Ацо Шопов, поет со длабок здив *

Трајан Ника

Ако Бели Мугри од Кочо Рацин, дело што се појави во 1939 година во Загреб, означи еден значаен момент на македонската литература, претставувајќи ја нејзината нова поезија, Песни на Ацо Шопов, издадени кон крајот на војната, во 1944, носат сигурни обележја на еден нов лиризам, полн со сила, на еден поетичен темперамент, на едно бурно сознание кое бара одговори и суштински истражувања.

Мостот, песни на Блаже Конески во 1945 година претставува заедно со Песни на Ацо Шопов една вистинска поетска трибина, означувајќи за едно со Дождови на Матеја Матевски, Леб и камен од Славко Јанески или Тревожни звуци од Гане Тодоровски, една нова етапа во македонската лирика што се карактеризира со своевидна романтична атмосфера на медитации, од преземање и преработка на штедри мотиви од фолклорот, до националните симболи.

Она што треба да се потцрта е вонредната јасност на созревањето на македонската поезија, забрзано навлегување во ритмот на современата поезија во светот, формирајќи модерна и автентична експресија низ естетската еволуција, добро определена, кристализирајќи го јазикот, комплексноста на методата, продлабочувањето на темите, откривајќи ги од народната поезија силите на универзалните чувства и мисли. „Оваа емоционална и сликовита симбиоза меѓу еден архаизам и една модерна сензибилност претставува можеби најкарактеристичен квалитет на новата македонска поезија“, заклучува критичарот Милан Ѓурчинов во предговорот на францускиот превод на Антологијата на македонската поезија, издадена во Париз во едицијата „Литературите на другите земји.“

Во последните години новата генерација поети, Петре Андреевски, Влада Урошовиќ, Адем Гајтани, Михаил Ренџов, Радован Павловски, Јован Котески, Богомил Ѓузел, дадоа една голема слобода на изразот и како што се вели во манифестот на поезијата на оваа генерација, издаден во 1960 од Радован Павловски и Богомил Ѓузел: „Поезијата треба да открива нови простори и да не се затвора во својот сопствен домен“. Навистина, од внатрешноста на овие поети, избива една друга поезија, базирана не на дескрипција, туку на една дијалектика на спротивни елементи, не на слика но, пред сѐ на комбинирање од метафори и космички проекции на индивидуалното.

Во овој литературен контекст креацијата на Ацо Шопов се забележува како една вредна присутност, една посебна рафинираност, една автентичност што го одбива спектакуларното и лесното. За Ацо Шопов поезијата не значи една определена автентична состојба, еден опис на чувства или на духовна географија, но една оригинална комплексност со самиот себеси, со мислата своја, поспособна од оние најавтентични дијалози со општото, станувајќи поезија, своевидна анализа, еден начин егзистенцијата да живее сосема поинаку во нејзините различни форми, една можност повеќе да ја трансформира „дрскоста“ на зборовите во една логична „шума од идеи“.

„Во конкретниот поетски опит на Ацо Шопов, оваа книга, оваа поема, оваа метафора е на неоспорен начин небиднината, фундаментален праелемент на својот поетски универзиум“, забележува литературниот критичар Георги Старделов. Така, една од емоциите кои ги дефинира неговата поезија е можноста да помине од сопствениот опит кон универзалното. Поетот се стреми постојано да направи од творбата една животна лекција, духовна состојба, модалност да живеат вистинските моменти на неговите внатрешни и надворешни реалности. Во центарот на овие живеења Ацо Шопов го поставува човекот, како една индивидуалност од трагичен извор со голема ефективна и филозофска димензија, наоѓајќи се постојано во центарот на дијалектичките единства јас-светот.

Човекот е една енигма што тешко се дешифрира, едно битие со прометејски димензии, но и раскош кој го става печатот на своето постоење на сѐ, како светлоста на сонцето врз лицето на мракот. Во мракот човекот, возвишувајќи се и ослободувајќи се од веригите на непознавањето го оставил зад себеси небитието, сопственото небитие, како сенка што го придружува на патот кон светлоста.

Во своите песни Ацо Шопов се стреми човекот да остане неисцрплив во лицето на животните мистерии, покажувајќи си ги така своите својства на носител на една примарна хуманост, на обидите да го надмине ефемерието и непостоењето.

Неговата поезија не го издига феноменот, туку предлага една феноменологија на постоењето, стихот осцилира меѓу сугестијата и признанието, меѓу појавата и споменот. Тоа е една лирична ткаенина, комплексна, понекогаш апстракна, научна, поставувајќи се меѓу една совршена хармонија на филозофско посредување, на суровоста на чувствата.

Ако поезијата на Ацо Шопов во Небиднина претставува следење au ralenti, стремејќи се кон еден свој релативизам пронајден во лицето на непредвидливите мистерии на животот, во Песна на црната жена неговиот лиризам започнува еден друг тоналитет, базиран на еден лексичен егзотизам, изненадувачки и разновиден. Во ова дело, тоновите се забрзуваат, отворената позиција на поемата таложи слики, кои како да се откинати од некое импресионистичко платно.

Африканското искуство, произлезено од дипломатската мисија во Сенегал, се конкретизира во едно дело со широк метафоричен здив. Во овој простор телото поминува, душата се впива во едно забрзано напрегање, љубовта се потчинува на топлината на вулканот.

Ацо Шопов е поет со длабок здив, еден тежок поет кој треба да се препрочитува и вечно да се разоткрива, неговата поезија е една душевна авантура, од оние најпредизвикувачките. Јазикот е едноставен, разбирлив и свеж.

Ацо Шопов гори во жарта на зборовите, топејќи се во срцето и душата на своите читатели.

__________________
* НИКА, Трајан: „Ацо Шопов: Раѓањето на зборот“. Културен живот, 1982, год. XXVII, бр. 1-2, стр. 51-52.
Одломка од предговорот на романското издание на изборот од поезијата на Шопов Naşterea cuvéntului (Раѓање на зборот). Selectiesi traducere de Ion Deaconescu; prefatâ si note Traian Nica. Cluj-Napoca: Dacia, 1981, 91 str.
Превод од романски: Димо Димчев