и уште повеќе тажен и болен миг/вечност едноставно крикнува „влези тивко и незабележно,/ влези во мудроста на годините“. Во писмото неговиот пишувач децидно го кажува денот на својот роден ден. Бездната како неисцелна рана се отвора и во почетниот катрен на „Последна молитва на моето тело“: „Црн е твојот ветар, а ноќта бела/ и секој дамар напнат од зрелина./ Застани како меч во овој дрворед од тела/ пред да се срушиш заслепено со белина“.

Поетот е вечен трагач по љубовта, убавината и добрината. Интимата на песната не ретко е реторички декларативна. Пораката „треба да бидеме подобри“ во истоимената песна се повторува осумпати од вкупниот број на дваесет и осумте стихови во кои безмалу во сите јасно е изговорена потрагата по подоброто. Еве дел од таквата реторика и во писмата на Шопов. Јавувањето од Софија, на 16 јули 1959 година, го завршува:

Како ти мине времето? Мислиш ли на Ацо? Тој многу, многу те сака и силно те гушка.

Од истиот град, се јавува на 18 декември таа година, и посакува:

… гушни ме и биди и вечерва со мене, мило, најмило, сакано, најсакано мое.

Или завршните редови од париското писмо од 28 август 1961 година,

Многу те сака, многу
Твој Ацо.

Во песната „Утре“ се воспева минливоста. Времињата, настаните и луѓето кои некогаш биле живот, и кои пак некогаш ќе бидат само пожолтени спомени и потоа стари фотографии кои ќе им напомнуваат за нас на идните поколенија. Третиот катрен прави резиме не сѐ што било и минало. „И заборав утре кога ќе ме скрие/ и сто сонца светнат над нас во висината – во моите очи еден зрак ќе бие,/ една жива струја и дах на вистината“. Човекот и поетот кој постојано трага и единствено се залага за вистината како етичка норма во нејзините универзални значења и димензии. Во писмото од Пловдив, 14 септември 1958 година, меѓу другото, пишува:

Само не знам што ќе правам овде до крајот на месецот… Мило, постојано мислам на тебе, еднаш ти реков колку многу те сакам и тоа е целата вистина: не можам да го замислам своето постоење без тебе.

Поентата во песната е содржана во последниот, завршен стих „една жива струја и дах на вистината“, а во писмото „многу те сакам и тоа е целата вистина“.

Љубовта е исто така човечки и поетски идеал. Возвишена и незаменлива, единствено таа гради и доградува, таму се творечките истражувања и посегања, сето друго или поинакви функции немаат вредност и смисла. Така и го започнува писмото од Париз, на 28 септември 1961 година:

Значи песната ти се допаѓа. Не знам да ти кажам колку сум радосен што успеав да ти пружам малку среќа и што си почувствувала дека она токму тебе ти припаѓа. Еве, те гледам право в очи и во нив, како и секогаш, откривам колку многу ме сакаш, колку многу се сакаме. Дај ми да те гушнам и бакнам за тоа, да ти кажам колку многу те чувствувам, колку многу тоа ми помага полесно да ми мине овој разделен живот

Сакаме да извлечеме и една карактеристика за поезијата на Шопов изречена како децидна оценка од Ќулавкова оти „гласовните фигури на Шопов се образуваат низ примена на повеќе постапки (повторувања, варирање, кратење, додавање, паралелизам)“⁹.

„Пишувам дека животот овде не ми е баш многу забавен“, па Шопов него го преточува и во песни. Во „Notre dame“ богохулно, грешно и бесрамно секоја вечер покрај Сена го поставува прашањето што би сторил кога величествената катедрала би била по некое чудо млада и убава жена? „Да си в Париз, да си така сам/ и самота така да те кине…/ Дал и она би сакал да знам,/ рамно душно мене ќе ме мине?“ О, кликнува, нема, зашто кога ќе се јави денот таа ќе го втаса крај мирната река и ќе побара да ја поведе со себе, зашто признава „столетија јас тебе те чекам“.

За таа возвратена љубов Светлана Шопова пишува во своето писмо од Скопје, 20 април 1960 година, кога штом го добила писмото седнала веднаш да одговори, и прво и секако најважно да му каже дека:

многу те сакам и дека непрестајно мислам на тебе… Веќе почнувам да ги бројам деновите и вторник ми се чини така далеку, мислам нема никогаш да дојде.

Сонот си е сон, пее поетот, „а животот други далги влече“. Нема препрека, нема сила која може да се испречи на доаѓањето пред целта. „И тргнувам без надеж, без моќ,/ Сена плиска под лотките леки…/ Барем да сум само една ноќ/ едно кубе на нејзините плеќи!“

Истите расположенија и поетски слики ги имаме и во песната „Верглата“. По булеварот Сент Жермен „верглата минува секој ден./ Старата позната песна здушено в неврат се слива./ Досадна сива магла, досадна песна сива“. Во писмото прочитавме оти „животот овде не ми е баш многу забавен“, а во песната поетот сред катадневието во градот на светлината и на убавината безмилосно чувствува „Досадна сива магла, досадна песна сива“. Раскошните симболи и метафори и овде се откриваат инспиративно со стариот сликар кој секојдневно е на булеварот, со непознатиот кој „снуждено седи дури го пречека зора“, бездомникот и уште друг непознат кој на сите им нуди да купат слики. За крај е совршената слика на молкот, здодевноста и штуроста: „облачен, матен, зимен ден./ Верглата мрмори глуво и глуво мрмори Сена./ Сликарот бавно стана и празен поглед кон Сена“.

Во многу песни Шопов опева повеќе поетички и естетски категории, како убавината, песната, небиднината, зборот, тишината. Сам и осамен, во париската тишина, на 28 септември 1961 година, читаме од неговото писмо:

Со твоето мислење за романот на К.**** наполно се согласувам. Впрочем, тоа сум ти го кажувал уште пред да го прочиташ. Штета, ако му се заврти сосема главата. Но, тоа нема да биде само негова вина, главната вина лежи во постојната лит(ературна) атмосфера, во немањето литературна смелост да се кажат отворено и чесно вистините.

Тишината, молкот се етички норми не само на препознавање, туку и на пресоздавање на човекот и на негово тестаментирање во еднаш и кратко дадениот живот. Мудроста и надареноста во сопствениот живот, за кој пее во „Промената“ се желба, животот да е „далеку од секое штуро помирување“. Од писмото, пораките сега ги извлекуваме од песната „Во тишина“.

Ако носиш нешто неизречено,
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина,
тишината сама ќе го рече.

Она раѓа исти наслутувања***,
тивко бодри и тивко нажалува,
и еднакви мисли, доживувања,
во срцето и умот распалува

Литературата непосредно извира и го одразува животот, но таа секогаш била и останува нешто повеќе од него. Во истото писмо нежниот татко пишува:

А што пак да ти кажам за заспаната боксерка! Ја гледам како замавнува со рачињата, како удира, како се лути кога не успева да удри таму каде што сака. Ја гледам и зажалувам што јас не сум на твое место, наместо на вујко ѝ, баба ѝ, дедо ѝ, тетка ѝ, што јас не сум на ваше место, мене да ме боксира, јас да ја осетам силината на нејзиниот удар. Единствено што ме теши е тоа дека кога ќе се вратам ќе биде уште поцврста, посилна, та и нејзиниот боксерски удар ќе биде потежок, така што сѐ ова што сега го губам ќе го надоместам наеднаш со неколку нејзини силни удари.

Претчувствувањата тивко бодрат и нажалуваат, и во умот и срцето распалуваат еднакви мисли и доживувања. Тие по единственоста, незаменливоста се изедначуваат со семејството и домашното огниште, со најблиските и најсаканите, и посебно со децата, тие млади и нежни фиданки, толку прекрасни и чувствителни израстоци од коренот на разгранетото дрво. Теми и мотиви во песните „Разговор со синот“, „Трепет“ и „Залажување“.

Протекува животот како жива вода, вековита и лековита. Мудрецот Ацо Шопов се потврдува и со овие поетски бисери. Во последната строфа на „Разговор со синот“ бара: „Птицо, лека, зошто в гнездо легаш?/ Покажи ми јата кај се збират! Не оставај сам да бидам сега/ да копнеам и да немам мира“. Во животот како радост и убавина батуваат и завршните стихови на ,,Трепет“: „Сега ноќ е и ти спиеш веќе,/ вон е ладно, врне, врне вон. /Дали така се ќе бидеш среќен,/ среќен како во детски сон?“ Во животот пишани се многу нешта како судбина, предодредени се, но човекот и не би бил човек ако не ги прифати и ако не се бори со/против нив. Приспивната песна „Залажување“ само навидум е залажување. Таа е повеќе опомена, предупреда оти она што било и минало, се збиднало и толку, но она што иде допрва ќе биде. Ноќта е пеперуга бела која слетала на макова вршка и се скрила. „Во маково цвете таа ноќ се вплела./ Не мисли ја ти. / Спи, сине, спи“. Новиот ден е и нов живот, нова битка за себе и за светот, за нивно пресоздавање. „Таа ноќ е, сине, коњче што се спрема/ да замине на пат неброени дни./ Сега сѐ е мирно. Сега ништо нема/ смири се и ти./ Спи“.

Пишувајќи за Ацо Шопов и за неговиот поетски растеж, Гане Тодоровски забележува дека тој е „потчинет строго на логиката на еден стамен континуитет преку кој проговорила најречито смислата за доследност кон врвниот белег на квалитетот на неговото творештво – исконската верност кон говорот на срцето, неговата сеоддаденост кон лирската вокација, неговата приврзаност кон искреноста. Интимата на Шопов секако познава гами и тоналитети низ кои се нијансираат артикулациите на смиреното кажување и подигнатиот глас, спокојната медитација и нежната размиленост, болежливиот крик и жолчниот протест, мисловната резонанса и тревожниот трепет. Меѓутоа, сето тоа е потчинето на една внатрешна законитост на неговото пеење и мислење, законитост во која никој не ќе може да открие рески свиоци на содржинските текови, ненадејни пресврти во стилот и начинот на кажувањето, неочекувани авантури низ светот на угледувањето. Кај него сѐ е преземено од несекливата изворна инспирација – говорот на срцето. Кај него сѐ е потпрено врз докажливиот пример на сопственото животно искуство. Кај него се пулсира низ животекот на личната вистина“¹⁰.

Интимата на песната на Ацо Шопов ја изразува и ја одразува постојано и единствено внатрешната перспектива. Тоа го прави постојано и доследно на свој сопствен, препознатлив начин како прекрасно рамновесие на субјективното, од една, со универзалното, од друга страна, и константата во творечкиот предизвик за трајни естетски вредности. За поетот се сосема доволни и само неколку стихови во кои фреската на срцето ги има сите димензии и значења, тоа ќе рече и со малку зборови неговата мисла ги освојува неограничените пространства на значење и зрачење што најубаво го илустрираат минијатурите на Шопов.

Епистоларното го земаме како поттекст, како непресушен извор на мислење и пеење од првите младешки, ученички стихови до последните песни/писма со тешката болест залегнат в постела и јасното насетување, очекување на неминовната смрт. Магичната моќ на таквиот исказ се разгласува во младешките и бујни години и немирните воени времиња во епистоларијата на песните „Очи“ и „Љубов“ со многу ветувања, копнежи и соништа за иднината и децении потоа од стежнати и болни години, денови во кои се помалку човекот може да ветува и да исполнува, да им верува на нештата, нема што повеќе да очекува, зашто останати се само мигови за уште малку љубов. Од дрвото на ридот молитвено како далечно ехо доаѓа гласот за оздравување на болниот, за сонцето и телото, тоа тело што е неподвижно, а крвта не мирува, домот на вечниот сон во кој повторува оти е сам со својот пламен во градите и седи сам со својот пламен во градите. Завршните редови од песната/писмо „Дрво на ридот“ како да собираат сѐ што било и минало и останала пуста последната желба:

Љубов моја, те сретнав на овој рид како патник во мугри што подранува
ти дадов сè што можам, а сè било јаловина.
Под дрвото се љубевме и израснавме, сушата ни беше ладовина,
сега ние си одиме, а дрвото опстојува и останува.

Дај, господи исполни ми ја последната желба
при оваа голема делба –
да се најдеме и слееме со срцевината
на она дрво што расте на сува рида во вишината.

Тоа се поетовите обраќања, последните записи меѓу кои е и онаа „Клошарска песна на поетот“, адресирана „На мојата сакана С“. Животот е љубов и љубовта е живот, тоа е целиот свет, истрајувањето, небиднината и непокорот, човекот кој бара „земи ме, мила, изведи ме“ зашто таа е „љубов моја, мое од најчиста роса исковано име“, мисла и смисла кои ќе го изведат низ леглата на пожарите „да ми испопукаат дамарите,/ а јас во твојот преграб да се распрснувам како црн балон смеа,/ и животот во овој град полека да ми се гаси“. И по животот и по смртта љубовта си останува една и единствена.

___________________
¹ Димитар Митрев, Огледи и есеи, Наша книга, Скопје, 1970, стр. 289.
² Исто, стр. 290.
³Георги Старделов, Портрети и профили, Мисла, Скопје, 1987, стр. 133.
⁴Исто, стр. 135.
⁵Исто, стр. 149.
⁶Ката Ќулавкова, „Зреење на песната“, Ацо Шопов, Поезија, Македонска книга, Скопје, 1993, стр. 16-17.
⁷ Радомир Ивановиќ, Поетиката на Ацо Шопов, Македонска ревија, Скопје, 1986, стр. 45-46.
⁸ Миодраг Друговац, Повоената македонска литература, кн. 1, Просветно дело, Скопје, 1979, стр. 281.
⁹ К. Ќулавкова, исто, стр. 29.
10 Гане Тодоровски, Поглавја од македонската литература, Мисла, Скопје, 1985, стр. 362.

__________________
Забелешки од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов:

* При читањето на овој текст, објавен во Животот и делото на Ацо Шопов, Скопје, МАНУ, 2005, може да се добие впечаток дека Светлана Шопова му доверила лични писма на Васил Тоциновски, врз база на кои тој ја гради својата теза, и за што тој бескрајно ѝ благодари. Всушност, писмата се објавени во 2003 година, во книгата што Тоциновски не ја цитира во користената литература : По-трагите на Ацо Шопов, стр. 89-95.

** Цитираното писмо на Шопов, напишано на 18.12.1959, и песната „Молитва за еден обичен но уште не пронајден збор” се објавени на стр. 90-91 од горенаведената книга. Во забелешката под песната се наведува дека песната првпат е објавена  во Современост, бр 9, 1958 година.  Според тоа, очигледно е дека Шопов ја цитира песната во своето писмо.

*** Втората строфа не е дел од финалната верзија на оваа прочуена песна на Шопов. Таа е дел од машинопис што се наоѓа во МАНУ, за што подробно говори Ќулавкова во цитираниот текст Зреење на песната.

**** Според сеќавањата на Светлана Шопова, станува збор за Коце Солунски и романот Трагите не се завеани (1960).

__________________