This post is also available in: Serbian

Во прегратка на светот*

Милан Ѓурчинов

Песна на црната жена е еден лирски, треперлив запис за едно длабоко прожиевеано патување низ широко отворената врата на светот, како и едно освојување на нови поетски сознанија во кои чувствителното се преплетува со сочувствителното, естетското со хуманистичкото, татковинското со светското и космополитското. Во новата поетска книга на Ацо Шопов доминира едно продуховено чувствување на единството на светот кое дури и под нараснатата плима на поетскиот занес не преминува во екстаза и самозаборав, туку, напротив, предизвикува повратно дејство на поосмислено и подлабоко понирање во татковинското и во сопствената судбина […]

Во право се, но само донекаде, критичарите кога истакнуваат дека Шопов успеал да го избегне […] едноставното прикажување на егзотиката и дека таа овде не е на преден план. Навистина, во Песна на црната жена го нема оној вид егзотика која за европските поети од романтизмот преку симболизмот и акмеизмот па сè до модерните евазионисти значи бегство во еуфорични прибежишта. Но егзотиката е и тоа како присутна, и на еден своевиден начин доживеана како трепет на едно сестрано, сензибилно, чулно-еротско спознание на Африка […]

Песна на црната жена носи грст примери за преобразбите на јазикот и на изразот […] Уште во првиот циклус „Жена во ивернажот”, поетот ни дава назнаење дека го напушта прозодискиот систем на пренагласени рими и донекаде анахрона интонација. Во најдобрите песни во овој циклус, „Баобаб” и „Пред расцутување на фланбоајаните”, тој тргнува кон една нова, слободна структура на песната […]

Вториот и секако централен дел на книгата почнува со необичната песна „Настан на езерскиот брег”. Тоа е чудна сага за еден шагаловски изобличен и вознесен коњ „со ѕвездена светлина во очите”, кој, откако ќе ги прелета сите мора и сите океани, откако ќе го обиколи сиот свет, ќе се спушти на брегот на своето езеро „за да се напие бистра вода, ладна и лековита” што ќе му ја поврати силата истрошена по незнајни патишта и ќе го врати во живот. На своевиден начин поетот ја варира митската тема на Антеј, која е всушност идејна оска на целата книга што авторот во еден момент ќе ја изрази со синтагмата „откривајќи ја татковината − го откриваме светот” […]

Сличен процес на претопување на значењата среќаваме и во песната „Загледан во океанот”, веројатно најдобрата во целата збирка. Песната почнува со слика на осамен човек што стои на брегот […] „Океанот е огромен”, вели поетот, а „човекот мал.” Но наскоро глетката се менува: од длабочините на океанот изронуваат одамна потопените галии со нивните девојки и младичи што му ја принесуваат на свои раце „својата тешка и недоречена судбина”. Човекот на брегот се слева со огромната маса новодојденци. Исцелителната ноќна фантасмагорија поминува. Сонцето повторно изгрева над океанот. Човекот е уште на брегот, загледан во неговото вечно движење. Но тоа веќе не е истиот, туку нов, преобразен човек, кој чувствува, верува, знае дека „човекот е огромен” а „океанот мал”.

Последниот циклус од книгата, можеби најадекватниот на нејзиниот наслов, носи релативно различни стихови во кои сензуалноста на лирскиот цртеж се преплетува со трајниот лајт-мотив на целото творештво на Шопов (од позната „Љубов”, испеана уште во војната и во виорот на револуцијата, преку подоцнежните Молитви на телото, па сè до најновово време): исконскиот култен однос кон жената, недоловливата тајна на нејзиното присуство, бескрајот и понорите скриени во нејзиниот загадочен лик, тој лик што не му дозволува на поетот до крај да го разоткрие и одгатне:

Требаше да помине половина век
за да сфатам дека си ми здравје, дека си лек
за сите мои болести неизлечиви,
за песните, за зборовите недоречени и недоречиви.

            (“Молитва за сињарката − моја наречница”)

На тој начин, стиховите од Песна на црната жена ги надминуваат рамките на средбата со еден новооткриен свет и се покажуваат како плод на длабоко внатрешно искуство во кое потиснатото минато и новите сензибилни возбуди, широкоте светски простори и татковината […] се соединуваат и се слеваат во единствена поетска содржина која умее да се појави во свежи, продуховени, често изненадувачки и ирационални облици што зрачат со хуманост и топлина.

________________________________

* Превод на извадоци од текстот „У наручју света ”, Политика, 30. 10. 1976, стр. 14.

________________________________

Огледи и критики на Милан Ѓурчинов за делото на Ацо Шопов

Други огледи и толкувања на творештвото на Ацо Шопов