Вонредна изостреност на чувствата*

Иван Ивановски

Дваесет и седумте најнови песни на Ацо Шопов, озаглавени во насловот на последната песна и објавени во посебна книшка стихови, говорат за една поезија лирски растреперена и рафинирана, кристално јасна во своите интенции и интензивно и топло испеана од првиот до последниот стих. Последната негова стихозбирка, Ветрот… сосема јасно и евидентно го оцртува патот на Ацо Шопов, неговото квалитетно растење, кое не е мало, ниту незнатно.

По обем мала, стихозбирката Ветрот носи убаво време е исткаена од суптилни нијанси на чувствата, кои многу често се замрачени од авторовата неизвесност, од неговата менливост и непостојаност и тага. А неизвесноста и менливоста најмногу се присутни во неговите поетски ракописи. Меѓутоа тие (се мисли најмногу за тажниот штимунг), имаат некаков темен тон, но помалку мен, полн со добри зборови за утрешнината.

Минијатурата е прилично тешка работа. Во ликот на Шопов, таа наоѓа сигурен и продуховен мајстор. Во оваа стихозбирка, иако минијатурниот стих не е доминантен, тој сепак е карактеристичен по тоа што со него се продолжува континуитетот од поранешните збирки, а особено од Слеј се со тишината, и што се негува со една вонредна педантност и умешност. И во минијатурните стихови Шопов е сугестивен.

Мотивот во поезијата на Шопов (а тој најчесто е мошне разновиден, но сепак како негови синоними остануваат љубовта и осаменоста), е доживеан, автентичен со една завршеност и своевидна ориенталност. Нејасности нема; има музика во стихот која импонира со својата едноставност и искреност; има на места мисловна обоеност, која иако не е застапена во поголем број песни, се повеќе наоѓа присуство во поезијата на Шопов, правејќи ја на тој начин уште поинтересна и поетски поубедлива.

Во стиховите на Ацо Шопов, среќаваме вонредна изостреност на чувствата кон своите внатрешни интимни преокупации, кои се доведени до несомнен квалитет. Инаку стихозбирката обилува со повеќе добри песни, обилува исто така со сочни метафори и ефектни поетски фигури; како и со интензивен и богат свет, што пластично е насликан со боите и немирите на денот, поради што неговата стихозбирка Ветрот носи убаво време ќе ни стане драга и омилена лектира.

Сета растреперена, по малку дискретна — таква е поезијата на Шопов, а ако таа беше лишена од извесна лека импресивност и декоративност, ако медитацијата се слееше со музиката на стихот со иста силина не само во одделни песни туку во сите стихови, успехот ќе беше уште поголем. Но и вака тој е прилично голем и богат, што му обезбедува едно од завидните места во македонската поeзија, и го афирмира како инвентивен лиричар, како поет на тивкото, љубовно кажување, напоено со многу бои и ритми од животот.
_______________________
* Насловот е од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов. Тексот е објавен под наслов „Ацо Шопов: Ветрот носи убаво време – Издание „Кочо Рацин“ 1957”, во Млад борец, бр. 20, Скопје, 1957, стр. 8.