На Грамос – вистинско естетско доживување*

Анте Поповски (1931-2003), македонски писател

Анте Поповски

Без дилеми: во повоените години во Македонија, среде книжевната јавност, името на поетот Ацо Шопов, заедно со Венко Марковски, беше најавторитетно и најпознато. Не случајно: во неговото име беа здружени беспрекорна чест и голема поетска дарба.

Во тие години мене посебно ме привлече неговиот втор самостоен и објавен поетски ракопис На Грамос. Оваа, на око неугледна книшка, помина, безмалку, незабележана од книжевната критика или доколку веќе беше коментирана, тоа повеќе прилегаше на книжевна формалност отколку на критички став. Наспроти тоа, точно таа и таква „книшка” изврши големо и благородно влијание во развојот на повеќемина поети од втората поетска генерација која штотуку навлегуваше во литературата.

Кога се обидувам да си ги појаснам причините за тоа, јас го имам пред себеси фактот дека тоа беше време во кое доминираше вулгарниот реалистички концепт. Во реалистички концепт е остварена и поемата „На Грамос” но, таа за мене претставуваше вистинско естетско доживување: строгиот реализам на темата, преку автентична поетска креација, беше трансформиран во поетички запис, во инспиративно епско толкување на една од најтрагичните страници на нашата национална историја: иљадници и иљадници, невин, голорак народ, мајки со деца − пред сè, во панично бегство ги напуштаа своите родни огништа и гробишта, се откорнуваа од својата татковина и засекогаш ја напуштаа.

Тој, Ацо Шопов, како и во 1941, не можеше да остане рамнодушен кон драмата која се одвиваше пред неговите очи. Како избраник и вистински трибун на својот народ, Тој, на својата исусовска младост но и со исусовска чест, ја испеа поемата „На Грамос”, во една понервозна поетска ритмичка фраза, во која со избран збор ги окова тие драматични слики на македонската национална катастрофа од средината на XX век. Точно затоа пред таа „книшка” не можеа да останат рамнодушни вистинските автори на македонската поезија, врз кои подоцна таа изврши силно влијание.

____________________
* На почетокот на 2002 година, Анте Поповски беше на лекување во Париз. При честите средби со Јасмина Шопова која во тоа време работеше на книгата По-трагите на Ацо Шопов, тој  ѝ даде повеќе сведоштва објавени подоцна во истата книга. Ова сведоштво датира од 13.02.2002