Три децении творечка активност на Ацо Шопов − Врвни дострели на поетскиот збор*

Петар Ширилов

Годинава се навршија триесет години од плодната творечка дејност на најсуптилниот лиричар на современата македонска поезија − Ацо Шопов. По тој повод неодамна во родниот град на поетот, Штип, со низа пригодни литературно − музички приредби беше свечено одбележен значајниот јубилеј на овој поет и на нашата современа поезија и култура воопшто. Тоа е признание за ценетиот и автентичен прилог што Шопов ѝ го даде на нашата поезија и култура.

Војник на револуцијата уште во својата најрана младост, Ацо Шопов низ сите судбоносни фази и чекорења по беспаќата до победата и слободата ја носеше и својата поетска лира на чии супттилни жици знаеја да одѕвонат и оние борбени стихови што ги среќаваме во прекрасната песна „Очи“ којашто во извесна смисла се претвори во борбен марш на другарите од неговата партизанска единица, на македонската војска, којашто во истрелот на оружјето го употребуваше и своето јуначко срце. Војникот на револуцијата Ацо Шопов израстуваше во голем лиричар на нашата поезија, којашто од Рацина наваму непрестајно го кали и го усовршува јазикот на еден разделен и угнетуван народ.

Ацо Шопов заедно со малкумина писатели веднаш по ослободувањето активно се вклучи во создавањето на првите списанија за литература и уметност и тука ја продолжи својата поетска активност започната уште во гимназиските клупи на својот роден град, а потоа продолжена по фронтовите на револуцијата. Многумина критичари за Ацо Шопов велат дека е неуморен војник на лириката, поет којшто ги исповедува своите најинтимни чувства и треперења на својата душа. Шопов несомнено е лирнчар од голем формат, но тој умее автентично да пее и за колективната судбина на народот на која му припаѓа и за времето во коешто ја остварува својата човека судбина и уметничка порака.

Еден наш релативно помлад поет има речено: „Не признавам поетика без поезија − ни цвет без корен“. Шопов во сите овие триесет години активно поетско творештво успеа да создаде сопствена поетика којашто ја определува смислата на пеењето, општествената функција, културната и историската мисија на поезјата. Неговата поетика извира од битието на неговата поезија и поради тоа си останува единствена, автентична и неповторлива. Првите негови книги стихови − Со наши раце, на пример, се посветени на младешкиот жар на нашите повоени генерации, коишто се наредија во доброволните работни бригади за обновување и изградба на земјата разурната од војната. Тука блика оптимизмот на новиот живот и верувањето дека од урнатините ќе изникне величенственото здание на нашата слободна, многунационална заедница на збратимените народи и народности коишто го градат социјализмот и посреќната иднина. Потоа дојде книгата На Грамос во којашто поетот Ацо Шопов пее за драмата и борбата на дел од македонскиот народ останат на географскиот простор отргнат од матицата во текот на балканските војни. Во стихозбирката Стихови за маката и радоста Ацо Шопов пее за малите радости и таги на човекот, со кои е исполнето неговото секојдневие, неговата судбина на човек. Книгата Слеј се со тишината ги изрази оние карактеристични тонови на Шопов кон што се постојано присутни во интимното и оригинално доживување на човекот и на светот. Тишината за поетот во случајот е услов да се одгласи стихот и да се издвои од делничноста на животот. Стихозбирката Ветрот носи убаво време претставува извесна гранична линија во еволуцијата на поетот, над која се кренаа двете негови следни книги поезија − Небиднина и Гледач во пепелта, со кои Шопов направи дотогаш невиден продор во целата наша современа поезија, кон откривањето на неизмерните длабочини на човековото битие и на неговата егзистенција.

Тешко е да се опфатат и да се искажат сите димензии на поезијата на Ацо Шопов. Двете негови последни поетски дела Небиднина  и Гледач во пепелта претставуваат поетско познание на човекот и на неговата судбина и по длабочината на испеаното и сознаеното тие и како вредност и како тематска определба носат едно универзално видување, чувствување и доживување на смислата на егзистенцијата на човекот во историјата.

Се искачив над врвот од болот.
Човек сум. А што е човек?

Земи ме, земјо, или врати ме,
врати ме подолу од овој врв,
подолу од онаа страна на животот,
човечки сили дај ми пак.
О земјо, на земја врати ме.
Човек сум, човек да страдам,
да најдам камен жив да се вградам
на некој мост во некој лак.
(„Тажачка од онаа страна на животот“)

И на врвот од својот човечки бол поетот сака да биде вграден во темелот на мостот − тој симбол којшто сврзува два брега, два света. Лиричарот се стреми да го гради светот и иднината − тој сака да крепи како камен на оние места што ќе врви незапирливото чекорење кон иднината.

Петар Ширилов (1934-1988), македонски писател и литературен критичар

Поетот Ацо Шопов е добитник на голем број признанија и награди, меѓу кои и најголемото во нашата земја − Наградата АВНОЈ. Тој е и член на Македонската академија на науките и уметностите. Неговата поезија изврши силно благотворно влијание врз формирањето на помладите поетски генерации кај нас, така што и од тој аспект, неговата појава во нашата литература и автентичниот прилог што и го даде тој − се од непроценливо значење за нашата култура воопшто.
_________________
* Текстот е објавен во Трудбеник, 01.01.1975. Инсерт  е објавен во Дело 74, 1982, год IX, бр. 5-6., под наслов „Единствена, автентична и неповторлива поетика”.