Поетска љубов за револуцијата*
(Анализа на формата на стихотворбата „Партизанска пролет“ од Ацо Шопов во VI одделение)

Милан Головодски

За обработка на оваа наставна единица во годишното распределување на материјалот сум предвидел два часа и тоа: првиот час анализа на содржината, а вториот анализа на формата.

На првиот час се врши анализа на содржината на стихотворбата. Таа ги опфаќа следните елементи: тематската поставеност, идејната страна, симболистиката во стихот, емоционално-лoгичната функција на дадените чувства, мотивираноста на песната и реалноста во песната.

Анализа на формата

Образовна цел: запознавање на учениците со поетскиот начин на изразување и стилската обоеност на стихот.

Воспитна цел: развивање љубов кон убавиот израз.

Наставна метода: дијалошка, комбинирана со текст метода.

Наставни средства: магнетофонска снимка, придружена со звучни ефекти.

І. Уводен дел на часот

Прегледување на домашната работа од претходниот час. Домашната работа беше учениците, индивидуално да извршат анализа на содржината на третата строфа од стихотворбата, со цел самите активно да учествуваат во идејната обработка на стихотворбата. Воедно, да се видат нивните способности за ваков вид анализа, иако оваа не е прва содржинска анализа за учениците. Ваква аназиза се врши уште во претходните одделенија, имајќи ја предвид нивната возраст.

Часот го започнувам со прочитување на неколку домашни работи. На крајот од прочитаната домашна работа се даваат одредени упатства за анализата, било тоа да се позитивни или негативни.

II. Coопштување на темата

Ги запознавам учениците дека на овој час ќе се запознаеме со формата на стихотворбата. Ги предупредувам внимателно да ја слушаат магнетофонската снимка на стихотворбата, за да можат самостојно да ги изнесат своите впечатоци за сликата на ноќта и пролетта, а воедно да можат да ги споредуваат со нивните сопствени впечатоци.

Го пуштам магнетофонот. Peпродукцијата на снимката започнува со емитување на слаб тон на народната песна „Млада партизанка“. Постепено песната се губи низ шумот на лисјата, а потоа јачината на рецитаторот ја покрива мелодијата. Рецитирањето го врши ученик. Особено треба да се внимава на тонската обоеност и уметничкиот израз, со еден збор да се остварени сите барања на уметничкото рецитирање.

III. Композиција на стихотворбата 

По магнетофонската емисија учениците ги изнесуваат своите импресии од стихотворбата: дека се сретнале со убави описи на вечерта, пролетта, радоста на поетот и борците во пролет, бунтовната песна кај борците и бескрајната радост на поетот што дошла пролетта.

Еден ученик ја прочитува првата строфа.

Се уочува дека опишаната пролет не е како секоја пролет, преполна со росни цвеќиња, со убавите песнички на птиците, со песната на овчарчето, со распеаниот глас на орачот во полето, со мирисот на темјанушката, но оваа пролет е борбена пролет, пролет на борците за слобода на нашиот поробен народ од фашистите.

Разработка на описот на вечерта

Еден ученик ја прочитува првата строфа:

…Вечер е тиха, дремлива,
нечујно гора шумоли
месец сред гранки сонува,
ѕвездите солзат на небо…
(„Партизанска пролет“)

Ги бараме изразните средства на поетот во дадениот опис. Ги одбележуваме елементите земени за градење на описот, а тие се вечер, гора, месец и ѕвезди.

Се води разовор за овие елементи и тоа за нивната поставенност и реалност во опишувањето на вечерта. Учениците забележуваат дека скелетот за градењето на описот на вечерта го сочинуваат овие зборови и дека писателот успеал да го даде нивното значење и служба во стихот.

Го одбележуваме и тоа дека ако зборовите во стихот се земени самостојно, не би одговориле на нивната намена.

Потоа ја откриваме емоционалната обоеност на описот (дремлива-умората, шумоли-шепотот на борците).

Зошто му служат овие зборови на поетот?

(Служат како јазично изразни средства за изградување на сликата на вечерта). Забележуваме дека поетот се служи со стилска фигура − епитет, дремлива, тиха.

Потоа учениците ја откриваат другата стилска фигура: персонификацијата во стиховите:

…Месец среде гранки сонува
ѕвездите солзат на небо…

Зошто писателот се служи со оваа стилска фигура? (За да му овозможи да ги изрази желбите, надежите, болките, страдањата, плачовите, обесправеноста, побудата за слобода).

Овде ги потцртуваме симболите: ноќ-ропство, месец-борците, ѕвездите-поробениот народ.

Како се поврзани чувствата и мислата во описот?

(Мислата за ослободување на нашиот народ од ропство е слеана со борбениот дух на борците. Тие се тесно поврзани меѓу себе и образуваат една целина и една заедничка цел на нашиот народ − ослободување од ропството).

На таблата забележуваме:

  1. Партизанска вечер во шумaтa:

Поединости: опис, епитети и персонификација.

Разработка на описот рана пролет:

а рана пролет пргава,
раскрила убост моминска –
снага ѝ – шума борова,
очи ѝ – бистри кладенци,
лице ѝ – пупка трендафил,
а коси – трева зелена.

Учениците се произнесуваат дека поетот во првата строфа од своето лично доживување изградил две уметнички слики: партизанска вечер во шумата и убавината на раната пролет. Посебно се задржуваме на зборовите: снага-борова, очи-кладенци, лице-трендафил, коса-трева. Учениците се искажуваат дека и овде поетот се служи со изразни средства со стилската фигура метафора.

Зошто поетот ја користи метафората?

Учениците изнесуваат дека метафората на поетот му овозможува на еден збиен начин да ја прикаже убавината на раната пролет, со сите нејзини карактеристики. Потоа ги откриваме епитетите кои служат овде како помошни средства, за да може да се долови убоста и свежината на ова годишно време. Епитети се: пргава, рана, борова, бистри, пупка и зелен.

Забележуваме дека во употребата на епитетите поетот употребува и постојани епитети (трева-зелена, пупка-трендафил) што се карактеристични за народната литература.

Зошто поетот ја зема убавината на раната пролет?

(За да може да изрази една споредба меѓу убавината на пролетта со убавината на слободата).

Со што се служи поетот за јазичната облека на творбата?

(За јазична облека на својата творба поетот се служи со стих и зборува на фигуративен говор).

Каква е строфата?

(За организацијата на строфата тој употребува слободен стих составен од 10 стихови. Тука имаме отстапување од класниот стих, во кој секоја строфа е составена од по 4 стиха).

Забележуваме дека имаме и слободна рима. Римувани се стиховите (1-3, 5-7); дремлива со сонлива, пргава со борова. Овде римуваме еден слог и таа рима е женска (според др. Радмило Димитриевиќ).

На табла бележиме:

  1. Опис на раната пролет;

Поединости: епитети, метафора.

Анализата на втората строфа се движи брзо, бидејќи учениците доволно се упатени во јазичните поединости на изразувањето. Во почетокот се констатира дека строфата е составена од 9 стиха, а не од 10 каков што беше случајот со првата строфа. Воедно се одбележува дека и двете строфи се напишани во осмерец.

Правиме споредба со првата строфа. Забележуваме дека во втората строфа поетот се служи и со други помагала − со извиците „Еј, море!“

Што изразува поетот преку извиците?

Извиците како јазично средство служат да го изразат интензитетот на чувствата што ги доживува поетот. Радоста ја достига својата врвна точка. Во едно тој се обнува кон својот народ, за што поголемо учество во редовите на НОВ. Сликата се дополнува со жуборењето на потокот, на планинското изворче, песната на бунтовниците, а тоа ѝ дава една одредена динамика и живост на раскрилената младост.

Овој момент се користи за да се искаже вриежот на нашиот народ под ропството и дека во македонските планини растеле, се челичеле најдобрите синови на татковината.

Потоа се разгледува дејствувањето на народната борбена песна врз чувствата на борците и поробениот народ.

Ги одбележуваме сликарските средства: бојата, тонот, македонскиот мелос и учеството на сите сетивни органи, поврзани во една хармонична мисла − желба за слобода и прогонување на врагот од Македонија. Ќе се стави акцент врз јачината на чувствата и нивното оформување во стихот.

Се издвојуваат епитетите: бунтовни, бескрајни, голема.

Што сака поетот да изрази преку овие епитети?

Преку епитетите поетот го доловува раѓањето на македонската борбена песна, богатството на македонскиот мелос, големата традиција на борбеност и непокорноста на народот.

Во поглед на стихот забележуваме дека е пишуван во осмерец и дека се римувани само 4 стиха: 3 и 4, 6 и 9 (разлисти со извори, одиш со прогониш).

На таблата забележуваме:

  1. Партизан в пролет да бидеш:

Поединости: Сликарски средства, акустични или слушни.

  1. Врагот да го прогониш;

Поединости: борбената песна.

На сличен начин ја обработив и третата строфа. На крајот од часот зададав домашна задача на тема „Пролетна вечер“. Еве што напиша ученичката Атанасова од VI-3 одделение.

Пролетна вечер 

Далеку на запад гореше црвеникавиот оган на зајдисонце. Денот умираше. Се раѓаше нова пролетна вечер, преполнета со миризливи цвеќиња.

Ѕвездите го опсипуваа синкавото небо. Месечината пловеше по небесниот свод со своето крилато коњче.

Далеку низ градот блеснуваа една по една уличните светилки. Во проѕирната завеса на вечерта се радваа мали растурени фенерчиња по домовите. Тие ту ќе светнеа, ту пак палаво ќе се запалеа. Потоа малку подзастана задишано од долгиот пат и со тивок глас ми шепна:

− Ете, ете ја донесов убоста на пролетта, ги повикав сите птици со лесните крилја од топлите краеви. Јас го разбудив дури и стариот даб.

Одеднаш се јави пискливо гласче:

− Ох, колку сум се успало. Цела зима лежев стуткано под снегот со главата.

Јас го забележав тоа. Тоа беше зумбулчето штотуку се појавило со црвенкото сонливо главче. Мракот сѐ повеќе се згустуваше.

Настапи ноќ…

_________________
*Текстот е објавен во Просветен работник, 15.Il 1974.