Поет доследен на човековото достоинство*

Ѓоргија Најдоски

Ретко кога поетот може да биде задоволен поради извонредниот прием на неговата книга меѓу читателите. Во случајот поетот Ацо Шопов по сѐ изгледа има причина да биде задоволен, но и не. Првото е поради тоа што неговата книга делува како поетски сублимат на долгогодишно поетско искуство, а втората констатација-дека неговите можности се значително поголеми што покажува на зборот.

Книгата Гледач во пепелта е поезија од онаа категорија остварувања што останува во иднината на нејзиниот создавач, пред сѐ, на иднината од поетската визија на сегашноста кон бесконечноста. Границата во секој случај може да биде самоубавото, а тоа убаво е стиховите на оваа, книга. Шопов како да ги согледува нештата врз сопствената дланка, од една страна и, како да не умее да им се восхитува на сопствените постигнувања кога е во прашање успехот на животните преокупации.

Имајќи го пред себе овој успех на Шопов, можеме да завлеземе малку посериозно кон поетското третирање. Оттука чинам Шопов почнува како лирик, како достоен деец на сопствените желби. Гледајќи ја личноста во поeтската физиономија, а со тоа одредувајќи го нејзиниот профил на исклучителен лирик, Шопов успева да проникне со поинаква душа во нештата што моментно се наоѓаат на поетскиот дофат и поетското трансформирање во поовечена сублимација. Таков третман на поетската природа е очигледен и во оваа негова книга. Завлегувајќи во нивната суштина, откривајќи ја жештината на огнот од сите нејзини пеколнини и болки под усвитеноста на нејзината жар да „Се препелка огнот во кафез од време“, „сам од себе огнот оган вечен краде“ и „љубовта на бодеж своја да ја даде“, Шопов со тоа ја одредил, односно претскажал судбината на нештата како моментна поетова преокупација оставена исклучиво на иднината од песната.

Таа трагика како одлучувачка битка на желбата да се остане на ниво живот или пак да се победи и тој, во случајов без да се сети поразот на кој и да е живот, ако е во прашање нечија смртност, доведува до состојба да фениксирање од ништожноста до новиот живот на светот што почнува да се создава. Такви се песните „Љубовта на огнот“, „Долго доаѓање на огнот“, „Тажачка од онаа страна на животот“ и многу други. Нашата неправда во случајов е таа што веќе се обидовме да одвоиме неколку песни иако тоа е невозможно поради компакноста на целата книга, нејзината композиција единствен наслов што претставува една песна подзаглавена со четирите поднаслови – Гледач во пепелта.

Во кој и да подруг состав, природата на песната останува на лирското, а тематиката, преокупацијата асоцира на потемната страна од животот. Да се биде лиричар значи да се биде упорен во изнаоѓањето на лириката. Колку тоа останува врвно на сопственото потврдување зборува и немуштниот јазик од песните од Ацо ШІонов. Тука можат да се најдат интересите како што можат и да се изгубат. Ризикот е поетово достоинство и негова упорност. Шопов, веќе рековме, останува доследен на лирското, на поетското, на природното, на човековото достоинство.

_____________________
* Текстот е објавен во Трудбеник, 04.07.1970, бр. 27, стр. 9, под наслов „Гледач во пепелта (Македонска книга – Скопје, 1970 год.)”