Соња Стојменска-Елзесер

Егзотични мотиви во лириката на Ацо Шопов и Славко Јаневски*

(Песна на црната жена и Змејови за игра)

Соња Стојменска-Елзесер 

Ацо Шопов и Славко Јаневски честопати биле спомнувани еден покрај друг, а и нивната поезија во неколку наврати била подведувана под заеднички контекст. Еден повод за паралелно коментирање на две нивни стихозбирки (Песна на црната жена и Змејови за игра) може да претставува и присуството на егзотични мотиви во нив, и тоа во првата од африканското, а во втората од кинеското поднебје, култура и традиција. 

Егзотичното (што во својот грчки корен означува „донесено од други земји“) како појава може да се проследува во книжевноста од антиката до денес. Посродно на збиднувањето како такво, тоа почесто се поврзува со наративните облици: со фолклорната проза, авантуристичкиот роман, барокната проза итн. Со романтизмот егзотичното станува поактуелно и во доменот на лириката, а особено модерната лирика изместувајќи го во голема мерка неговото првобитно значење, го воведува во полето на своите доминантни интереси и преокупации. Копнежот „да се замине“ ќе ѝ даде печат на еден огромен дел од ововековната, особено француска, поезија. Традицијата на трагање по непознати егзотични предели, на култот на патувањето во некои маргинални зони од светoт, нa љубопитството кон праисториското и митолошкото ќе кулминира во поновата француска литература со поезијата на претставниците на т.н. географски космополитизам.¹ 

Донекаде во духот на таа традиција, но од друга страна многу различно и самосвојно, еве се појавуваат примери на егзотизам и во нашата лирика. Веднаш мора да се рече дека лиризирањето на егзотичното кај нашите поети за кои станува збор е сосема специфично и автентично. Егзотичното кај нив не е намерно повикана, наложена, предизвикана состојба на бегство од постојаното. Тоа е помалку или повеќе случајна нова содржина која непосредно и природно се вклопила во нивните веќе зрели и заокружени поетски универзуми. Стиховите на Шопов јасно укажуваат на тоа: „…и да го барав немаше да го пронајдам ова место/случајно што го открив“. Изострениот сензбилитет на Јаневски, пак, не може да се воздржи, а да не го преточи во поетски збор возбудливиот контакт со Кина. 

Инспирацијата од далечните земји, па и самите егзотични мотиви како такви не се пресудни за квалитетите на една песна, на една поезија. Сепак, вознемирува ефектот на нивното вклопување во кохерентниот поетски свет на Шопов и Јаневски, нивниот третман кај едниот и другиот автор, а особено фактот дека при нивната употреба, без оглед на тоа што потекнуваат од сосема различни култури и предели, на семантички план се остварува осетна блискост. Последново секако произлегува од основниот однос на Шопов и Јаневски кои егзотичниот мотив – тој за нив не е само орнатус, не е декор, ниту помошно средство за градење атмосфера; тој е начин, можност да се оствари смисла, да се преточи во песна некој од суштинските прашалници на човековото постоење. Токму затоа, при транспонирањето на мотивите од Африка и Кина во поезијата на Шопов и Јаневски можат да се забележат извесни допирни точки.

Во прв план избива основниот тон на двете збирки. За разлика од поголемиот дел од претходното творештво на двајцава поети, во кој трагизмот ја обојуваше лирската сушност, (Песна… и  Змејови…) (а особено првата!) се збирки на нагласен оптимизам, збирки на радоста на постоењето, на вербата во живототворноста и опстанувањето. Иако е присутна свеста за дуализмот црно-бело (во тој контекст илустративен е навидум баналниот но многу значаен податок што го дава X. Крстевски за честата употреба на епитетите црн (42 пати) и бел (26 пати) во поезијата на Шопов); иако голем дел од оваа поезија е поврзан со сушата и мракот (на пр. стиховите на Шопов: Суша е. Седумте долги години лежат по патиштата како седум мршави крави…“  или на Јаневски: „Ќе му се гостиме со утробата,/ црни маки на црни вретена/ ни пределе црни јакуцки во црно црното ќе го завиткаме./ Секој сон со црн сон во себе/ на црн сон му отвора порти/ црн во црно да ѕирне:/ Што ќе му сон на денот/до гуша е во црно?“), сепак, и во двата случаја оваа поезија прозвучува како ода на животот, како прослава на Еросот, на моменти дури доведена и до дионизиска екстаза.

Кај Шопов моќта на Еросот во дуелот со Танатосот е опеана со комплекс од симболи помалку или повеќе поврзани со африканското тло, меѓу кои домнираат жената и женскиот принцип воопшто, водата (преку дождот, езерото, океанот), танцот и звукот на там-тамот и над сè флората, при што кулминација се постигнува преку симболиката на дрвото ‑ баобабот. Женскиот принцип освен како симбол на плодноста и убавината, кај Шопов добива едни пошироки размери, дури се поставува како врховен принцип откако ќе се почувствува во неговата триjадна слеаност жена-поезија-татковина што го оправдува и насловот на збирката. Кај Јаневски тој е многу поумерено зафатен, најчесто преку симболиката на невестата и свадбата: „Каменоломци сме и свадбари/ на дланка ни се будат невести”. Вербата во животот сугестивно избива од стиховите за дождот, водата, океанот… Клучна песна на Шопов во тој поглед е „Жена во ивернажот“ каде што раѓањето на животот е сплотено со звуците на дождот: „Дожд врне и чудни приказни плете,/ како раѓање и плач на прво дете.“ Не смее да се превиди и тоа дека во една од најзначајните песни од збирката, „Настан на езерскиот брег“, на водата, покрај живототворноста ѝ е придодадена и исцелителска, лековита моќ. Од друга страна и поетскиот нерв на Јаневски не останува рамнодушен кон симболиката на дождот. Во неговата збирка ги читаме стиховите: „Дожд се спровира/ низ грло на цвет,/ семе про’ртува…“ или „Но најпрвин клекнува,/ дождови повикува:/ класјето и девојките/ едно да се,/ магија и надеж“.

Сепак, се чини дека најголема блискост Шопов и Јаневски постигнуваат во третманот на еден од најстарите и најексплоатирани симболи во светсҝата литература – дрвото. Поврзувач на хтонското и небесното, дрвото е спој меѓу мртвите и живите – дрвото е обновување, иднина, надеж… „Сето село го опколува не може да го опколи./ Дрво на животот. Храм на мртвите. Баобаб“ – вели Шопов, додека Јаневски го запишува стихот: „Се виши дрвото/ гробови го хранат“ за во еден друг стих со големи букви да напише – „ДРВО НА ОБНОВУВАЊЕ“.

 Додека оптимистичното, односно еротичното кај Шопов е во најголема мерка согледливо низ симболиката, кај Јаневски, покрај како семантички квалитет, тоа е забележливо уште и во самиот творечки пристап – во присуството на принципот на лудизам при создавањето на оваа збирка.2  

Насловот е поврзан со детската игра, додека и како творечка постапка е спроведена една интересна игра: сликите видени во кинеските музеи кои самите во себе носат длабока симболика се претворени во проширени поетски метафори и слики. 

На едно друго ниво на компарирање на двеве поетски збирки доаѓаме до сознание дека Шолов многу повеќе го почувствува африканското поднебје преку доминантните бои и звуци, додека кај Јаневски позначајно место зазема еден друг елемент, кој не би било сосема адекватно да се нарече егзотичен, но кој е најтесно поврзан со кинеската традиција и култура, а тоа е култот на броевите, особено на сеозначувачката кинеска деветка. Бројот на песните во циклусите тој го поврзува токму со 9-та, а честопати ги употребува броевите и во градењето на конкретните симболи и метафори: шесторог јарец, шесторака змија итн. 

Културата и историјата на Африка и Кина се извориште на широк материјал за поетизација на егзотичното. Спектарот во кој тоа се појавува се движи од локалните топоними (Шопов: „Звукот на там-тамот да ме пренесува/ преку реките Гамбија и Конго,/ а горе преку Нигер до земјата на Догоните“, или насловите на Јаневски: „Свадба во Пекинг“, „Часовничарот од Шангај“ и др)  преку митолошките и религиозни претстави што во изобилство ги има во двете збирки, па се до извесни историски збиднувања и споменици кои ги одбележуваат судбинските преломи на двата народа. Такви се на пр. стиховите на Шопов за бигорната Куќа на робовите, симболично создадена од збигорени души и момчињата и девојките одведувани во ропство, или пак стиховите на Јаневски за трагизмот: на градбата на Големиот кинески ѕид: „Тој Голем ѕид/ и без да состави крај со крај/ им бил тркало за мачење/ на тогашните… Трепети гол јавор, ој јаворе! Слуша ли од под Ѕидот:/ Ајде погодете/ како ни беше името…“

Се наметнува заклучокот дека во третманот на егзотичните мотиви Шопов е условно речено поинтензивен – во неговата поезија среќаваме затворен круг на неколку опсесивни мотиви, додека Јаневски е поекстензивен, со поголема ширина и разновидност во зафатот. Низ неговите стихови проблеснуваат фантазми од кинескиот духовен корпус, митолошките сушества (на пр. за змијата тој пее;  “Не се мрази змијата/ Ѝ била маглата, веќе не ѝ е доилка/ чува под студен јазик/ немушта магија… Змијо посестримо/ ќе ми извезеш ли под стапалки/ пат кон твоите тајни?“), потем, дефилираат плетачот на кошеви, акупунктуристот, кинескиот воин, а се појавува и забранетиот град, се слика по свила, се пие чај…

Ако се согласиме дека егзотизмот не подразбира само растојание, само просторна, туку и една временска димензија која се стреми да го допре универзалното преку довикување на исконското, тогаш доказ и илустрација за тоа лесно ќе можат да се пронајдат во обете збирки. „Тука ме доведе мојата исконска страст/ за трагање низ мрачните но неизбежни свијоци на историјата/ мојата вечна жед за изворите на сеопштото потекло/ и гладта моја за невеселата младост на човештвото./ Тука ме доведе мојот прародителски инстинкт/ и неговиот непогрешив шепот дека сѐ е исто…“ (Шопов); а кај Јаневски: „И како ќе се докрајчи зборот на почнатата есен во длабочините исконски“ или “школката на вековите/ да врати еха/ на она што ќе дојде…“

Егзотичниот мотив најчесто се појавува во функција на лиризирање на слеаноста на личното и универзалното, на досегање на свеста дека преку разликите со туѓото се открива смислата на сопственото, воедно суштината на човечкото и општочовечкото. Тој аспект на егзотичното е особено нагласен во Песна на црната жена и дури е експлициран преку контрапунктираните стихови: „додека за него тоа беше највисока смисла на животот/ да ја открие родината откривајќи го светот“ и од др. стр. “носејќи ја со себе својата највисока смисла/ откривајќи ја родината да го открие светот.“ Токму на овој план нашите поети битно се разликуваат во потходот. Во целата збирка на Шопов во спрега со егзотичното прозвучува татковинското, родното, националното како себе-наоѓање и допир со сопствената сушност, додека Јаневски егзотизмот многу повеќе го доживува како вовед во нови тајни, како докоснување на мозаичните делчиња од никогаш недоодгатливата космичка тајна. Првиот и најголем циклус во Змејови за игра носи наслов „И воведи не во тајни“, а низ стиховите читаме: “Не прашувај./ ТАЈНИТЕ СЕ ВО ГЛУВЧЕШКА ДУПКА во глувчешка дупка, мудроста во соѕидана черупка./ Кој сака нека им бара/ девственост облаците, некој од белутрак/ делка клуч за сите брави./ Во ковчегот на вечноста гние сино јаболко,/ друго е што секоја тајна/ крие тајна во себе.“

Збирката на Шопов со ваквиот глобален подход се вклопува во поетичките координати на неговата поезија – таа се чита со помош на целиот негов лирски опус во кој песната иако измина и измени неколку развојни фази во своето лирско јадро остана доследна на себе си. Змејови за игра пак на Јаневски е помалку апартен дел од неговото творештво, една своевидна поетска игра и авантура, како на ниво на инспирацијата, така и во доменот на синтаксата и на семантиката. 

Во секој случај најважно е што и двете стихозбирки, на ова место паралелно поставени, претставуваат една значајна вредност на македонската поезија. Преку навевите на егзотизмот тие остваруваат меѓусебна блискост, а во исто време кореспондираат и со доминантните расположби на голем дел од поновата европска лирика. На тој начин тие стануваат уште еден убав пример за тоа дека поезијата не познава граници ниту во своите преокупации и мотиви, ниту во своите взаемни проникнувања.
__________________________
1 За ова кај нас поподробно има пишувано Луан Старова во текстот „Литературните посегања кон универзалното“ во книгата Доближување.

2 Лудизмот на Јаневски е забележан од Влада Урошевиќ во освртот „Од игра кон смисла“ во списанието Стремеж 10/1982.
___________________________
* Текстот е објавен во Творештвото на Ацо Шопов: симпозиум по повод 70-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, Скопје, 1993