По повод Ветрот носи убаво време*

Георги Старделов (1930-2021), македонски литературен теоретичар и критичар

Георги Старделов

Ако поезијата е дело и резултат на една интензивна духовна човечка активност, дело на човекот, тогаш таа во никој случај не може да се замисли вон од него и без него. Па ако е ова факт не треба да се заборави исто така несомнениот факт дека секој човек си е свој на свој начин.

Примањето на поезијата, од друга страна, нејзиното мисловно и емотивно доживување, е исто така интензивна, духовна активност. Но, ако е ова факт не треба да се заборави исто така несомнениот факт дека секој оној што ја прима поезијата си е свој на свој начин. Па тогаш како да се ускладат сферите на поетот со сферите на читателот? И возможно ли тоа воопшто?

Увидот е направен за да се покаже и оправда вистината дека еднолинејноста, едновидноста, едновалентноста на поезијата, не е можна, зашто секој поет си има свој определен свет и своја определена органика што го восприема и транспонира тој свет. Затоа: поетот може да направи нешто само ако остане во својот свет, во својата органика. Се оддалечи ли од нив, се оддалечува од себе си, според тоа и од поезијата.

Вечерва се среќаваме, би рекол, со еден многу осамен поетски феномен во нашата литература, со феноменот Ацо Шопов. Кога велам осамен поетски феномен, тогаш го мислам следново: реткост, онтолошка реткост е во современата македонска литература да се сознае и прочувствува одданоста на поетот на самиот себе си, да се осети меѓата на поетовиот свет и при тоа да може да се констатира: на оваа, врз оваа меѓа длаби тој и тој поет, тука е неговото поетско царство, тука тој поетски ја адаптирал својата поетска органика и само тука може тој – потаму и на другоместо – не. Оваа ограниченост врз конкретно определена животна сфера, што е за мене од суштествено значење, се сметаше до скоро во нашата современа литература за поетско слепооштво, за поетско сознајна кусогледост. Кај нас за сѐ што не пее еден поет. Неговата преокупативна амплитуда се движи на релациите од црвот, земјата па сѐ до ѕвездените маглини. За сѐ е тој тука да поетизира и поетски филозофира. А тоа е веќе еден вид шарлатанство, еден вид гносеолошка немоќ. Ни во оваа, ни во онаа, ни во која и да било животна сфера не ќе може тој да успее, зашто не е при себе си, зашто се атрофира себе си, се отуѓува од себе си за да биде нешто што не е тој, а што е модерно да се биде. Затоа најголема поетска мудрост е – да се остане при себе си, како при својот поетски свет, така и при својата поетска органика.

II

Еве ја во светлоста на овој естетски увод, најновата збирка поезија Ветрот носи убаво време и нејзиниот автор. Низ, би рекол, дезинтеграторските експресионистички луњи, што ја носат нашата поезија веќе цели пет години од овој до оној брег на поетскиот мотив и поетскиот израз, луњи што се обидоа дури и коренот на поезијата, на лириката, да го искоренат и овенат, низ вртоглавите и стрмоглавите метаморфози на поетскиот феномен, Ацо Шопов ја одржува врз ова тло, од себе си до себе си, континуирано својата поетска врста. И онолку колку што е поетот естетски индиферентен да ја докажува својата поетска постапка, толку резултатот на оваа постапка е супериорен во потврдувањето на поетското во оваа поезија.

Поетската врста на Ацо Шопов е − интимата. Тоа е онаа иста девиза на стариот Да Винчи: „Пише Леонардо што е тоа човечката душа“. Интимата во својот тоталитет, не само парцелата на тагата, радоста, љубовта, жената, бракот, туку и интимата на човековото колебање, на човековата несигурност и неизвесност:

Си отидов песно стара, песно невина,
си отидов без жалење.
А сега склупчена до прагот на утрината
една тешка неизвесност седи
и исто прашање без прекин повторува:
Зар вреди она што мислиш дека вреди?
(„Бела тага на изворот”)

Интимата што не знае за заклучување во себе со дванаесетте клучови од митологијата, интимата не само на конкретниот жител на Скопје, Ацо Шопов, туку интимата на поимот човек:

Иако се кршел од грбникот на орканите
овој ветар ретко останува дома
овој ветар нема татковина.
(„Prealudium“)

Ако интимата кај Ацо Шопов е животен предел врз којшто тој ги пуштил своите поетски корени, таа интимата е и израз, поетска експресија. Во поетската постапка на Ацо Шопов никогаш нема да забележите, ниту да почувствувате дистанс меѓу интимата на мотивот и интимата на изразот. Неговиот израз не е ексцентричен. Метафората негова е пригушена, лапидарноста не е нејзино својство. Тој е стопен со мотивот како од камен и во камен слејан кип:

Дали да отидам и да го побарам своето легло судно
или да го отстапам на секој слеп патник
што не се излечил од неверување
дали да отидам да станам маслинка на брегот
и да гладувам за невозможности.
(„Во секој град“)

Интроветрираноста е основно обележје на поетиката од Ацо Шопов. Кога го оценува поетски животниот настан, животното доживување, имам впечаток дека секогаш гледа во себе, длабоко во себе. Тоа е онаа релација, карактеристична за автохотните поети што секогаш значи однос не само меѓу себеси и својата свест, туку и меѓу себеси и својата самосвест.

Во Ветрот носи убаво време открив еден сосем нов мотив во поезијата на Ацо Шопов. Мотивот на психолошката животна состојба, карактеристична за модерниот човек, проблемот на неговата несигурност. Мотивот на човекот несигурен во себе си, или како вели поетот на човекот „што не ги познава сите свои корени“, мотив што е карактеристичен за следните песни: „Бела тага на изворот“, „Утеха“, „Чудно прашање“, „Да знам“, „Сосем налик на сите брегови“, „Кажи ми небо“ и „Во секој град“.

Во нив на многу заклучоци е ставен прашалник. Но, во Ветрот носи убаво време, психолошката состојба − несигурност, има една длабоко човечка смисла, еден широк човечки фон. Во оваа поезија мотивот: несигурност, не е морална категорија, етичка категорија, туку пред сè психолошко-филозофска.

Таа како да го поставува прашањето: сме способни ли за сè она што човечкото го бара од нас, што го бара возвишениот homo humanus.

III

Во одделни песни во Ветрот носи убаво време, поетската постапка на Ацо Шопов како да се оддалечува од својата органска автохтоност. Тогаш неа ја карактеризира една недијалектичност. Приоритетната нејзина ориентација кон интимното доживување и интровертираното чувствување на мотивот довело кај нив до хипертрофирање на емотивното и до атрофирање на мисловното. Мисловната димензија во овие песни ставена е на глува линија. Овој факт е несомнен и тој е еден значаен фактор за половичноста во нашето восприемање, во нашето доживување на овие песни, на пример:

Вечерва умира нешто,
нешто што нема име.
Црно млеко некој пие од облаците
а некој од право виме.
(„Добра ноќ”)

Интересно е исто така да се забележи, како поткрепа на она што погоре го реков, дека во овие песни, додека емотивното израснува како иманентност од мотивот, мисловното во нив како да е импортирано. Тоа е секако затоа што во овие песни мисловната димензија не е во творечки и дијалектички однос со емотивнета димензија.
____________________
* Георги Старделов, реч на промоцијата на книгата Ветрот носи убаво време, прочитана во рамките на „Литерарната среда”, по повод јавната рецензија на книгата. Текстот е објавен во Современост, 1958, VIII, 1, стр. 51−54.

____________________
Старделов е автор на монографијата Небиднината: поезијата и поетското искуство на Ацо Шопов, 2000.
Студии на Старделов за творештвото на Шопов work in process
По повод Ветрот носи убаво време, 1958
Нуркање во длабините на битието, 1970
Поетот Ацо Шопов, 1977
Поговор на Гледач во пепелта, 1991
Првата деценија од поетското творештво на Ацо Шопов, 1993